Кога гори воздухот, човек нема каде вода да се напие, чешмички ни „за лек“

Јавни Чешми / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

И покрај реакциите на граѓаните, повеќето скопски општини воопшто не се заинтересирани да одговорат колку чешмички имаат на своја територија, колку од нив се во функција, дали ги задоволуваат потребите на граѓаните и дали имаат намера да постават нови.

Во Скопје и годинава како и секое друго лето во изминативе години се повторува истото – во пеколно жешките денови по улиците нема човек каде да се напие вода и да се разлади.

Не само што јавните чешмички се реткост, туку и доколку се наиде на некоја, вистинска среќа е од неа да прска вода, а да не е сува и претворена во корпа за отпадоци.
Доколку, на пример, се тргне пеш во должина на булеварот Партизански одреди, скопјани треба да бидат подготвени дека нема да наидат на чешмичка за вода, ниту доколку се рекреираат на кејот на Вардар. Нема ниту на детските игралишта. И тоа е така во сите населби низ Скопје. Единствен спас од жештините е граѓаните со себе да си понесат шише со вода.

Проблемот со недоволниот број чешмички долго трае и се повторува секоја година, но, за жал, очигледно се заборава штом помине летото. За него знаат и општините и надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“, но не само што не се решава проблемот, туку секоја година сѐ помалку од нив се во функција.

Јавни Чешми / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

И покрај реакциите на граѓаните, повеќето скопски општини воопшто не се заинтересирани да одговорат колку чешмички имаат на своја територија, колку од нив се во функција, дали ги задоволуваат потребите на граѓаните и дали имаат намера да постават нови.

Одговорија единствено од Карпош, Гази Баба и од Чаир.

На територија на општина Карпош има 6 чешмички во надлежност на општината и уште десетина во надлежност на Градот. Во моментот сите се во функција. Но, за жал, овие јавни добра постојано се вандализирани и оштетувани од неодговорни лица, поради што општината троши ресурси за да се одржува нивната функционалност во корист на граѓаните – велат од Општината.

ФОТО/ВИДЕО-АНКЕТА: Граѓаните жедни, чешмичките или затнати со ѓубре или претекуваат, ретко која нормално работи

Очигледно има и недоразбирање околу тоа дали јавните чешмички се во надлежност на „Водовод и канализација“ или во општинска надлежност.

Во моментов се работи на попис на сите фонтани што функционираат на територија на општина Гази Баба. Секако дека има барање и за поставување нови, но поради новонастанатата ситуација повеќето не функционираат и се исклучени бидејќи на нив нема поставено водомери. Станува збор за проблем на кој граѓаните реагираат, но истиот не е во директна надлежност на општината, туку на ЈП „Водовод и канализација“ како носители на правото за водоснабдување во градот Скопје – објаснуваат од Општина Гази Баба.

Јавни Чешми / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Од Чаир пак,  се оградија дека не се одговорни за чешмичките, дека ним само им стигале фактури за вода, кои не се плаќаат затоа што на јавните чешми не се поставени водомери.

Минатата година ЈП „Водовод и канализација“ соопшти дека претпријатието во иднина ќе се грижи само за оние што се лоцирани на јавна површина во надлежност на Град Скопје. На другите, кои се во надлежност на општините, требаше да се постават водомери.

ЈП „Водовод и канализација“ донесе одлука за поставување водомери на чешмите што се во надлежност на општините, кои по поставувањето на водомерите, ќе бидат одржувани од нивна страна, додека оние што нема да бидат преземени од општините, нема да бидат пуштени во работа – соопштија минатата година од претпријатието.

Оттаму објаснија дека општините ќе бидат надлежни и за поставување нови фонтани или чешмички и на нивно барање ЈП „Водовод и канализација“ ќе им дава приклучок за вода на кој ќе биде поставен водомер. Оние што нема да бидат преземени од општините, нема да бидат пуштени во работа, тврдеа од претпријатието.

Ваквиот начин на функционирање го потврдуваат и годинава.

Јавните чешми според последната одлука за нивно одржување, се прифаќаат од општините, според нивната проценка за задоволување на потребите на граѓаните на таа територија, се преземаат од општините за наплата на искористената вода измерена со поставување на водомери, како и за нивно понатамошно одржување – велат од „Водовод и канализација“.

Јавни Чешми / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Според нивните податоци врз основа на последната евиденција на територија на Град Скопје, во моментов има 227 јавни чешми и фонтани. Најмалку ги има во општина Бутел.

Потрошувачка има кај 189, од кои 86 се евидентирани со водомери, а останатите 103 се во процедура на прифаќање. Исклучени се 38, од кои 27 се евидентирани додека останатите 11 не се прифатени – прецизираат од претпријатието.

Оттаму велат дека не можат да одговорат дали капацитетот на јавните чешми ги задоволува потребите на граѓаните, затоа што, според нив, општините треба да се запознаени со потребите на своите граѓани.

И така, на скопјани им останува сами да се погрижат за своето здравје додека се движат низ градот во претоплите денови и да не се надеваат многу дека градската и општинските власти ќе им го олесни секојдневното функционирање. Тоа ниту досега се случило, ниту ќе се случи.

Не шетајте низ Скопје без шише со вода, низ градот има само 200 чешмички

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот