Концерт на гудачкиот квартет „Атака“ ќе се одржи на 47. „Денови на македонска музика“

Плакат за концертот на гудачкиот квартет „Атака“

Во Камерната сала на Филхармонија, на 2 октомври, со почеток во 20 часот, ќе се одржи последниот концерт во рамките на музичката манифестација 47. „Денови на македонска музика“ и ќе настапи гудачкиот квартет „Атака“.

Концертот е единствена можност да се проследат дела од различни периоди и стилови на македонската музичка мисла посветена на камерниот состав – гудачки квартет. На концертот ќе бидат изведени дела на композиторите Валентина Велковска-Трајановска, Гоце Гавриловски, Филип Иванов и Академик Ристо Аврамовски.

Гудачкиот квартет „Атака“ го сочинуваат младите, извонредни уметници: Ева Богоевска – виолина, Марија Трајковска – виолина, Илза Бафтиари – виола, Маја Михајловска – виолончело.

Ева Богоевска (1999) започнува да учи виолина на седумгодишна возраст (класа на Анна Кондратенко). Уште на самите почетоци нејзиниот талент доаѓа до израз со победата на Меѓународниот фестивал за класична музика „Охридски бисери“ после која добива покана да одржи два концерта во Братислава, Словачка. На 16-годишна возраст, како најмлад студент во Македонија, се запишува на ФМУ во Скопје (клас на Олег Кондратенко), каде дипломира во 2020 година. Добитничка е на бројни државни и меѓународни награди и признанија на реномирани фестивали и манифестации. Од 2017 година е членка на оркестарот „F.A.M.E.S“, а од 2020 година е вработена во оркестарот на Филхармонија.

Марија Трајковска (1992) своето образование го стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ (класи на Олег Кондратенко и Љубиша Кировски). Продолжува на ФМУ во Скопје (класа проф. Михајло Куфојанакис), а во 2013 година добива стипендија за додипломски студии на Конзерваторимот при Лин Универзитетот во Јужна Флорида (класа на Гијермо Фигероа). Во текот на своите студии во САД, Марија учествува на бројни мастеркласи, концерти, натпревари и фестивали. Во текот на студиите на Конзерваториумот за музика е дел од симфонискиот и камерниот оркестар, со кој настапува на повеќе концерти заедно со светски познати солисти, меѓу кои и со реномираниот Џошуа Бел. Дипломира со почести Cum laude во 2017 година. Од 2019 година е вработена во секцијата втори виолини во Филхармонија.

Илза Бафтиари се школува во ДМУБЦ „Илија Николовски – Луј“ (класа на Јован Бицевски), а студиите ги завршува на ФМУ во Скопје во класата на проф. Фросина Балова. Одржала бројни концерти и рецитали со својот брат, пијанистот Шкељзен Бафтиари. Настапувала во повеќе камерни состави и како солист со Македонската филхармонија, со Камерниот оркестар на ДМУБЦ на турнеја во Италија, како и со Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“. Илза е вработена во Косовската филхармонија, а од 2020 година и во Филхармонија во Скопје. Веќе пет години е активна членка на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, а редовно реализира и проекти со оркестарот на филмска музика „F.A.M.E.S“.

Маја Михајловска средното образование го завршува во ДМУБЦ „Илија Николовски – Луј“ (класа на Паскал Краповски), а дипломира Cum laude на ФМУ во Скопје (класа на Живко Фирфов). Во 2012 година ја добива наградата „Франк Манинг“ од истоимената британска фондација за најдобар студент на генерацијата. Во 2015 година ги запишува магистерските студии на ФМУ во Скопје, работејќи под менторство на познатиот чешки виолончелист Микаил Канка. Настапувала како солист со Филхармонија, оркестарот на ДМБУЦ и „Арко“. Добитничка е на бројни награди и признанија. Редовно настапува со својата сестра-близначка Марија, како дел од дуетот виолончела „Twins Cello“. Од 2015 година е дел од оркестарот на Филхармонија, а редовен учесник е и во проектите на филмскиот оркестар „F.A.M.E.S“. Маја еднакво комотно се чувствува во изведбата на класичен репертоар и други музички жанри. Таа е дел од бугарскиот кросовер квартет „Дестини“, со кој од 2019 година настапува во Бугарија и низ Европа.

Манифестацијата 47. „Денови на македонска музика“ е во организација на Сојузот на композитори на Македонија, а се одржува под покровителство на Претседателот на РСМ, со поддршка на Министерството за култура и туризам. Влезот на концертот е слободен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот