Колку посилни националистички сили, толку послаба Европа

Додека светот со немир набљудува како се одвиваат изборите во САД, Европејците, во извесна смисла, веќе го дадоа својот глас. Неодамнешните избори што беа организирани во двете најголеми земји членки на Европската Унија, Франција и Германија, беа обесхрабрувачки и резултираа со значителни изборни победи на антизападната и антиевропска екстремна десница

Утрото на 6 ноември, светот веќе ќе знае дали Американците се оддалечиле од нивното глобално лидерство или, сепак, одлучиле да ја задржат својата водечка улога, заедно со посветеноста на нивната земја на сојузите кои постојат повеќе години, како што е НАТО. Ова се алтернативите што се меѓусебно силно спротивставени и кои, соодветно, се застапувани од изолационистот Доналд Трамп и од потпретседателката Камала Харис.

Сепак, додека светот со немир набљудува како се одвиваат изборите во САД, Европејците, во извесна смисла, веќе го дадоа својот глас. Неодамнешните избори што беа организирани во двете најголеми земји членки на Европската Унија, Франција и Германија, беа обесхрабрувачки и резултираа со значителни изборни победи на антизападната и антиевропска екстремна десница.

Иако на екстремната десница ѝ беше оневозможено да има целосно мнозинство во парламентите во двете земји, нејзините придобивки освоени на изборите беа мошне значителни и тие не може да се игнорираат. Гледајќи во перспектива, во овие држави ќе биде тешко да се формира стабилно мнозинство во кое ќе учествуваат демократските сили, а тоа истовремено значи и полесен пат за крајната десница, евентуално, да дојде на власт преку избори.

Во Франција, по деморализирачкиот пораз на политичкиот центар на европските избори одржани во јуни, претседателот Емануел Макрон неочекувано го распушти Националното собрание и распиша предвремени избори. Но, наместо работите да станат појасни, изборите доведоа до ситуација на блокиран парламент. Иако сојузот на левичарските партии освои најмногу пратенички места, тие не успеаја да обезбедат мнозинство.

Од своја страна, Макрон одби да соработува со крајната левица и со екстремно десничарскиот Национален фронт на Марин Ле Пен, кој освои најмногу места на европските избори. Со малку поинаков избор, тој назначи премиер од редовите на десничарските републиканци на Шарл Де Гол, чиј број се намали и кои сега се сведоа на една помала партија во парламентот. Негов избор е Мишел Барние, кој претходно ги водеше преговорите на ЕУ за Брегзит со Обединетото Кралство и кој се смета за стабилен кадар. Всушност, Макрон му ја подотвори вратата на Националниот фронт за негово индиректно учество во владата, и тоа поради зависноста на Макрон од премолчената поддршка на партијата за Барние.

Слична ситуација сега се наѕира и во Германија, каде што покраинските избори во Турингија и Саксонија исто така не резултираа со центристичко мнозинство. Како резултат на тоа, единствен начин крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD) да се задржи надвор од владата е вклучувањето на новоформираниот сојуз Sahra Wagenknecht (BSW), која е проруска партија со главна цел ставање крај на војната во Украина, но тој „мир“ да биде со прифаќање на условите на Владимир Путин.

И покрај тесната победа на Социјалдемократската партија на левиот центар во Бранденбург изминатава недела, неодамнешните покраински избори во Германија беа лошо навестување за федералните избори кои е предвидено да се одржат следниот септември. Засега, слабоста на демократскиот центар во Франција и во Германија може, ефективно, да му овозможи седиште на Путин во владата во двете земји.

Се разбира, политички гледано, Франција и Германија не се Унгарија или Словачка. Но, ниту Унгарија ниту Словачка не се толку централни за иднината на ЕУ како што се Франција и Германија. Ако Французите и Германците се колебаат затоа што не можат да формираат мнозинска влада на центарот, пошироката ЕУ е речиси сигурно дека ќе стагнира и ќе остане парализирана, при што ќе биде нем сведок на освојувачката војна која ја води Путин. Уште полошо, во денешниов светски поредок што брзо се менува и кој сè повеќе се дефинира со ривалства на големите сили, Европа ефективно би била истисната од глобалната сцена.
Со други зборови, Европа се соочува со тројна закана – онаа што се најде во засилен фокус на вниманието по изборите што беа одржани оваа година. Нејзиниот демократски поредок е загрозен од внатрешниот национализам, од насилниот ревизионизам однадвор и од потенцијалното враќање на американскиот претседател кој го презира НАТО (и безбедноста што ја овозможува овој сојуз).

Национализмот воскреснува низ цела Европа во изминатава најмалку една деценија, а својот прв голем и опасен резултат го имаше со референдумот за Брегзит во Обединетото Кралство кој се организираше во 2016 година. Сепак, последиците од ваквото воскреснување и понатаму предизвикуваат шок каде и да се појават. Капацитетот на екстремната десница да оствари силни изборни резултати во Германија е нешто што не може да се потцени. Ваквите случувања се и постојано ќе бидат значително проблематични за ЕУ, како што таа се обидува да го најде својот пат низ современата геополитичка средина која сè повеќе претставува значителен предизвик.

Европа која идеолошки останува фокусирана на ерата на национални држави, нема да може да продолжи со натамошна интеграција, која е неопходна за зачувување на нејзиниот суверенитет во светот денес, ниту, пак, ќе може да изготви ефективни и кохерентни политики за да се справува со прашања како што е имиграцијата, без разлика на тоа што на Европа ѝ се потребни дојденците за да може да се справи со својата демографска криза. Ако Европејците продолжат да ги поддржуваат неонационалистичките партии, тие со тоа ќе се поткопаат самите себе.

Единствената шанса за Европа во денешниов опасен свет е таа да покаже сила, и тоа преку единство. Колку посилни стануваат националистичките сили, толку Европа ќе биде послаба.

 

Республика

(Авторот е поранешен министер за надворешни работи на Германија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот