Контролорите на ЈСП како кондуктери, наплаќаат пред влез во „ноќните“ автобуси

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Од ЈСП „Скопје“ пратиле контролори да наплаќаат пред влез во автобусите на ноќните линии, иако нивна работна задача е да контролираат дали секој што влегол во автобус, платил уредно за возењето. Од ЈСП треба да објаснат имаат ли законски такво право.

Бесплатните билети на средношколците и на студентите не важат на ноќните автобуски линии. Тоа е податокот што од ЈСП „Скопје“ обично го објавуваат на почетокот на школската година кога се продолжуваат ученичките билети или се вадат нови, кој ретко кој од учениците го знае и го памети.

И наместо одвреме-навреме од претпријатието да ги потсетат учениците дека со нивните картички не можат да се возат во автобусите што сообраќаат во периодот од полноќ до 5 часот наутро, оттаму пратиле по двајца контролори, кои на влез од автобус им наплаќале по 50 денари на младите, што кај нив создало револт и неразбирање за ситуацијата.

Токму поради тоа два дена по социјалните мрежи се споделува видео од средношколка за тоа што се случувало на линијата 2 околу 1 часот по полноќ, кога десетици млади морале да им платат на контролорите за да ги пуштат во автобус. Ваквата постапка кај нив предизвикала нервоза, турканици, но и непотребно задржување на секоја попатна станица. Едноставно ЈСП без никакво соопштение решило да си ги наплати ноќните возења.

Втората опција на ЈСП е да ги испрати контролори во тек на возење, а во таков случај тие изрекуваат казна за неплатена карта од 1.000 денари, при што никакво објаснување не помага.

Фото: Скриншот

Од ЈСП „Скопје“ денеска не најдоа за потребно да дадат некакво објаснување. До овој момент нема одговор на прашањата зошто контролорите наплаќаат за возење на влез во автобус, иако нивна работна задача не е да бидат кондуктери, туку да контролираат дали секој што влегол во автобус, платил уредно за возењето. Имаат ли такво право? Останува дилемата кој ги пратил да го прават тоа, има ли таква одлука и како тоа се собирале пари на рака? Им издавале ли картички на патниците, валидирале ли картички?

За ноќните линии цената за превоз не е иста како за редовните. Според ценовникот на ЈСП, билетот за едно возење може да се плати само од електронски паричник и чини 40 денари или од мобилен телефон кога цената е 50 денари. Има и месечен ноќен билет за сите линии што чини 400 денари.

Неодамна, директорот на ЈСП „Скопје“ упати апел до граѓаните да плаќаат билет при употреба на јавниот превоз, а оние што веќе имаат, да ги валидираат своите билети.

 Апелирам до граѓаните за нивната свесност дека мора да ги плаќаат своите билети во автобусите при возењето и да ги валидираат оние што имаат билети, дали се бесплатни или платени да прават валидации, а оние што немаат, да си купуваат билет – изјави Кушовски во интервју за МИА.

Дали праќањето контролори да вршат наплата пред автобусите на ноќните линии е обид на претпријатието да ја зголеми наплатата, со оглед на тешката финансиска состојба во која се наоѓа ЈСП?

Како што е познато, претпријатието има сериозни проблеми во работењето, нема нови автобуси, старите се прикрпени за да го опслужуваат превозот, не им се исплаќа навреме на приватните превозници за услугата што ја вршат, а вработените во ЈСП на секои два месеца се закануваат со протест поради неисплатени плати во законски утврдениот рок во тековниот месец.

Притоа, токму ЈСП „Скопје“ секоја година добива милионски суми евра за субвенции за тешкотии во работењето од касата на Град Скопје. Годинава веќе му беа доделени 11 милиони евра со кои требаше редовно да им исплатува плати на вработените, а утре советниците треба да одобрат и дополнителни 2,5 милиони евра, кои исто така треба да се слеат на сметката на јавниот градски превозник.

ЈСП годинава доби 11 милиони евра субвенции, а сега се бараат уште 2,5 милиони

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот