Јаневска на првиот академски час на УГД: На државата ѝ треба поддршка, особено од младите
„Само со многу труд, истрајност и поддршка од опкружувањето, можете да ги остварите целите кои сега ги поставувате. На сите студенти и на професорите им посакувам добро здравје и многу успеси во новата академска година“, рече министерката за образование и наука на првиот академски час во новата академска 2024-2025 година на Универзитетот “Гоце Делчев“ во Штип.
„Од денес имаме нова генерација на студенти. Им посакувам добредојде во академскиот свет. Внимателност и активно учество во предавањата, ќе им помогнат за полесно совладување на материјата. Љубопитноста ги проширува видиците и овозможува надминување на резултатите од учењето, кои се наведени во студиските програми. Креативноста, иновативноста и желбата за натпревар пак, создаваат лидери на позитивни промени, лидери на бизниси и на општествени процеси и токму такви нам ни се потребни“, рече Јаневска.
Министерката рече дека на државата ѝ е потребна поддршка од сите чинители, особено од младите, за, како што рече, да го забрзаме напредокот.
„Без млади, не само што нема добра, туку нема никаква иднина. И затоа ми е драго за сите вас, што сте одлучиле да студирате и искрено очекувам да го реализирате својот потенцијал токму тука. Тој потенцијал ќе го надградувате заедно со професорите. Ним сте им препуштени, верувајте им и слушајте го секој еден совет кој го даваат“, додаде Јаневска, потенцирајќи дека УГД е „реномиран универзитет каде работите не се препуштени да течат сами по себе, туку се носат храбри одлуки, се иновира и се инвестира во условите и во човечкиот капитал“.
Јаневска информираше дека за професорите следува значително повисока плата од следната календарска година.