Извршители и нотари како естрадни ѕвезди

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Нешто е скапано во функционирањето на нотаријатот и извршувањето. Смрди надалеку. Не може, бре, некој извршител или нотар да направи годишна добивка од 200.000 евра, 300.000 евра! Да не измислил случајно лек за рак? Ако за правнички работи се даваат толку пари, зошто некој судија, на пример, да не земе плата од 200.000 евра? Не оди така таа работа!

Гледам, нов оглас за нотари и извршители. Ќе се засилува кадарот. Ќе има 12 нови нотари и двајца извршители, барем според последниот оглас. За нешто да се смени, не се размислува.

Но, ајде да почнеме по ред. Што прават нотарите, а што извршителите?

Потписот на нотарот треба да биде светост дека еден документ е веродостоен, дека едно наследство се спровело како што треба, дека некој договор е валиден. И тоа е во ред. Полесно се доаѓа до нотар отколку да се чека по судови за вакво нешто. И навидум, работите се потсредени во функција на граѓанинот. Повозрасните паметат кога на шалтер во судот, со административна таксена марка со нешто како сегашни 200 денари, се доставуваше некој документ, се потпишува и сѐ беше ОК. Ако, сепак, нешто не беше како што треба, ако некој некого мамeше, судовите го повикуваа на одговорност потписникот.

Приказната е и сега слична и веројатно сѐ се средува побрзо, само што сега износите на тие некогашни таксени марки се астрономски. Еве, на пример, како тоа сега за издавање стан, за заверка на договор кај нотар, треба некогаш да се плати и 4.000 денари, во зависност од големината на станот. Нотарот ќе каже, дел од парите се за Катастар, дел за ова-она, дел за нас…

Ма, кој го смисли тоа „ова-она“?! И каква е таа глупост потстанар да се запишува во Катастар, во нечиј имотен лист. Па, тој денес е во станот, за три дена може ќе отиде на Малта, таму да работи…

А и приказната со извршителите нешто не се покажа сјајна. Навистина имаше потреба судовите да се растоварат од илјадниците предмети за неплатени сметки. Но, идејата од почеток е расипана до срж. Предметите им се предадоа со удрен судски печат, откако 10 години беа чувани во фиока, без никакво известување до граѓаните дека имаат неплатена сметка, на пример. Па, печатот беше со некој датум „изваден од џеб“ за да не биде застарен случајот. За ова сведочеа и поранешни извршни судии.

„Смрдеата“ во извршителството продолжува. За тоа сведочи секоја приказна, на секој од оние што протестираат пред Министерството за правда. Очигледно, извршителите не водат постапка за некој предмет како што би се водела во суд. Затоа е и барањето да се врати извршувањето кај судските извршители. Таму, сепак, имало некој ред.

И нотарите и извршителите се уште една алка во осиромашувањето на народот. Тие си „делкаат“ пари од секој предмет. А, наместо да се третираат како естрадни ѕвезди, за кои, исто така, не ми е јасно зошто им се даваат толку пари, зошто не се третираат како секој правник или судија? Па, нека си работат за плата, ако веќе не се смисли поефикасен систем, на пример, за наплата на сметки и за заверка на договори, а народот повторно да си плаќа само административни такси од 100 до 200 денари. И ништо повеќе!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот