Концесионерите се богатат од продажба на домашен мермер, државата добива само 1 процент од приходот

Мермер/ Фото: ДЗР
Мермер/ Фото: ДЗР

Мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, како и сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци, покажува ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија на тема “Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“.

За експлоатација на минерални суровини заклучно со 2022 година се доделени вкупно 348 концесии на 257 концесионери , на вкупна површина од 333,73 км2, што претставува 1,3% од вкупната територија на државата, од кои за експлоатација на мермер се доделени 29 концесии.

За вршење на експлоатација на минерални суровини за периодот 2018 – 2022 година, наплатени се вкупно 2.781.024 илјади денари (околу 45 милиони евра) концесиски надоместоци од кои: 287.307 илјади денари (околу 4,6 милиони евра) надоместок за користење на простор, 2.487.581 илјади денари (околу 40,2 милиони) евра надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина и 6.136 илјади денари по основ на камата по двата основи.

– Со извршената ревизија и обезбедените докази стекнавме разумно уверување дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци и ефикасен систем на надзор над реализацијата на склучените договори, се вели во извештајот на ДЗР.

Со извршената ревизија ревизорите, меѓу другото утврдиле дека на национално ниво не е донесена долгорочна стратегија за оптимално искористување и управување со минералните суровини повеќе од 11 години, а активностите за нејзино изготвување се започнати во 2022 година,

Со рок на донесување до април 2024 година, додека законската регулатива која ја третира предметната област е изложена на чести измени и дополнувања, а одредени одредби не се доволно јасни и прецизни што создава несигурност при нивна примена.

Системот на плаќање на концесиските надоместоци, ДЗР наведува дека се спроведува без да биде уреден начинот на меѓусебна комуникација и размена на податоците помеѓу надлежните институции и без јасно дефинирање на меѓусебните односи и надлежности, што создава слабости во непречено и целосно следење на плаќањето и преземање на навремени мерки и активности за наплата на ненаплатените надоместоци од страна на концесионерите.

Висината на надоместоците за користење на простор кои се определени во државата е утврдена на ниско ниво, а воспоставениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатирани количини не ги одразува реалните пазарни/продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и истиот не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите.

– Остварените надоместоци во корист на државата од експлоатација на најквалитетниот мермер во износ од 103.248 илјади денари или 1,7 милиони евра за период од 2018 – 2022 година претставуваат 1% од остварените приходи од продажба на концесионерот.

За периодот 2018 – 2022 година, констатирани се помалку наплатени концесиски надоместоци во вкупен износ од 21.050 илјади денари односно 341 илјади евра од кои: 9.804 илјади денари по основ на простор, 5.421 илјади денари по основ на експлоатирана минерална суровина и во износ од 5.825 илјади денари по основ на пресметана, а ненаплатена камата и ненаплатен надоместок по записници од УЈП, информираат од ДЗР.

Ревизорите, исто така, укажуваат дека користените рударски техники за добивање на корисна маса и отсуството на мерки за реупотреба на јаловината имаат влијание врз степенот на искористеност на минералните суровини, како и зголемено производство на јаловина со кои се создаваат негативни ефекти врз животната средина.

Со извршено аерофотограметриско снимање од страна на експерт/геодет на дефинираниот простор на концесијата, кај две концесии утврдивме ископ на минерална суровина надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат концесионерите, а недостигот на инспекциски надзор врз донесените планови за управување со отпад создава ризик врз намалување на негативните ефекти и штетните влијанија врз животната средина.

– За надминување на погоре наведените состојби, до надлежните институции дадени се препораки кои се темелат на резултатите од извршената ревизија кои треба да обезбедат подобрување на состојбите во делот на: правната и стратешката рамка на системот за управување со процесот на доделување и одземање на правото за експлоатација на минерални суровини, функционалноста и ефективноста на постапките за доделување/одземање на концесиите за минералните суровини, наплатата на концесиските надоместоци и воспоставениот механизам за надзор и контрола над работењето на концесионерите, а со цел оптимално искористување на минералните суровини согласно начелата на одржлив развој, пишува во извештајот на ДЗР.

Ревизијата на успешност, како што посочува ДЗР е согласно годишната програма за работа за 2023 година и опфатени се прашања поврзани со системот за управување со процесот на доделување и одземање на правото за експлоатација на минерални суровини; концесиските надоместоци и надзорот над експлоатацијата на минерални суровини согласно склучените договори и издадени дозволи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот