Јана Луловска подготви изложба што ги поместува границите на секојдневната комфорна зона

Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија на 22 септември, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Natura in Vita/ Vita in Natura“ на Јана Луловска. Куратор на изложбата е Ана Франговска.

– На македонската ликовна сцена во последните години станува сѐ поактуелна работата со дискурзиви на екологијата и заштитата на животната средина, што укажува на фактот дека уметниците се моќна алатка во освестување и праќање на јасни сигнали до политичките чинители за ургентноста од систематски промени. Една од тие визуелни чинители е уметницата Јана Луловска, која со својот мултимедијален пристап, во кој доминантна позиција има нејзиниот матичен медиум – фотографијата и сите нејзини експериментални перпетуации, дава свој придонес во изнаоѓање на механизми за враќање кон природата. „Natura in Vita/ Vita in Natura“ е насловот на нејзиниот најнов проект, кој се состои од фотографски документарни архиви од животот и работата на село; широкоаголна пејзажна фотографија (сите фотографии трансферирани, во зависност од циклусот, со експериментални методологии на разновидни основи, со цел да му даде на овој медиум друга, поконцептуална и посовремена димензија), звучна инсталација, мирисна семантика и самоодржлива зелена градина во затворен простор и сето тоа зачинето со аспектот на интеракција, т.е. партиципација, во кој и самиот реципиент на визуелниот проект, се чувствува дека придонесува во целата наратологија – пишува Ана Франговска во текстот со кој се најавува изложбата на Луловска.

Со овој проект, Луловска става акцент врз илузиите на денешницата – т.е. дека ја гледаме природата како изолиран ентитет. Односот меѓу човештвото и природата е многу покомплексен и нивната динамика се менувала низ вековите. Истовремено, неопходно е да се промени антропоцентричната концептуализација на природниот свет, во кој природата со векови се гледа како „ресурс“ кој им служи на човековите потреби. Природата, како што вели Т. Ј. Демос, мора да се деколонизира. Луловска ги поместува границите на секојдневната комфорна зона, поставува прашања, нуди и солуции, а на нас е, на критичкиот набљудувач и консумер, да ја прифатиме пораката во проектот и да делуваме, најнапред со својата активност во проектот, а потоа и индивидуално, секако во контекст на одржливоста, за која постојано зборуваме рецентно. Оттука еден голем уметничко-еколошки наклон кон Луловска за освестувачкиот проект и за интеракцијата со публиката, како нужен ко-чинител во одржувањето, т.е. веќе борбата за одржување на еко-балансот, посочува Франговска.

Јана Луловска е мултимедијален уметник. Завршила додипломски студии на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија, специјализација уметничка и применета фотографија.

Во својата работа Луловска се фокусира на темите феминизам, екологија и природа, слободно изразување/граѓанско општество, психологија, емоционалност, перцепција, свесност, култура, филозофија, наука. Во моментов таа работи на женското наследство, животна средина/екологија и инклузивност. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 146, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот