Ќе се задолжиме 530 милиони евра кај ММФ, стигна „позитивната вест“ што ја очекуваше Ковачевски

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во земјава даде зелено светло за доделување 530 милиони евра на Република Северна Македонија преку кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ – The Precautionary and Liquidity Line) во рок од 24 месеци. На располагање годинава ќе бидат 110 милиони, соопшти Министерството за финансии.

Премиерот Димитар Ковачевски пред неколку дена изјави дека очекува „позитивна вест“ од ММФ и кредитори за нови заеми со кои Владата ќе ја пребродува економската и енергетската криза. Од првично планираното задолжување, кое во државниот буџетот за годинава беше одредено на 787 милиони евра, со ребалансот од летово сумата за заеми речиси се удвои, на 1,5 милијарди евра, што е речиси една третина од вкупниот буџет за годинава (4,4 милијарди евра).

– Ова е големо признание за економските политики кои се спроведуваат во земјава, бидејќи Фондот овој финансиски инструмент го наменува само за земји со здрави економски фундаменти и со здрави политики, информираа попладнево од Министерството за финансии.

По финалното одобрување на овој инструмент од страна на Бордот на ММФ, кое се очекува во текот на овој месец, на нашата земја веднаш ќе и бидат ставени на располагање 110 милиони евра за финансирање на буџетските потреби и за полесно соочување со шоковите кои ги донесе енергетската и ценовната криза.

– Самата намена на инструментот е да пружи ликвидноста поддршка на здрави економии во време на шокови и кризи, каква што е тековната глобална ситуација, појаснуваат од Министерството за финансии.

Во изјавата на мисијата на ММФ се дава признание и на заложбите на Владата за понатамошно спроведување на фискалната консолидација, како и реформите во јавните финансии, пред се новиот Закон за буџети и фискалните правила кои ќе придонесат во оваа насока.

– Пристапот до овој финансиски инструмент, испраќа силни сигнали од страна на ММФ за домашната економија на меѓународните пазари и инвеститори. Имено при одобрувањето, покрај позитивната оцена за економијата од последната мисија на Фондот во земјава, ММФ ги оценува и фискалната политика, монетарната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор и соодветноста на податоците. Оваа линија значи доверба во економијата и политиките кои се спроведуваат во земјата, велат од Министерството за финансии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот