Кога ќе одмрзнат цените, ние ќе смрзнеме!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Владата ги замрзна цените на основните прехранбени производи до крајот на јануари 2022 година. Но, што потоа, кога струјата ќе поскапи поради нашата енергетска зависност, а горивата поради еколошките такси? Што ќе стави народот во платнените торби и во биоразградливите кеси?

Министерот за економија Крешник Бектеши во телевизиско гостување онака лежерно си кажа дека струјата ќе поскапи, ама тоа нема да биде повеќе од 20 проценти. Верувам дека на целата јавност што го слушна тој процент, ѝ се запалија ушите. Зашто, звучи страшно за народ што најголем дел од својата заработувачка ја троши за сметки и за храна. За проста репродукција, што би кажале економистите.

Но, ако се погледнат фактите, ќе се види дека тоа е нашата реалност. Струјата мора да поскапи затоа што ние веќе ја немаме како некогаш, а пандемијата диктира на берзите којзнае уште колку други неекономски математики. Тоа веќе не е во наша контрола. Контролата ја загубивме уште тогаш кога заборавивме дека треба да градиме енергетски капацитети, кога не го отворивме рудникот Живојно, кога заборавивме да направиме железница до РЕК Битола, кога не донесовме цевки за гас до ТЕЦ Неготино, иако од тамошниот цевковод нѐ делат само 8 километри…

Цената на струјата нема да удри директно само по џебот на граѓаните, ќе удри и индиректно на сѐ друго, исто толку силно, ако не и поопасно. Од цената на струјата зависи секој производ. Нема фирма што работи без струја. Така, струјата се заканува да донесе нови, повисоки цени, а дури и да не се намалат платите на работниците поради поголемите трошоци на газдите, тие автоматски ќе вредат многу помалку.

И, малку парадоксално, со така обезвреднети плати и со толку намалено индустриско производство – катастрофални 6,5 проценти во октомври годинава во однос на ланскиот октомври – ќе се тера зелената агенда. Не дека не траба, ама сега ли?!

Најчест коментар минатата недела беше – до кесите ни дошло! И, така е. Не дека не може да се купи една платнена торба, наместо на секое одење да се дава по два денара за една кеса, како досега. Што се однесува до кесите за ѓубре, ај да кажеме дека тој трошок ќе се компензира со овие два денара по кеса што сме ги давале досега и во кои сме го пакувале ѓубрето. Сепак, овде има и една поширока слика – во компаниите за кеси има 600 вработени. Компаниите мора да се приспособат на новите стандарди и да почнат да произведуваат биоразградливи кеси. Но, дали нашите фирми се така лесно технолошки прилагодливи, ако се знае дека германските добиле рок за приспособување од 7 години?! И дали воопшто тие ќе успеат да опстојат со продажба на кеси чија цена во трговијата е 15 денари? Логиката дека со помало производство може да добијат исти пари, паѓа во вода, затоа што парите што ќе стигнат со оваа цена одат во посебен еколошки фонд. Владата, во екот на пандемијата, навистина водеше голема битка за да се зачува секое работно место. Многу пари се дадоа за субвенционирање на платите на работниците. Зарем сега така лесно ќе им се погледне во очи на 600 вработени во фабриките за кеси и ќе се пренебрегне нивната судбина?!

Во парламентот, пак, треба да се решава уште едно еколошко прашање, овој пат преку еколошката такса за горивата. Законот е стокмен и си го чека својот ред за гласање. Според него, на бензините треба да им се додаде еколошка такса од 3,1 денар, а на дизелот од 3,5 денари. Потоа, и овие износи ќе влезат во основицата за пресметување на данокот на додадена вредност, што значи дека поскапувањето на горивата ќе биде уште поголемо. А и горивата, исто како и струјата, не само што директно ќе удрат по џебот на граѓаните, ќе удрат и индиректно, преку цените на сите производи.

Вака еколошки настроени и енергетски зависни, тешко дека ќе ја извојуваме битката со растот на цените на светските берзи. Организацијата за храна на Обединети нации јави дека цените на храната на светските берзи се највисоки во последниве 10 години. Владата донесе одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи до крајот на јануари 2022 година. Но, што потоа, кога струјата и горивата ќе поскапат? Ќе има ли што народот да стави во платнените торби и во биоразградливите кеси?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот