ЈСП доби уште 2,5 милиони евра за исплата на платите што биле зголемени трипати годинава

Јсп/Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

На денешната седница на Советот на Град Скопје неодговорени останаа повеќе прашања што советниците ги упатуваа до директорот на ЈСП Драги Кушовски, кој иако беше присутен во салата, не излезе на говорницата за да даде какви било објаснување – ниту за долгот кон приватните превозници, ниту за инцидентите со контролорите.

ЈСП „Скопје“ доби денеска дополнителни субвенции од околу 2,5 милиони евра, кои со претходните повеќе од 11 милиони, се највисоките субвенции што досега на годишно ниво му се исплатени на ова јавно претпријатие од Град Скопје, вкупно околу 14 милиони евра и тоа наменети само за исплата на плати. Парите веќе биле обезбедени во буџетот за 2024 година, но не биле исплатени одеднаш со надеж дека можеби претпријатието ќе „закрепне“ и нема да му бидат потребни.

Сепак, на денешната седница на Советот на Град Скопје неодговорени останаа повеќе прашања што советниците ги упатуваа до директорот на ЈСП Драги Кушовски, кој иако беше присутен во салата, не излезе на говорницата за да даде какво било објаснување.

Па, така, нејасно остана колкав е долгот на ЈСП кон приватните превозници, кои деновиве повторно бојкотираат и возат само во одредени периоди на денот и не на сите линии. Не се знае ниту со колкав број автобуси сообраќаат приватниците, ниту, пак, дали ЈСП изврши оптимизација на возниот ред во согласност со расположливите автобуси како што беше договорено на координативната средба кај градоначалничката Данела Арсовска минатиот месец.

Советниците од Левица побараа објаснување од директорот Кушовски за инцидентите во ноќните автобуси со контролорите, но и за нееднаквиот третман на граѓаните од страна на контролорите. Кушовски не почувствува потреба да одговори.

Совет на град Скопје / Фото – Слободен печат / Методи Здравев

Во негово име на говорницата се појави секретарот на Градот, Зоран Глигоров, кој објасни за што се наменети овие нови субвенции и им порача на советниците дека ова не е седница за советнички прашања.

Помина седницата за советнички прашања и таму требаше да ги поставите овие прашања. Оваа одлука има формален карактер затоа што средствата се обезбедени во буџетот. Овие средства ги изгласавте како Совет и се дел од буџетот, не се нови средства и се наменети за исплата на плати. Треба да знаете дека платите се трипати зголемени годинава, исто така и придонесите. Да потсетам дека централната власт должи 8 милиони евра и поради тоа претпријатието трпи големи штети – рече Глигоров.

Советникот Страшо Ангеловски посочи дека ќе гласа за субвенциите не само затоа што средствата се предвидени во буџетот туку и затоа што знае дека доколку не се изгласаат, ќе следува познатото сценарио со бојкот и прекин на превозот.

Контролорите на ЈСП како кондуктери, наплаќаат пред влез во „ноќните“ автобуси

Но, за советникот Филип Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ, ниедна причина не е доволна за да го даде својот глас за субвенции за ЈСП, без оглед како ќе гласаат другите од неговата советничка група.

ЈСП стана бунар без дно и се очекува постојано да го полниме тој бунар. Јас не се согласувам со тоа и секогаш ќе се грижам за граѓаните. Истите луѓе што сега ни кажуваат дека овие средства се за плата, во јануари тврдеа дека субвенциите што тогаш ги добија од над 11 милиони евра ќе бидат доволни за плати до крајот на годината. Доколку оваа одлука помине, субвенциите ќе бидат над 800 милиони денари што е за 300 повеќе од пред две години иако има сѐ помалку автобуси, а повеќе патници – рече Јаневски.

Субвенциите беа изгласани со поддршка на 28 советници, а претходно повторно не беше изгласан предлогот за набавка на нови автобуси со пари од буџетот, без да се прецизира колку средства ќе се предвидат за таа намена.

Мнозинството советници не покажаа разбирање и за потребата од вработување нови пожарникари. Во моментов од потребните 384 за територијата на Скопје, работат само 172, со тенденција, како што беше нагласено на седницата, овој број да се намалува. Во предлог на годишниот план за вработување во Град Скопје за наредната 2025 година се предвидуваат вработувања на 99 луѓе во 13 градски сектори, од кои најмногу 50 во Бригадата за противпожарна заштита. Но, за ова поддршка дадоа 19 советници, а за изгласување беа потребни 23,  додека седуммина беа воздржани, а останатите не ни гласаа.

Советот не ги прифати ниту извештаите за работа на средните училишта за учебната 2023/2024. Не гласаа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Забелешки беа изнесени на формата на извештаите, како и заа подносителите на извештаите каде што наместо директорот биле поднесувани од училишни одбори, иако Министерството за образование нема образец како треба да изгледаат тие извештаи. Изгласани беа само извештаите на „Владо Тасевски“, „Шаип Јусуф“ и „Сарај“ од вкупно 23 средни училишта.

Пропадна уште еден обид да се постават советнички прашања, Арсовска не се појави на седница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот