Извештајот на Министерството за култура за „незаконското работење“ на Агенцијата за филм – „најматен настан“ за јуни според Транспаренси

Агенција за филм / Фото: МИА

Како дел од проектот „Бистро-матно“ за редовни месечни и годишни анкети за корупција, „Транспаренси интернешнл – Македонија“, ги објави настаните кои беа актуелни во јуни.

Како дел од „матните“ настани во месец јуни предничи извештајот на Министерството за култура за случувањата во Агенцијата за филм.

„Бројни се кршењата на законските одредби, непочитувањата на процедурите, на кодексите и етичките норми, неселективност во работата, тесна спрега меѓу Управниот одбор на Агенцијата за филм со одговорните лица во Друштвото на филмски работници на Македонија, седум години едни исти лица кои се во деловни врски со ДФРМ одлучуваа за парите на Агенцијата за филм. Ова е само мал дел од извештајот на Работната група за утврдување на состојбите во Агенцијата формирана од министерот за култура. Контролата била извршена во текот на април и мај 2024 година. Од овој извештај може да се заклучи дека се сторени десетина можни кривични дела за злоупотреба на службената положба или несовесно работење на службата заради кои е оштетен државниот буџет. Наведени се бројни случаи на непотизам и клиентелизам“, наведуваат од Транспаренси.

Како втор најматен настан за јуни е неподнесување на анкетен лист на членови на управни и надзорни одбори на јавни институции.

„Околу 80 предмети отворени во 2021 година по сопствена иницијатива и по увид во својата евиденција, членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на продолжението на шестата седница донесоа одлуки да се затворат и архивираат поради застареност. Станува збор за случаи на именувани службени лица главно за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија, здравствени институции, клиники, казнено-поправни институции и други државни институции кои по престанокот на функцијата не го испочитувале законски утврдениот рок од 30 дена да поднесат анкетен лист за имотната состојба до ДКСК. За овие случаи ДКСК во законски утврдениот рок не поднело прекршочна постапка, па настапила застареност за прекршочно гонење поради што, констатираа антикорупционерите, не може да се поведе или да се води постапка, бидејќи согласно Законот за прекршоци (чл. 41) „прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако поминат две години од денот кога е сторен прекршокот“, велат од Транспаренси.

Како трет „матен“ настан за јуни е незаконското разрешување на директорите на Токсикологија и Кардиохирургија.

„Според антикорупционерите, за двете разрешувања не биле почитувани процедурите за разрешување од функцијата, односно, како што велат од ДКСК, требало да има предлози за разрешување од Управните одбори до Здравствените совети на двете клиники. Министерот за здравство Илир Демири незаконски ги разрешил медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија Данил Петровски и директорот на државната Кардиохирургија, Марјан Шокаровски. Антикорупциската комисија констатирала дека со двете одлуки на министерот за здравство Демири се прекршени Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и Законот за здравствена заштита, како и дека е повреден Изборниот законик, со оглед дека директорите биле разрешени со решенија донесени на 14 мај и 27 мај, пред усвојување на заклучокот за завршување на парламентарните избори од 30 мај 2024 година“.

Исто така како дел од матните настани е и градоначалникот кој ја унапредил сопругата во советник во неговата општина.

„Градоначалник на отворен јавен оглас унапредил својата сопруга од работно место соработник во советник со што го прекршил Законот за спречување на корупција. Од ДКСК на 6та седница информираа дека градоначалникот ја доставил бараната документација за тоа дали неговата сопруга е вработена во општината и целата постапка за нејзино унапредување, при што било констатирано од Антикорупциска дека го прекршил законот. ДКСК констатирала прекршок и градоначалникот ја платил глобата со што случајот запира, бидејќи повеќе институцијата нема надлежност да постапува понатаму. Антикорупциска информираше и дека службено лице кое поднело изјава за интерес во институцијата вршело две функции спротивно на законот. Имено лицето по укажувањето на ДКСК поднело документација дека е разрешено од функцијата- член на Управен одбор по што ја платило и глобата за прекршокот со што се затворил случај“, потенцираат од Транспаренси.

Во „бистри“ случаи Транспаренски интернешнл – Македонија ги наведува реакцијата од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата до Собранието на Република Северна Македонија за отсуство на консултативен процес за измена на системскиот Закон за организација на работата на органите на државна управа и случајот со инспектор од МВР кој беше обвинет за фалсификување документи и несовесно работење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот