Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи ќе го истражува можниот судир на два авиона над Скопје

М-НАВ Контрола на летање/Фото: МИА

Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) од денеска почнува активности во Давателот на навигациски услуги М-НАВ, како дел од истрагата за безбедносниот настан на небото над Скопје на 7 септември во кој е избегнат судир на два авиона.

За настанот постапува и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), а ако се утврди дека има кривично дело наодите треба да се достават до Основното јавно обвинителство.

Контролорите во одбрана на колегите: Флајтрадар не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време

– В понеделник влегуваме во М-НАВ и ќе ги направиме потребните разговори, ќе ги преслушаме снимките од разговорите на контролорите со пилотите на авионите, а и ќе ги погледнеме и снимките. Ние не утврдуваме вина, туку причина која довела до ваков инцидент. Исто така, ќе побараме изјави од пилотите на двата авиона преку нивните воздухопловни власти, па ќе ја информираме јавноста. Се друго во моментот ќе биде шпекулација – изјави за МИА во петокот Зоран Илиевски, претседател на КИНСИВ.

Претходно од АЦВ потврдија дека постапуваат по настан пријавен од Давателот на навигациски услуги М-НАВ.

Според М-НАВ, во пропишаниот рок поднесена е пријава за безбедосниот настан и отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините.

– На 7 септември во 18.30 часот поднесена е пријава за безбедосен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор. Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за Цивилно Воздухопловство. Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури – наведе М-НАВ во соопштение.

ВИДЕО | Избегнат судир на два авиона над Скопје, АЦВ започна истрага

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот