Јаневска: Партијата која имаше можност да го подобри статусот на наставниците сега повикува на протест

Весна Јаневска/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Повиците за протести на наставниците доаѓаат од партија која имаше можност да го подобри статусот на наставниците. СДСМ која до вчера беше на власт и имаше министри, заменици-министри и државни секретари, која ја оставија државата во распад, го оставија МОН со буџетска дупка од пет милијарди и која имаше можност да го поправи статусот на наставниците, но тоа не го направи, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Во изјава за МИА Јаневска нагласува дека како министерка останува на ставот дека ќе се бори за подобрување на статусот на наставниците и дека во првиот момент кога ќе има можност за зголемување на платите, откако ќе се стабилизира Буџетот, тоа ќе биде направено.

Таа посочува дека со ребалансот на Буџетот обезбедени се 900 милиони денари за плати за наставниците, а се прават напори во ноември или декември наставниците да добијат и регрес за годишен одмор.

Опозицијата организира собир на наставници – порака до власта итно да се покачат платите

– Како Влада и како министер кој доаѓа од редот на наставниците, ќе се бориме да има контиунитет во подобрување на статусот на наставникот и нема да се откажеме од тоа да ги доведеме на вистинското место во општеството, не само во однос на платите. Постојано ќе бидеме во контакт со социјалните партнери – со синдикатите кои ќе работат независно, а не поттикнати од политички партии. Ќе разговараме и ќе бараме начини како да го подобриме статусот на наставникот – вели Јаневска.

За утре пред Министерството за образование и наука е најавен протест организиран од страна на СДСМ под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите“. Пратеничката Даниела Николова денеска на прес-конференција рече дека тоа ќе биде собир на којшто ќе биде искажан револтот од погрешните политики во образованието од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Членовите на СОНК нема да учествуваат на партиски организирани протести

Од протестот се оградија од Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК). Претседателот на синдикатот Јаким Неделков вели дека нивните членови нема да учествуваат на партиски организирани протести.

Tој појасни дека синдикатите си ја работат својата работа и нагласи дека секое мешање на политичките партии во образованието е очигледно и може да биде контрапродуктивно.

– Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20.000 просветни работници, се оградува од секаков вид на политички влијанија и дејствија во образованието. Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект – се вели во објавата на Неделков на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот