ЈСП годинава доби 11 милиони евра субвенции, а сега се бараат уште 2,5 милиони

Јсп/Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Уште 160 милиони денари, односно околу 2,5 милиони евра ќе добие  годинава ЈСП „Скопје“ од Град Скопје, доколку советниците ја изгласаат одлуката за изменување на Одлуката за давање субвенции на јавното претпријатие за 2024 година, на седницата на Советот закажана во четврток.

Предложените измени предвидуваат промени во една од ставките за субвенции, поточно онаа што се однесува на потешкотии во работењето на јавното сообраќајно претпријатие, каде првичниот износ од 485 милиони денари треба да се зголеми на 685 милиони денари, при што се наведува дека средствата се обезбедени со Буџетот на Град Скопје за 2024 година.

Со оваа одлука за изменување на Одлуката за давање на субвенции на ЈСП „Скопје“ за 2024 година, се врши усогласување со Буџетот на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.22/23 ).Поради горенаведеното, а во насока на подобрување на транспортната услуга на  граѓаните на подрачјето на градот Скопје како и непречено одвивање на јавниот превоз се предлага измена на предметната одлука односно на средствата за цели како што е наведено во диспозитивот – пишува во образложението на предложената одлука.

Пред точно осум месеци, на 22 јануари, Советот на Град Скопје во еден ден одржа две вонредни седници под притисок на синдикатите од ЈСП, кои бараа да се одобрат субвенциите за да им се исплати декемвриската плата. По жестоки расправии, обвинувања, па дури и навреди, откако на првата седница за еден глас не беа изгласани, по еден час се одржа уште една седница, на која беа одобрени субвенциите во износ од 11 милиони евра.

Повторно закана со протест на возачите на автобуси: Зошто ЈСП не ги исплаќа навреме платите?

Додека се одржуваше седницата во Скопје немаше јавен превоз, а вработените со часови стоеја пред бараките на Град Скопје. Зад барања за исплата на субвенциите со кои требаше да се исплати плата, заеднички застанаа синдикатите и тогашниот директорот на ЈСП Крсте Петровски, а добија поддршка и од градоначалничката Данела Арсовска. Граѓаните, како и секогаш, повторно без нивна вина беа жртви на овие случувања и по студот неколку часа беа оставени без автобуси.
Субвенциите не ги решија проблемите со финансиската состојба на ЈСП, па оттогаш досега синдикатите уште неколкупати најавуваа протест поради задоцнета исплата на плати. Веројатно, се очекува дека дополнителните субвенции привремено ќе ја олеснат состојбата на јавното претпријатие, додека не пристигнат новите на почетокот на наредната година. Дополнителни средства од Град Скопје, во износ од 2 милиони евра, претпријатието доби и минатата година.

В четврток советниците треба да гласаат и за давање субвенции на ЈП „Улици и патишта“ за, како што се вели во предложената одлука, одржување и оперативни трошоци на Центарот за управување и контрола на сообраќај во износ од 20 милиони денари -„ситни“ пари во однос на оние наменети за ЈСП.

Недоразбирањата меѓу ЈСП и советниците ќе „удрат“ по граѓаните: Ако до понеделник нема субвенции, ќе нема ни автобуси

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот