Концертите од јавен карактер имаат големо значење за студентите од Одделот за џез-музика при УГД

Професорот Сашо Поповски и студентите од Одделот за џез-музика при Музичката академија – Универзитет „Гоце Делчев“ Штип

Настан со кој официјално беше заокружена третата сезона од концептот „Live at Audiokultura“, на кој генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, беше концертот на студентите на Одделот за џез-музика при Музичката академија – Универзитет „Гоце Делчев“ Штип, што се одржа на 24 јуни под менторство на професорот Сашо Поповски.

– Проектот „Students play Live at Audiokultura“ го креиравме со потпишувањето меморандум за соработка помеѓу Музичката академија – УГД Штип и „Аудиокултура“, преку кој студентите од Одделот за џез-музика добија шанса да настапат на сериозна сцена, во клуб кој во последните три години генерира сериозно висок културен импакт во современото живеење во Скопје. Серијалот предвидува вкупно пет концерти, од кои три се веќе реализирани и со исто темпо продолжуваме во септември, кога во програмата ќе имаме едно пијано трио и последниот концерт ќе биде повторно голем ансамбл, но со поразлична тематика – објасни Поповски.

За третиот концерт од серијалот во фокус беше музиката и, пред сѐ, културата од Африканскиот континент, со композитори како Абдула Ибрахим, Бубакар Траоре, Роско Мичел изведена во стил на авангардниот џез. На барање на студентите беше изведена и композицијата „On Mountain Top“ од албумот „Fallen Land“ („СЏФ рекордс“, 2020) на Сашо Поповски.

На концертот настапија Анастасија Самарџиева (вокал), Тезан Хајретин (гитара), Александар Ѓоргиевски (пијано), Емил Ејупи (бас-гитара), Андреј Крстевски (бас-гитара), Михаил Грујовски (бас-гитара), Виктор Мирчовски (конги), Теодор Јаневски (тапани – перкусии), Јан Стефановски (тапани – перкусии) и Игор Илковски (тапани – перкусии). Концертите од јавен карактер имаат големо значење за студентите.

– Природниот пат на џез-уметноста е преку образовниот систем да биде пренесена најнапред на клупската, а потоа и на фестивалската сцена. Во моментот „Аудиокултура“ е навистина идеалното место за промоција, презентација и афирмација на студентите, односно младите џез-таленти и со сигурност можам да потврдам дека многу идни нови џез-проекти се во процес на создавање и ќе произлезат благодарение токму на овие сесии – потенцира професорот Поповски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 237, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот