Кога е вистинско време децата сами да тргнат на одмор?

Фото: Miguel Angel / Flickr

Не постои „идеално“ време за првото самостојно летување, туку тоа зависи од зрелоста на детето, но и од односот во семејството, начинот на комуникација и ставот на родителите за тоа прашање. Затоа, треба да бидете мудри и рационални.

Кога ќе наполни 13 -14 години (по завршено седмо или осмо одделение), вашето дете кое до вчера не се одвојувало од вас, почнува да ве моли да го пуштите да летува со другарите, додека за средношколците е сосема нормално и разбирливо да бидат раздвоени од родителите барем 10 дена. Тие сакаат да бидат самостојни и да се чувствуваат возрасни.

На тие години расте потребата на децата за забава без контролирање и дружење без надзор, што родителите ги става на маки, бидејќи нема едноставен одговор на прашањето: „Кога е време за прво самостојно летување?“. Не постои „идеално“ време за првото самостојно летување, туку тоа зависи од зрелоста на детето, но и од односот во семејството, начинот на комуникација и ставот на родителите за тоа прашање. Затоа, треба да бидете мудри и рационални.

Не се сите деца одговорни

Децата се разликуваат, како и семејствата и средината од која потекнуваат. Се зависи од тоа колку детето е социјализирано, способно нормално да функционира во група на врсници, да се снајде во разни ситуации и да се грижи за себе. Некои деца се зрели и на 15-годишна возраст, а некои ниту на 18 години не можат да функционираат без надзор и помош на родителите, објаснуваат психотерапевтите. Повеќето тинејџери се подготвени за самостојно летување дури на 17-18 години, по завршувањето на втората или третата година средно училиште, а се советува родителите да не ги попречуваат во нивната намера и реализација.

Смислата на адолесценцијата е, всушност, излегувањето од семејството и менувањето на семејните врски. Тие врски не се прекинуваат, туку добиваат нови облици и димензии и тоа не треба да го спречувате.
Адолесцентите го бараат своето место во општеството и самостојното летување во тоа може многу да помогне. На тинејџерите многу им значат сознанието и чувството дека успеале сами да се снајдат во тие 10 дена летување.

Важно е родителите да го запознаат своето дете и реално да согледаат дали е во состојба да биде само на море или на езеро. Родителите треба да разговараат и да испитаат какви се детските ставови за самостојните летувања. Да го прашаат каде би сакало да оди, со кого, што очекува од сето тоа. Така полесно ќе се заклучи дали е подготвено само да летува. Но, колку и да звучи парадоксално, пред да замине детето на одмор, родителот треба да биде подготвен за тоа, велат психолозите.

Направете компромис

Родителите треба да одат постепено, чекор по чекор. Во почетокот тоа може да биде летување со одделенските врсници и наставникот, или спортски клуб, извидувачка група, секција во која учествува. Ова е добар пристап, бидејќи детето ќе мора да се снаоѓа без родителите, но ќе има заштита од наставникот и тренерот.

Ако сè уште не сте подготвени да го пуштите детето само на летување, понудете му да летува со вас, но во истото место каде што ќе престојуваат неговите пријатели. На тој начин, деновите ќе може да ги поминува со нив, навечер ќе може да излегува и да се забавува, но ќе спие во хотелот или апартманот кој сте го изнајмиле за вас. Детето ќе има слобода, а вие ќе бидете мирни, затоа што ќе бидете доволно блиску да видите како сето тоа функционира. Тоа може да биде одлична проба за самостојно летување наредната година.

Не држете предавања

Родителите најмногу се плашат дека децата, ако одат сами на море, ќе почнат да пушат, пијат, ќе пробаат дрога, ќе стапат во ризични сексуални односи.

Нормално е родителите да се грижат за своето дете, но не би требало премногу да се оптоваруваат. Ако детето сака да направи нешто лошо, тоа ќе го направи и дома.

Пред патувањето, на детето треба да му ги дадете основните совети како да се чува и однесува во случај на незгоди или болести. Предавањата за опасностите, дрогата, цигарите, алкохолот, тепачките и сексот не треба да се одвиваат во минута до 12 часот. Ако дотогаш не сте му објасниле дека не треба да пие и пуши, колку дрогата е опасна, да избегнува тепачки и ризични сексуални односи, тогаш разговорот пред самото патување нема смисла.

На јавувајте се на секој час!

Ако веќе сте му дозволиле на детето да оди само на летување, не би требало да му се јавувате на секој час, да проверувате што работи, дали и што јадел, кога легнува и кога станува… Доволно е детето да ви се јави кога ќе стаса на дестинацијата и уште неколку пати во текот на одморот, бидејќи во спротивно, ако постојано го контролирате, летувањето ќе се претвори во „кошмар“ и за вас и за него.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот