Книгата „Уметност и револуција“ на Гералд Рауниг ќе биде промовирана низ разговор со Ивана Драгшиќ

Покана за настанот во Чифте амам

Во рамки на деветото издание на „Крик“ – фестивал за критичка култура насловено „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“, годинава „Контрапункт“, во својата едиција „Пунктум“ посветена на новите критичко-теориски правци на мислата и дејствувањето, објавува три книги од еден од најзначајните и најпредизвикувачки теоретичари на уметноста и филозоф, комплексно полемичниот Гералд Рауниг.

На македонски јазик се преведени трите најзначајни книги на Рауниг: „Уметност и револуција“ во превод на Катерина Шекутковска, „Дивидуа“ и „Дисeмблажа“, во превод на Жарко Трајаноски, кои наскоро, според „copy left“ принципот, за кој Рауниг, исто како и „Контрапункт“ се големи застапувачи, ќе бидат објавени и онлајн, во ПДФ.

На 3 јули, со почеток во 19.30 часот, во Националната галерија „Чифте амам“, низ дијалог помеѓу Рауниг и Ивана Драгшиќ ќе биде промовирана култната книга „Уметност и револуција“, во брилијантен превод од германски јазик на Катерина Шекутковска.

– „Уметност и револуција“ е своевидна алтернативна историја на уметноста на „долгиот дваесетти век“, која го покрива периодот од Париската комуна, од 1871 година до турбулентните протести против глобализацијата во Џенова во 2001 година. Правејќи детален, прецизен и теориско-креативен премин од ситуационистите и Сергеј Ејзенштајн кон виенскиот акционизам и „Publixtheatre Caravan“ како проект на „Volxtheater Favoriten“, меѓународна театарска трупа базирана во Виена која е со уметнички и длабоко политички предзнак и која развива критички перформанси, „Уметност и револуција“ се осврнува на револуционерните исчекори во уметноста и во општеството и оптимистички го исцртува излегувањето од своите приказни за трагичен неуспех и недвосмислена катастрофа.

Со елоквентна примена на идеите и постулатите на Делез и Гатари за „машината“, Рауниг ја проширува постструктуралистичката теорија на револуцијата до експлозивната врска на уметноста и активизмот. „Уметност и револуција“ ги охрабрува новите генерации уметници и мислители да одбијат да учествуваат во истрошените рецепти на диктирани од пазарот и авторитетите, а наместо тоа да создаваат радикални нови методи на социо-културно ангажирање. Рауниг развива неопходна, современа концепција за политичката промена – концепција што ги надминува застарените формулации на востание и отпор. Според Рауниг, се пролеа премногу крв и мастило за уметничките машини да смеат да си дозволат да останат одвоени од револуционерните машини.

„Уметност и револуција“ на Гералд Рауниг е многу повеќе од научен труд – оваа книга е афирмација на новите конститутивни практики, напишана во бурната средина на социјалните движења дваесеттиот век. Антиглобализациското движење е исто толку појдовна точка за книгата како и дискурсите околу конститутивната моќ и мултитудата (според Антонио Негри) и околу политичката критика на репрезентацијата на Феликс Гатари, Жил Делез и Мишел Фуко за запатистите/ките. Што се однесува до централното прашање за уметноста и револуцијата околу формите на преплетување помеѓу уметничките и револуционерните машини, како егземпларна подлога во „Уметност и револуција“ се користат антирасистичките, квир-феминистичките и номадските практики на Фолкстеатар-карванот – истакнуваат од „Крик“.

Книгата е издадена со поддршка на Гете институт – Скопје.

Гералд Рауниг е филозоф и теоретичар на уметноста. Работи во eipcp (European Institute for Progressive Cultural Policies/Европски институт за прогресивни културни политики) како еден од уредниците на мултилингвалната издавачка платформа и како професор по филозофија на „Zürcher Hochschule der Künste“.

Ивана Драгшиќ е социолог и граѓанска операторка со интерес за контракултурни практики, институционални иновации и слободно време. Таа е активна истражувачка, авторка и уредничка на теми за заедништво и екофеминизам, со изразен интерес кон следните испреплетени концепти: јавен простор, урбано зеленило, учество на граѓаните, управување со ресурси, основен универзален приход, грижа и удобност/конвивијалност. Драгшиќ е уметница, аматерска изведувачка, пушта музика на радио и во клубови.

„Крик“ – Фестивалот за критичка култура, финансиски е поддржан од Гете институт, Министерството за култура на Република Северна Македонија и програмата „Креативна Европа“ на Европската Комисија, финансирана од Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот