Јаневска: Во тек се разговори за повисоки плати на наставниците

д-р Весна Јаневска / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Синдикатот за образование и наука (СОНК), Министерството за образование и наука и премиерот Христијан Мицкоски разговараат за повисоки плати на наставниците. Како што изјави министерката Весна Јаневска се разговарало за методологија, потребите на наставниците и можностите на државата.

– Деталите сè уште се во фаза на дискутирање и дооформување. Значи се разговараше за идните можности, се разговараше за методологија, се разговараше за потребите на наставниците, за можностите на државата и продолжуваме и понатаму да изнаоѓаме соодветни решенија на општо задоволство на сите – изјави Јаневска, која присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Прашана дали е договорено за зголемување на платите на наставниците за 12 отсто, Јаневска одговори дека сè уште се дискутира.

За зголемување на студентскиот оброк, министерката информираше дека тоа ќе зависи од буџетските средства за наредната година.

– Во буџетот за следната 2025 година предвидуваме зголемување на студентскиот оброк. Знаете дека во фаза на реконструкција се два дома во Скопје. Но, се предвидува повеќегодишна реконструкција на повеќе домови ширум земјата. Зголемен е обемот на стипендии и да се исполнат барањата на студентите. Променивме неколку Правилници, а тоа е за оние што имаат завршено со 180 кредити, да можат да аплицираат за постдипломски студии, ги изменивме Правилниците за оние кои сакаат да студираат на педагошката Академија. Значи сè што можеме како држава и министерство да оствариме веднаш го правиме тоа – вели таа.

Таа посочи дека останува да се разговара и за Законот, потоа за студентскиот стандард и за други барања кои ги имаат студентите.

На почетокот на септември опозициската партија, СДСМ организираше протест, откако министерката за образование и наука најави дека во ребалансот на буџетот не се предвидени средства за покачување на платите на наставниците за 12 отсто во септември, но најави дека зголемување ќе има во март, следната година.

Јаневска: Партијата која имаше можност да го подобри статусот на наставниците сега повикува на протест

За неможноста зголемувањето да биде реализирано оваа година, министерката Весна Јаневска ја обвини претходната власт, која, како што кажа, оставила празен буџет и лошо ги планирала средствата.

Од протестот се огради Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК). Претседателот на синдикатот, Јаким Неделков тогаш ги повика членовите да не учествуваат на протест, без разлика кој го организира, освен на активности на кои СОНК е организатор.

Членовите на СОНК нема да учествуваат на партиски организирани протести

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот