Кафка достигна поетски височини пишувајќи ѝ на својата сакана Милена: Таа беше мажена за друг, а тој венчан за книжевноста

Милена Јесенска, Франкц Кафка / Фото: Profimedia

Книжевниот свет остана трајно фасциниран од љубовната врска помеѓу Милена Јесенска (1896-1944) и Франц Кафка (1883-1924) полна со допишувања. Оваа романса е овековечена во познатите писма на Кафка до Милена.

Кафка им пишувал и на своите вереници, но овие писма ги достигнуваат поетските височини на неговото трогателно обраќање до Милена. Нивната врска била интелектуална, не помрачена од заканувачката сенка на иден (неуспешен) брак. Можеби ова е причината за неограничената размена на наклонетост. Милена била мажена за друг. Кафка бил венчан со книжевноста.

Од писмата дознаваме многу за Кафка, но и животната приказна на Милена Јесенска е подеднакво важна и интересна. Таа била одлична новинарка, оригинална писателка, исклучителна преведувачка и интелектуалка која активно била посветена на големите и болни рани на своето време.

Фото: ARCHIVIO GBB / Alamy / Alamy / Profimedia

Таткото на Милена, Јан Јесенски, бил стоматолог и професор на Универзитетот Каролина во Прага. Мајката, Милена Хејзларова, умира кога нејзината ќерка има само 16 години. Милена студирала во Минерва, првото класично средно училиште за жени во централна Европа, место кое се сметало за значајно во промовирањето на еманципацијата на жените. По дипломирањето, кратко студирала на медицинскиот факултет, потоа на конзерваториумот, но за разлика од кафка кој живеел во сенката на својот татко, таа се спротивставила и ги напуштила двете студии. Таа се префрлила на книжевност, што предизвикува незадоволство кај нејзиниот татко.

Се приклучила на Комунистичката партија во 1931 година, но по неколку години ја напуштила во знак на протест против болшевичкиот режим. Била уапсена во Прага кога пристигнале Германците и депортирана во концентрационен логор за жени во Равеснбрук, каде што починала во 1944 година.

Фото: GL Archive / Alamy / Alamy / Profimedia

Во текот на четирите години заробеништво, со големи емоции ѝ се доверувала на една друга голема жена, која во логорот станала нејзина најблиска пријателка: Маргарет Бубер-Нојман. Милена и Маргарет сонувале откако ќе излезат од логорот да напишат заедно книга за овие искуства, „Ера на концентрационите логори“; а тоа ѝ успеа само на Маргарет, триесет години подоцна, кога ја објавила книгата што претставува луцидно, скапоцено и срцепарателно сведоштво за тој период (Милена, 1977).

Милена била љубопитна млада жена: страсно ги читала Хамсун, Достоевски, Вајлд, Бајрон… Во 1918 година, против волјата на нејзиниот татко кој бил голем националист, се омажила за Ернст Полак, еврејски интелектуалец и литературен критичар, кого го запознала преку литературните кругови во Прага кои се собирале во Кафе Арко – посетувано од писатели како Макс Брод, Јоханес Урзидил, Франц Верфел – и се преселила со него во Виена.

Таа не се вклопувала во својот нов живот во град во кој постојано била сама. Работела како приватен учител, а набрзо почнала да пишува за „Трибуна“ во рубриката посветена на жените и, меѓу другото, да преведува текстови на Роза Луксембург, Херман Брох, Франц Верфел, Стивенсон, Гијом Аполинер, Пол Клодел. Така, во 1919 година, прочитала расказ од прашкиот писател Франц Кафка од кој останала силно импресионирана, па му напишала писмо за да добие одобрение за превод од германски на чешки јазик.

Фото : akg-images / akg-images / Profimedia

Уште од почетокот се случила жива преписка меѓу двајцата, кои сепак се сретнале само двапати: во Виена, а потоа во Гмунд. Врската, пред сè пријателска, а потоа и љубовна, била кратка, но интензивна, речиси секојдневна, а била прекината во ноември 1920 година, четири години пред смртта на Кафка.

На 22 април 1920 година, во неделникот Кмен, благодарение на Милена и нејзиниот превод, Кафка за првпат бил објавен на странски јазик. Подоцна, таа превела повеќе други дела од Кафка, меѓу кои и славната новела „Преобразба“.

Во Виена, Милена Јесенска започнала да пишува статии и за други списанија, на пример за „Народни лист“, списание кое се занимавало и со мода, но и со општи теми – пријателство, брак, младост…, во кои ја открива својата брилијантна интелигенција и големиот капацитет за социолошка анализа.

Во 1925 година таа одлучила да се разведе од Полак и се вратила во Прага; тука ја продолжила својата активност како новинарка, пишувајќи за разни весници и списанија (и под разни псевдоними). Се запознала и се омажила со чешкиот архитект Јаромир Креичар и во 1928 година се родила нејзината ќерка Јана.

Фото: – / ČTK / Profimedia

Кога се приклучила на Комунистичката партија, таа пишувала во списанија како „Руде Право“, „Свјат Приче“ и „Творба“, кои се занимавале со социјални теми, како што се абортусот, но и цензурата. Во октомври 1934 година, завршил и нејзиниот втор брак.

Помеѓу 1937 и 1939 година таа пишувала во престижното политичко и културно списание „Притомност“ – впечатливи биле нејзините воведници, коментари и политички извештаи за подемот на нацистичката партија во Германија, за „систематската и целосна нацистичка индоктринација во училиштата“, за антисемитизмот кон Евреите, за распарчените семејства…

По окупацијата на Чехословачка од страна на германската армија, Милена Јесенска се приклучила на движењето на отпорот помагајќи им на многу Евреи и политички бегалци во иселувањето, а во тој период пишувала во весникот „В Бој“. Нејзиниот стан станал место за средби на припадниците на отпорот и прибежиште за оние кои сакаат да побегнат во странство, еден вид штаб за Чеси, Германци, па дури и Британци, кои имаат за цел да се борат против националсоцијализмот.

Фото: Wikimedia commons / Wald1siedel

Во ноември 1939 година Милена била уапсена од Гестапо и затворена прво во Панкрак, а потоа во Дрезден. Во октомври 1940 година била депортирана во концентрациониот логор Равенсбрук во Германија. Ќерката на Милена, Јана Крејкарова (подоцна Јана Черна, 1928-1981), исто така, станала позната писателка, насочена кон феминистичката авангарда.

И во логорот Милена давала сила и утеха на многумина кои биле околу неа, помагала колку што можела бидејќи работела во амбуланта. Починала на 17 мај 1944 година во логорот, од последици на злосторнички изведена операција на бубрег. Последните мисли ги упатила на нејзината ќерка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот