ЈП за државни патишта не дава пари за општинските улици – им следуваат 15 милиони евра, а добиваат само по пет

Фото: Фејсбук/Град Скопје

Јавното претпријатие за државни патишта го прекршува Законот за јавни патишта и не им доделува на општините половина од парите што граѓаните ги даваат за патна такса при годишната регистрација на возилата, утврди Државниот завод за ревизија. Во 2022 година претпријатието од оваа такса прибрало 29,5 милиони евра и наместо да им распредели вкупно 15 милиони евра на Градот Скопје и на општините низ државата, им префрлиле само 4,8 милиони евра, а оваа пракса трае со години! Општините заради ова немаат доволно средства за изградба и реконструкција.

Со претпријатието од 2021 година раководи Ејуп Рустеми, кадар на ДУИ.

– Во 2022 година ЈП за државни патишта има искажано приходи од патна такса во вкупен износ од 1.818.312 илјади денари (29,5 милиони евра), што претставува наплатен надоместок за употреба на јавни патишта за моторни и приклучни возила, што имателите на моторни возила го плаќаат при регистрација на возилото. Со член 60 став (4) од Законот за јавните патишта уредено е дека 50 отсто од уплатените средства на сметката на ЈП по основ на надоместок за патната такса од регистрација на моторни возилата, се приход на ЈП за државни патишта и треба да се користат за изградба, реконструкција, рехабилитација и заштита на државните патишта, а 50 отсто треба да се распределат на општините, односно на Градот Скопје за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на општинските патишта и улици. Со извршениот увид во деловните книги утврдивме дека ЈП за државни патишта не постапува согласно законските одредби при распределба и евидентирање на остварените приходи од патна такса за општините. Имено, секоја година се распределуваат по 300.000 илјади денари (4,8 милиони евра) за изградба, реконструкција и одржување и заштита на општински патишта и улици, што е значително помалку од законски определениот износ. Исто така, претпријатието за оние средства кои не се распределени не воспоставува сметководствена евиденција на обврски кон општините, додека за распределените неосновано искажува трошоци и приходи – се вели во Извештајот за работењето на претпријатието за 2022 година.

Ревизорите нагласуваат дека ваквиот начин на распределба на средства по општини е констатиран и во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2015 година. Овие состојби, се додава во изве[тајот, не се во согласност со Правилникот за водење на сметководство со кој е уредено дека податоците во трговските книги мора да бидат целосни и комплетирани, навремени, ажурирани и да бидат презентирани хронолошки, односно точно да го одразуваат временскиот редослед на нивното настанување, што влијае на реалноста и објективноста на искажаните податоци за приходи, расходи и обврски во финансиските извештаи за 2022 година.

Распределба на приходи од патна такса по општините во период 2016 – 2022 година во илјади денари / извор: ДЗР

– Констатиравме дека ЈП за државни патишта во периодот од 2016 до 2022 година остварува 11.361.173 илјади денари приходи од патна такса (185 милиони евра), при што 5.680.588 илјади денари треба да бидат распределени на општините (92 милиони евра). Иако остварените приходи бележат тренд на зголемување, средствата кои се распределуваат по општините секоја година се во ист износ и во наведениот временски период изнесуваат вкупно 2.100.000 илјади денари (34 милиони евра). Со ревизијата утврдивме дека за 63 отсто помалку се распределени средства по општините, што влијае на нецелосно создадени финансиски услови за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на општинските патишта и улици – констатираат ревизорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот