„Израелската армија (ИДФ) ја заврши првичната истрага за несреќниот инцидент во кој цивили од Газа беа прегазени и ранети кога нападнаа конвој“, изјави денеска портпаролот на израелската војска, адмирал Даниел Хагари.

Хагари посочи дека подетална истрага за тој инцидент води независно и стручно тело кое, како што најави, ќе ги објави своите наоди во наредните денови.

Хагари тврди дека израелската армија испукала неколку предупредувачки истрели за да го растера стампедото, а неколку Палестинци потоа им се приближиле на израелските сили откако тие почнале да се повлекуваат.

Хагари изјави дека овие Палестинци претставувале непосредна закана за израелските сили кои, како што истакна, одговориле со напад на неколку лица.

Според палестинската милитантна група Хамас, повеќе од 100 луѓе загинаа, а повеќе од 700 се повредени во четвртокот кога израелската армија отвори оган врз Палестинците кои чекаа на линија за храна југозападно од градот Газа.