Компјутер сè уште немаат 6,2 отсто од деловните субјекти!

Credit line: Oleg Elkov / Alamy / Alamy / Profimedia

Денеска беше промовиран ДигитМак – Дигиталниот центар за иновации, а по тој повод се одржа симпозиум „Иднината на дигиталните иновации – симпозиум за соработка со академијата и индустријата“

Државниот завод за статистика открива дека 6,2 проценти од деловните субјекти немаат компјутер. Сепак, помал е процентот на оние што немале интернет, што значи дека иако немале компјутер, имаат интернет. Процентот што немале ни интернет е 1,1 процент.

Податоците покажуваат дека во секторот трговија сите користат компјутер, но дека сепак, интернет немаат 0,9 проценти од фирмите. Компјутерите и интернетот најмалку се застапени во хотелско-угостителската дејност. Според податоците на Државниот завод за статистика, 6,1 проценти од фирмите во дејност „Сместување и сервисни дејности со храна“ не употребуваат ниту компјутери ниту интернет.

Денеска  министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски откри уште поразочарувачки податоци. Според него, „85 отсто од приватниот сектор веќе користи интернет, но не им се целосно дигитализирани процесите внатре“.

– Мислам дека постои недостиг на финансирање затоа што Фондот за иновации во последните седум години наместо да финансира технолошки развој, дигитализација и иновации, финансираше рецепти за пица. Значи, отсуствуваше вистинската поддршка од државата. Но, ако имаме вистинска поддршка од државата, ќе го најдеме вистинскиот модел за технолошки развој во наредниот период и особено со буџетот за 2025 година мислам дека ќе постојат средства за финансирање дигитална трансформација на МСП. Но, значајно е и знаењето, мислам дека не постои доволна свесност што е процесот на дигитализација и што значи за малите и средните компании – рече Андоновски.

Денеска  беше промовиран ДигитМак – Дигиталниот центар за иновации, а по тој повод се одржа симпозиум „Иднината на дигиталните иновации – симпозиум за соработка со академијата и индустријата“ на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.

Деканот на ФИНКИ Боро Јакимовски истакна дека ДикитМак ќе прави процена на потребите за дигитализација на малите и средните претпријатија во државата.

– Првото што ќе го добијат компаниите е процена на нивното ниво на дигитализација и на нивните можности за дигитализација во рамките на користење на основното ниво на дигитализација, но и на напредните технологии од областа на „деотек“ сферата како вештачката интелигенција и слични области, по што ќе се направи план, стратегија и ќе им се помогне како да стигнат до средства за финансирање за да може да го поддржат тој процес на дигитализација. Исто така, ќе им се даде можност од наша страна за пристап до прототипирање некакви решенија, со цел врз база на податоците или процесите што веќе ги имаат воспоставено, да дојдат до некакво иновативно ново решение за поголема приходност и пооптимално производство – појасни Јакимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот