Јончевски пред Словачка и Норвешка: Имаме четири победи, но еден кикс може да не врати долу на табелата

Фото: КФСМ

Нашите најдобри кошаркари заминаа за Левице, каде во четврток навечер од 18. часот во овој град, ќе го одиграат натпреварот од петтото коло од групата „Д“ од вториот претквалификациски круг за место во оние главни квалификации за Евробаскетот 2025.

Селекторот Александар Јончевски е оптимист, и смета дека Македонија мора да атакува барем една гостинска победа во наредните два натпревари.

„Имаме четири бода, но еден кикс може да нè врати долу на табелата. Можеме да очекуваме тешки натпревари, бидејќи секоја селекција има свои математики. Словачка и Норвешка имаат две победи и не се предаваат, сигурно ќе играат на победа. Освен Данска, нема откажани репрезентации, сите имаат свои математики. Имаме два-три дена да се подготвиме и да видиме како ќе настапиме. Ќе видиме дали ќе промениме нешто во тактиката, бидејќи веќе одигравме два натпревари со истите репрезентации. Очекувам позитивен исход“ – вели селекторот.

Јончевски гледа само на првиот меч во овој ФИБА „прозорец“, оној против селекцијата на Словачка

„Победивме на домашен терен, во исклучително тежок натпревар во кој во поголемиот дел бркавме негатива, стигнавме до победа против Словачка. Научивме доста од тој натпревар како да пристапиме на возвратниот. Двете селекции имаат измени од ростерот на тој натпревар. Ние ќе ги немаме Димитријевиќ и Јакимовски, а Словаците ќе сметаат на нивниот најјдобар играч Бродзијански. Верувам дека и тие се подготвуваат за игра на победа, па ќе видиме како тактички ќе одговориме на промените. Целиме на една победа, секако дека ќе играме на две победи, но имаме позитивна енергија и греота е да не го искористиме овој позитивен скор од четири победи на стартот“ – појаснува Јончевски.

Со оглед на ограничениот период за тренинг, стручниот штаб на нашата сениорска репрезентација предвиде и четири тренинзи во спортската сала во Левице. Поради транспортот од Скопје преку Виена до Левице, многу извесно е дека првиот кој е предвиден за вечерва од 19.30 до 21 часот ќе биде прескокнат.

Сениорите ќе тренираат на 22. февруари од 11 до 12 часот, а потоа и од 18 до 19.30 часот. Ќе бидат на теренот и на денот на одигрување на натпреварот, во периодот од 10 до 11 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот