„Контрапункт“ ќе ги промовира книгите „Дивидуа“ и „Дисeмблажа“ од Гeралд Рауниг

Плакат за промоцијата на книгите во Чифте амам

Здружението „Контрапункт“ во рамки на програмата на „Крик“ – фестивал на критичка култура ќе го промовира македонскиот превод на двете книги „Дивидуа“ (2016) и „Дисeмблажа“ (2022) од Гeралд Рауниг, кои претставуваат два дела од неговиот голем и значаен теориски и епистемолошки проект наречен „Машински капитализам и молекуларна револуција“.

Двете книги се во исклучително продлабочен, прецизен и комплексен превод на Жарко Трајаноски, а се објавени во едицијата „Пунктум“, која „Контрапункт“ ја покрена во 2020 година, со цел да ја стимулира современата критичка теорија, филозофија и теорија на уметност и култура, преку преводи, но и преку промоција на домашни автори.

Промоцијата ќе се одржи на 4 јули (четврток), со почеток во 19.30 часот, во објектот Чифте амам при Националната галерија.

Во „Дивидуа“, Рауниг нè води низ испреплетената историја на индивидуалноста, општеството и заедницата, укажувајќи на можниот крај на централноста на „индивидуите“ и „индивидуалноста“ („поединците“ и „поединечноста“) како темелници на нашите доживеани современи искуства, а наместо тоа тој ги акцентира моделите на бидување заедно и на заедништво.

Додека авторот ги препознава реакционерните аспекти на „дивидуата“ и „дивидуалноста“, бидејќи тие се спојуваат со поими како што се дисперзија, егзистенција и сличност, тој, исто така, нуди продуктивна и позитивна перспектива за нас и нашата општествено-политичка ситуираност, за тоа што значи да се биде дивидуален денес.

Во „Дисeмблажа“ продолжува со развивање на некои од тие идеи и имајќи веќе воспоставено нов теориски јазик околу дивидуалноста, во вториот дел од „Машинскиот капитализам и молекуларната револуција“, Рауниг продолжува да експериментира со идеите, но и со формите на отпор и самоорганизирање, користејќи специфичен и уникатен јазик кој почива на синергијата помеѓу филозофската проза и теориското пишување.

Тој ги продлабочува изворите за инспирација, за да ги распали отпорите против современиот капитализам и експлоататорското заробување на нашите енергии, а настраната мисла и традиционалните места на заедништво ги спојува заедно во одбрана на праксите на бројни востанија и дисемблажи, кои ги трансформираат нашите идеи за заедницата и сè што таа може да биде.

Гералд Рауниг своите ставови ќе ги презентира преку дијалог со бугарскиот филозоф и теоретичар Станимир Панајотов. Низ разговорот ќе се разгледа значењето и влијанието на клучните критични прашања на нашето време. Книгите се издадени со поддршка на Гете институт – Скопје, известија од „Контрапункт“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот