Израелец загина во напад со дрон на Тел Авив

Еден човек загина, а најмалку осум лица се повредени во напад со дрон во центарот на Тел Авив, Израел.

Беспилотното летало со потекло од Иран кое било модифицирано за да лета на долги растојанија погодило станбен блок, соопштија израелските власти.

Движењето Хути во Јемен – оддалечено над 1.600 километри ја презеде одговорноста за нападот и вети дека ќе организира повеќе вакви напади.

Портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари, изјави дека првичната истрага укажа на тоа дека нападот доаѓа од Јемен, пренесува „BBC“.

Ако Хутите се одговорни, тоа би означило значајна ескалација во нивните напади врз Израел кои започнаа по израелската воена кампања во Газа, која беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Досега беа пресретнати речиси сите ракети и беспилотни летала на Хутите истрелани кон Израел и досега ниту еден од овие напади не стигнал до Тел Авив.

Израелскиот воен функционер рече дека нивните одбранбени сили го откриле дронот што доаѓал, но не се обиделе да го соборат поради „човечка грешка“.

Сликите од местото на експлозијата, во близина на филијалата на Американската амбасада, покажуваат зграда со искршени прозорци и оштетени автомобили и урнатини на улицата.

Нападот се случил во 03:12 часот, а експлозијата одекнала на неколку милји наоколу.

Весникот „Тајмс оф Израел“ го цитираше израелското воено воздухопловство кое вели дека инцидентот „не требало да се случи“ и дека ја преземале целосната одговорност за неуспехот да го спречат.

Високиот воен дописник за Jerusalem Post, Јона Џереми Боб, рече дека „Израелската одбрана е во состојба на целосен шок“ поради нападот.

По инцидентот, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант одржа безбедносен брифинг со шефовите за безбедност на земјата.

„Одбранбениот естаблишмент работи на зајакнување на сите одбранбени механизми и ќе го изведе пред лицето на правдата секој што ќе ѝ наштети на државата Израел“, рече Галант.

Тој навести можна одмазда, велејќи дека разговарале за „потребните разузнавачки и оперативни активности против одговорните“.

Воениот портпарол на Хутите, Јахја Сари, рече дека нападот бил изведен со нов дрон способен да ги заобиколи системите за пресретнување.

Тој го прогласи Тел Авив, трговскиот главен град на Израел, за „небезбедна област“ и рече дека „ќе биде примарна цел во дострелот на новото оружје“.

Израелската војска соопшти дека ги зголемува воздушните патроли, додека градоначалникот на Тел Авив рече дека градот е во состојба на готовност, објавија локалните медиуми.

Алон, локален жител, за весникот Хаарец изјави дека кога се случила експлозијата „целата зграда се тресела“.

„Прозорците на моите соседи се скршија, па бев сигурен дека нешто удрило во зградата. Дури кога излегов надвор сфатив дека неколку згради се оштетени“.

Инцидентот се случи и откако израелската војска потврди дека убила висок командант на милицијата Хезболах во јужен Либан.

Хезболах и Израел разменија оган преку границата откако Хезболах лансираше ракети еден ден откако Израел ја започна својата воена офанзива врз Газа како одговор на смртоносниот напад на Хамас врз Израел.

Хезболах и Хутите, кои се поддржани од Иран, велат дека дејствуваат во солидарност со Палестинците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот