Клуч кон едно понежно, помалку мажествено и поприземно читање носи изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“

Изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“ до 9 јули ќе биде поставена во МКЦ

Галеријата „Грал“, во соработка со Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, пред културната јавност ја презентира изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“ на македонскиот уметник и академик Глигор Чемерски. Отворањето на изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“ се одржа на 24 јуни, а ќе биде поставена во галеријата на МКЦ до 9 јули оваа година.

Во текот на 80-тите и на почетокот на 90-тите години на минатиот век, Чемерски често престојувал во Париз, каде што бил застапуван од „Галери ду флов“ (Galerie du Fleuve) во периодот од 1983 до 2003 година. Постојано присутен на тамошната ликовна сцена, во тој период Чемерски реализирал повеќе изложби во таа галерија.

Најголем дел од цртежите и гвашевите претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на „Галери ду флов“, создадени во тој период. Куратор на изложбата е м-р Елена Чемерска.

– Во многу ситуации за Чемерски се зборува како за автор од големо национално значење за културниот идентитет на Македонија, поради начинот на којшто се занимавал со културолошките напластувања на овој негов регион. Тој позајмува иконографија од неолитот па сѐ до модерната уметност, во неговите слики гледаме ехо на виничките теракоти, мозаиците од Стоби, византиските ансамбли, во случајот на Споменикот на слободата дури и автори како Борко Лазески, итн.

Елена Чемерска на отворањето на изложбата во МКЦ

Она што мене ми се гледа важно за неговото творештво, а дефинитивно и на оваа изложба, е да понудам клуч кон едно понежно, помалку мажествено, можеби поприземно читање. Велам посебно за оваа изложба, бидејќи мислам дека форматите со кои сме опкружени апсолутно го овозможуваат увидот во една поинаква вредност на делата на Глигор, а тоа е токму моментот на радост на создавањето, на отвореноста, а со тоа и ранливоста која ја внесува во таа игра на презентација, на задоволството во физичка смисла на создавање на делото и, конечно, на хуморот кој го произведува – истакна, меѓу другото, кураторката Елена Чемерска на отворањето на изложбата.

Глигор Чемерски (1940 – 2016) е сликар, графичар, мозаичар. Еден од најплодните македонски модерни автори, неговите дела се застапени во голем број галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број награди и признанија.

Чемерски работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф. Автор е и на повеќе монументални дела: „Топла Земја“ (1971, фреска, Стопанска Банка, Скопје), „Човекот и светлината“ (1975, мозаик, ХЕЦ Вруток), „Споменик на слободата“ (1981, меморијален мозаички комплекс, Кочани), „Македонија – светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ (2006, мозаици, Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија, Скопје) итн.

Живеел и работел на релација Скопје – Белград – Париз. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на РСМ, „Јуроп хаус Скопје“ и винарница „Попов“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 237, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот