Израел се подготвува за копнена инвазија на Либан

Израелска армија EPA-EFE/ABIR SULTAN

Додека Израел продолжува со воздушните напади врз позициите на Хезболах во Либан и најавува можна копнена офанзива, 12 сојузнички држави, предводени од Америка, повикуваат на тринеделен прекин на огнот.

Во заедничката изјава, Америка, Велика Британија и одредени земји од Европската Унија повикаа на 21-дневна пауза во борбите во Либан со цел да се „постигне дипломатски договор“, кој исто така ќе доведе до прекин на непријателствата во Појасот Газа, кои траат речиси една година.

Конфликтите претставуваат „неприфатлив ризик од поширока регионална ескалација“ што не е во интерес ниту на народот на Израел, ниту на Либан, додаваат тие.

Заедничката изјава на западните сојузници дојде еден ден откако израелскиот воен командант им порача на војниците да се подготват за можна копнена инвазија на Либан.

фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

„Целта е многу јасна – безбедно да се вратат жителите на северниот дел на Израел“, изјави генерал-полковник Херзи Халеви, командант на израелската армија.

За време на претходните денови од најголемиот конфликт меѓу Израел и Хезболах во последните децении, стотици луѓе загинаа, меѓу кои и деца, а според ОН, само од понеделникот, 23 септември, повеќе од 90.000 луѓе се раселени во Либан.

Хезболах вчера истрела балистичка ракета кон израелската престолнина Тел Авив, за прв пат од почетокот на конфликтот.  Целта билa седиштето на разузнавачката Мосад но израелскиот противвоздушен систем ја пресретнал ракетата, и според официјални лица,  немало жртви во нападот.

Израел издава ракетни предупредувања на секои пет минути додека ги засилува воздушните напади против Хезболах.

Како потврда за намерите на Израел да изврши копнена инвазија врз Либан доаѓа и изјавата на началникот на израелскиот Генералштаб.

Началникот на Генералштабот на ИД, генерал-полковник Херзи Халеви, изјави дека армијата се подготвува за копнена офанзива против Хезболах во Либан, кажувајќи им на група војници дека нивните воени чизми ќе влезат на непријателска територија.

„Слушате авиони над нас, цел ден напаѓаме. Ја подготвуваме областа за можност за ваш влез, продолжуваме да удираме врз Хезболах“, им рекол Халеви на војниците на 7-та оклопна бригада.

 

Дека нешто големо се подготвува укажуваат и потезите кои американската и британската армија ги преземаат во регионот околу Либан.

Десетици американски војници се распоредени на Кипар додека во Либан, од другата страна на морето, ескалираат тензиите меѓу Израел и Хезболах, изјавија американски претставници за Си-ен-ен.

Според нив, овие војници се подготвуваат за различни видови задачи, вклучително и евакуација на американски граѓани од Либан – земјата од чија територија е вооружено исламистичкото движење Хезболах против еврејската држава – во случај сегашната ситуација да прерасне во воен конфликт.

Претходно оваа недела, портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер рече дека американската војска ќе распореди „мал број“ од својот персонал во регионот, „како мерка на претпазливост“, но не кажа колку е тој „мал број“ и каде тие ќе бидат испратени.

Велика Британија вчера соопшти дека ќе испрати 700 свои војници на Кипар во случај да има итна потреба од евакуација на британските граѓани.

Британската влада соопшти дека кралските воздухопловни сили имаат и авиони и хеликоптери на подготвеност за да обезбедат поддршка за евакуација од Либан доколку е потребно, објави Гардијан.

Тоа е првата фаза од плановите за вонредни ситуации за Либан, бидејќи британската влада се обидува да го избегне хаосот создаден кога британските државјани беа евакуирани од Авганистан во 2021 година, се вели во соопштението, додавајќи дека воените тимови ќе бидат поддржани од граничните сили и претставници на Форин офис.

Либанското Министерство за здравство во вторникот соопшти дека најмалку 569 лица загинале, а 1.645 се повредени во израелските воздушни напади врз земјата од понеделник наутро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот