Јастребот Караганов го притиска Путин да посегне по нуклеарниот арсенал

Никој не се плаши од нуклеарниот арсенал на Русија - Фотографија ЕПА, Максим Шипенков

Влијателниот експерт бара Русија да возврати со „тактички нуклеарен напад врз членка на НАТО“, кој, според него, не би предизвикал општа и глобална нуклеарна војна

Во период кога Киев очекува дозвола да користи долгострелно оружје подарено од земји на НАТО за напади длабоко во Русија, а Москва предупредува дека тоа би можела да го протолкува како објавување војна од страна на Алијансата, политички јастреби бараат од претседателот Владимир Путин да ја ескалира ситуацијата до крајност.

Влијателниот политички експерт Сергеј Караганов побара од Путин да заземе поагресивен став и да посегне по нуклеарно оружје во судирот со Западот. Во интервју за весникот „Комерсант“, тој предложи Русија да возврати со „тактички нуклеарен напад врз членка на НАТО“, кој, според него, не би предизвикал општа и глобална нуклеарна војна.

– Тоа би било порака до сите сегашни и идни непријатели дека Русија е спремна да употреби нуклеарно оружје – изјавил Караганов.

Тој објаснува дека новата воена доктрина треба да оправда таков напад, бидејќи би се протолкувало дека со украинскиот продор кон Курск е загрозен територијалниот интегритет на Русија.

– Време е да се објави дека имаме право да одговориме со нуклеарен удар на какви било силни напади врз наша територија. Тоа важи и за какво било грабање наша територија – наведува поранешниот советник на претседателите Борис Елцин и Владимир Путин, а сега шеф на московскиот Советот за надворешна и одбранбена политика.

Иако е близок до претседателот Путин и шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, ставовите на Караганов не секогаш се поклопуваат со оние на Кремљ. Тој повеќе од една година погласно од која било истакната фигура во Русија повикува на промена на нуклеарната доктрина, дури и откако Москва неодамна најави дека ќе го стори тоа. Во актуелната доктрина е истакнато дека Русија треба да биде спремна да го употреби своето нуклеарно оружје „за да возврати на напад со нуклеарно оружје од друга земја“ или кога „со конвенционален напад е загрозено постоењето на државата“.

– Таквата доктрина е неодговорна, па дури и самоуништувачка… Непријателите на Русија не се одвратени, туку се убедени дека речиси и да не постојат услови во кои Москва би посегнала по нуклеарно оружје – наведува Караганов.

Професорот честопати ја повикувал Москва да ја остави отворена можноста за „предупредувачки нуклеарен напад“ за да ги „отрезни своите непријатели“.

Караганов му е близок советник на Путин – Фотографија ЕПА, Александер Казаков

Претседателот Путин го спомнал нуклеарниот арсенал неколкупати откако нареди воена инвазија врз Украина, но упорно тврди дека Русија може да извојува победа во „специјалната операција“ и без да посегне по нуклеарно оружје, кое речиси сигурно би водело до нуклеарен холокауст.

На прашањето како е можно Русија да употреби тактичко нуклеарно оружје против членка на НАТО, а да не предизвика глобална војна, Караганов објаснил дека има начини да се избегне „Армагедон“.

– Ве уверувам дека сите нуклеарни сили имаат планови за внимателно одмерена употреба на нуклеарно оружје во специфични ситуации. Јас не повикувам да тргнеме по опасна патека, повикувам да се спасат светот и Русија. Или ќе ја добиеме оваа војна или ќе се распаднеме. Западот може да се бие до бескрај, бидејќи има голема полза од оваа војна. Јас воопшто не повикувам на нуклеарна пресметка, не сакам да се стигне до тоа, но да се запре пред да ни преостане ужасен избор – изјави Караганов за „Комерсант“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот