Јалдз Веапоска стравува дека четврти судија ќе суди за нејзините извадени органи

Јалдиз Веапоска пред судот во Струга/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Јалдз Веапоска, родилката од Дебар на која ѝ беа извадени матката, јајникот и бубрегот при царски рез во болницата во Струга, а за што на обвинителна клупа се тројца доктори од струшката болница, стравува дека овој процес ќе му биде делегиран на четврти судија, откако двајца претходно се пензионираа, а третиот кој во моментов суди има мандат само до септември.

Во меѓувреме, денешната седница на која требаше да биде презентирано супервештачење од одборот за судско-медицински вештачења се одложи. Веапоска за „Слободен печат“ тврди дека 19-те доктори од одборот најверојатно не можело да се состанат поради периодот на годишни одмори, што ја става во неизвесност.

Според неа, се користат сите можни механизми за одолговлекување на постапката. Обвинението за несовесно лекување болни против докторите Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и Лилјана Јовановска беше поднесено во 2022 година.

– Ако не му го продолжат на судијата мандатот кој му трае една година, тогаш судењето може да почне од почеток со четврти судија.

Ако има четврти судија тоа ќе биде големо одолговлекување и едноставно ќе биде жалосно за мене како граѓанин и затоа молам на истиот судија да му се продолжи мандатот и да не мора да почнува мојата постапка од почеток.

Очекувам правдата да излезе на виделина од супервештачењето на судско-медицинскиот одбор. Како што сум чекала две години, така ќе чекам да дојде и нивното вештачење. Сакам да има одговорност за мојот случај – изјави за „Слободен печат“ Веапоска.

Судење за случајот со родилката од Дебар Јалдз Веапоска/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Инаку, судот прифати со супервештачење да се утврдува како и зошто родилката Јалдз Веапоска остана без три органи – матката, јајникот и бубрегот, кога во 2020 година отиде да се породи со царски рез во струшката болница. Супервештачењето е вештачење од повисок степен, односно стручно-критичка експертиза на две противречни вештачења.

Судот во Струга прифати да се прави супервештачење, затоа што верзијата за тоа што се случувало во операционата сала која ја даваат вештаците од Институтот за судска медицина, е дијаметрално спротивна од таа на вештакот на обвинетите доктори.

Јалдз Веапоска

Инаку, вештакот од Медицинскиот факултет доктор Драге Дабески, наведува дека тројцата обвинети лекари од болницата во Струга направиле се да ѝ го спасат животот на Веапоска. Тој вештачењето го изготвил на барање на обвинетите и наодот е контрадикторен во споредба со оној изготвен од Институтот за судска медицина.

Веапоска за „Слободен печат“ изјави дека не само што не е точно дека ѝ бил спасен животот, туку ја направиле инвалид.

– Во неговото вештачење вели дека обвинетите доктори ми го спасиле животот со тоа што ги извадиле моите органи и со тоа што ме направиле половина човек. Како ми го спасиле животот кога ме пратиле за Скопје, пак сум легнала на операција и 14 дена бев во кома? Не знам како застанав на нозе и благодарна сум им на лекарите на клиниката во Скопје, но не на овие доктори тука кои ми го упропастија животот. Ме направија инвалид, жена која не може повеќе да раѓа и не можам повеќе да имам деца – изјави Веапоска.

Дабески, пак, тврдеше дека Веапоска била во животозагрозувачка состојба поради крвавење од бубрежната артерија, но одлуката дали требало да се извади бубрегот била на хирурзите.

Според него, првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, примениле соодветни средства при лекувањето, не направиле пропусти и спасиле еден млад живот.

Јалдз Веапоска со адвокатот видно разочарана од текот на судењето во судот во Струга/Фото: Слободен печат/Мирослава Симоновска

 

Сашо Јанев, адвокат на Веапоска посочи дека вештачењето од Институтот за судска медицина укажува дека се пропуштени многу работи при операцијата.

– Обвинетите ќе мора да одговараат за дејствијата кои ги презеле и за тие дејствија што не ги презеле. И самиот суд верувам ќе биде заинтересиран да се утврди вистината, како е возможно бремена жена да влезе здрава и права во операциона сала, а да излезе без три органи. Ќе ја расчистиме таа мистерија со пресудата. Доблесно е обвинетите да кажат колку се виновни за вадењето на органите- рече Јанев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот