Израелски тенкови на границата со Либан

Израел тенкови EPA-EFE/ATEF SAFADI

На Блискиот Исток растат стравувањата дека Израел ќе изврши копнена инвазија на Либан, по вчерашната изјава на министерот за одбрана Јоав Галант дека се прегледува безбедносната ситуација на северот на земјата.

Ети Хигинс, заменик-претставник на УНИЦЕФ во Либан, изјави за „Би-би-си“ Радио 4 дека илјадници луѓе ги напуштаат јужните предградија на Бејрут, упатувајќи се кон области кои би можеле да им понудат некаков вид на безбедност. Таа предупреди дека дури и основните здравствени услуги се сè понедостапни и дека резервите на вода за пиење се трошат со голема брзина.

Навестувања за ескалација беа забележани и вчера во областа Северна Галилеја, долж границата со Либан, каде што Израел распоредува тенковски единици. Во исто време продолжуваат воздушните напади врз јужните предградија на Бејрут, а операциите беа обновени во сирискиот регион Хомс. Во исто време Израел го затвори својот воздушен простор до 31 октомври, а по атентатот на лидерот на Хезболах Хасан Насрала во петокот, потврди дека е убиен и Набил Каук, еден од водачите на либанската милитантна група.

Светските лидери со остри реакции кон намерата на Израел да влезе во Либан

Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, еден од посредниците меѓу Израел и Хамас, предупреди вчера дека израелските воени операции на палестинските територии и во Либан го туркаат регионот на работ на војна и повика на меѓународна акција.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повтори дека убиството на Насрала претставува „пресвртница во историјата“. Како што рече, „Насрала не беше обичен терорист, туку оската на оската што дејствува против народот на Израел – истакна Нетанјаху.

Од друга страна, претседателот на иранскиот парламент Мухамед Бејкер Калибаф изјави дека и по ликвидацијата на Сајед Хасан Насрала, милитантните групи ќе продолжат да му се спротивставуваат на Израел со помош на Техеран, пренесоа иранските државни медиуми.

– Нема да се двоумиме да одиме на кое било ниво за да му помогнеме на отпорот – рече Калибауф и ги предупреди САД дека се „соучесници во сите злосторства“ и мора да ги прифатат последиците.

Говорејќи за ликвидацијата на Насрала, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи рече дека Израел „нема да застане“ и рече дека дејствијата на еврејската држава нема да поминат без одговор – не прецизираше какви. Инаку, врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи објави петдневна јавна жалост поради атентатот на лидерот на Хезболах.

Вчера официјален Техеран побара итна седница на Советот за безбедност на ОН во врска со дејствијата на Израел во Либан, предупредувајќи го Тел Авив да не се обидува со нови диверзии против дипломатските мисии на Иран. На југот на Арапскиот Полуостров, владејачкото шиитско движење во Северен Јемен, Ансар Алах (Хути), објави дека истрелало проектил на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, во времето кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се враќал во Израел од САД.

– Јеменските воздухопловни сили го нападнаа аеродромот „Бен Гурион“ користејќи хиперсонична балистичка ракета Палестина 2 за време на пристигнувањето на премиерот на непријателскиот ентитет, Бенјамин Нетанјаху – изјави портпаролот на армијата на Хутите, Јахја Сари, наведе „ТВ Ел Масира“.

Москва и Пекинг против израелската интервенција во Либан, Вашингтон бара правда

Кинеското Министерство за надворешни работи во многубројните слични реакции во светот во врска со настаните на Блискиот Исток соопшти дека се противи на секое нарушување на суверенитетот на Либан. Официјален Пекинг ги повика сите страни, особено Израел, веднаш да ја смират ситуацијата и да спречат ширење на конфликтот надвор од контрола.

Фотоколаж СП

– Кина се спротивставува и ги осудува сите дејствија што им штетат на невините цивили и се спротивставува на секој потег што го влошува конфликтот – се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Американскиот претседател Џозеф Бајден во саботата објави дека смртта на Насрала е „мерка за правда за неговите многубројни жртви, вклучително и илјадници Американци, Израелци и либански цивили“. Тој ја повтори поддршката за, како што рече, „правото на Израел да се брани од терористичките групи поддржани од Иран“, додавајќи дека „одбранбената положба“ на американските сили во регионот ќе биде „дополнително зајакната“.

Американската потпретседателка Камала Харис рече дека Насрала е „терорист со американска крв на рацете“ и исто така изрази поддршка за „правото на Израел да се брани од Иран и терористичките групи поддржани од Иран како Хезболах, Хамас и Хутите“.

Од друга страна руското министерство за надворешни работи соопшти дека „најостро го осудува последното политичко убиство од страна на Израел“, повикувајќи го раководството на земјата „веднаш да ја прекине воената акција“ во Либан.

– Израел „ќе сноси целосна одговорност“ за трагичните последици што убиството може да ги донесе во регионот – се додава во соопштението на руското МНР.

И покрај силниот про-израелски став на Германија за време на војната во Газа, министерката за надворешни работи Аналене Бербок за телевизијата АРД изјави дека убиството „се заканува со дестабилизација на целиот Либан, што во никој случај не е во безбедносниот интерес на Израел.

Францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро побара Израел „веднаш да ги прекине нападите во Либан“ и рече дека се противи на каква било копнена операција во земјата.

– Франција, исто така, „ги повикува другите актери, особено Хезболах и Иран, да се воздржат од каква било акција што може да доведе до понатамошна дестабилизација и регионално запалување – се вели во соопштението на министерството за надворешни работи на Франција.

Во меѓувреме шефот на ОН Антонио Гутереш рече дека е „сериозно загрижен поради драматичната ескалација на настаните во Бејрут“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, чија земја одржува дипломатски односи со Израел, но беше остар критичар на нејзината офанзива во Газа, рече дека Либан е подложен на „геноцид“, не мислејќи директно на Насралах.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изрази солидарност со Насрала и Либан. „За да го убијат, нападнаа згради, станбени области и убија стотици луѓе. За ова има само еден збор: криминал“, заклучи Мадуро.

На повидок катастрофална хуманитарна криза

Хроничната хуманитарна криза во Либан, со оглед на тоа што повеќе од една деценија прими над милион бегалци од Сирија, се заканува да ескалира во катастрофа. ОН доставуваат итна помош во храна во Либан. Светската програма за храна објави дека започнала итна операција за обезбедување помош во храна за еден милион луѓе погодени од ескалацијата на конфликтот во Либан, пишува српска Политика.

Палестински бегалци/ Фото: AFP / Profimedia

Во исто време либанското Министерство за здравство објави дека повеќе од 1.030 луѓе се убиени во израелските напади во Либан за помалку од две недели. Меѓу нив има 156 жени и 87 деца, соопшти ресорното министерството. ОН пак велат дека нападите, исто така, раселиле повеќе од 200.000 луѓе во Либан и предизвикале повеќе од 50.000 да избегаат во соседна Сирија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот