Коце Трајановски ја презеде директорската функција во Јавното претпријатие за државни патишта

Фото: Фејсбук

Во канцелариите на Јавното претпријатие за државни патишта беше извршено примопредавањето на функцијата меѓу новоназначениот в.д. директор и досегашниот директор Ејуп Ристеми. Новиот директор на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски порача дека ќе работи чесно и посветено за да се реализираат што повеќе проекти и да се подобрат условите на граѓаните.

Трајановски се заблагодари за дадената доверба од претседателот на Владата за да го води ова јавно претпријатие и најави дека ќе работи на реализација на што повеќе проекти.

– Благодарам за дадената доверба од Претседателот на владата Христијан Мицкоски за да го водам ова јавно претпријатие. Ќе работам чесно и посветено се со цел да се реализираат што повеќе проекти, кои ќе ги подобрат условите за живот на граѓаните, напиша Трајановски на неговиот Фејсбук профил.

Досегашниот директор Рустеми на Фејсбук напиша дека претпријатието го остава во перфектна кондиција и со извонреден перформанс.

– Во текот на мојот мандат, односно од месец ноември 2020 година, до денес, нескромно можам да се пофалам со успешен мандат, со високо ниво на исполнување на годишните програми и рекордно ниво на реализација на капиталните инвестиции во државата. Притоа, сите ние во ЈПДП посветено работевме на главните цели – изградба, рехабилитација, реконструкција, одржување, и безбедност на државните патишта. Остваривме рекордни инвестиции во нови модерни патишта, како и рекордна година на приходи од наплата на патарини. Меѓутоа, ова беше и историски мандат, минатата година започнавме со реализација на најголемиот инфраструктурен проект во современата историја на државата – изградбата на автопатиштата на Коридорот 8 и на Коридорот 10 д. Овие години драстично го зголемивме нивото на капиталните инвестиции, при што во 2023 година имавме над 400 милиони евра инвестиции, напиша Рустеми.

Трајановски беше назначен за в.д. директор на ЈПДП откако новиот Управен одбор на претпријатието го разреши Рустеми.

Трајановски од 2009 до 2017 година ја извршуваше функцијата градоначалник на Скопје, а претходно беше и градоначалник на Гази Баба до 2005 година.

За назначувањето на Трајановски денеска реагираа од опозициската СДСМ од каде оценија дека ВМРО-ДПМНЕ ја партизира државата со враќање стари кадри.

– ВМРО-ДПМНЕ го враќа градоначалникот кој го спроведе најголемиот градежен криминал во историјата на земјата, проектот Скопје 2014. Му се даваат 600 милиони евра во рацете и моќ да раководи со најголемите инфраструктурни и градежни проекти. Иако во исто време, Коце Трајановски е косопственик и управител на фирма чија дејност опфаќа и градежништво, рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот