Избори во Обединетото Кралство: Се предвидува катастрофален пораз на конзервативците

Избирачко место во црква во Лондон/ Фото: Жанета Скерлев

Над 45 милиони избирачи гласаат во цркви, библиотеки, училишта, клубови… Прифатливи се над 20 „средства за идентификација“, од пасоши, возачки дозволи, членски книшки за разни клубови и библиотеки… важно е фотографијата со името на корисникот да биде скорешна и да личи на оној кој ја покажува

Шесте недели од кампањата се завршени. Денес, во 40.000 избирачки места во Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска се отворија вратите и почнаа да доаѓаат гласачите. Се гласа во цркви, библиотеки, училишта, клубови. Ангажирани се над 150.000 луѓе кои водат сметка гласањето да се одвива без проблеми. За прв пат гласачите во земјата ќе мора да покажат некаков документ за идентификација, нешто што беше промовирано на изборите за градоначалник на Лондон. Прифатливи се над 20 „средства за идентификација“, од пасоши, возачки дозволи, членски книшки за разни клубови и библиотеки… важно е фотографијата со името на корисникот да биде скорешна и да личи на оној кој ја покажува.

Лидерите на политичките партии веќе излегоа утрово и гласаа. Се очекува да излезат и над 45 милиони гласачи кои се регистрирале за да кажат кој сака да ги претставува во нивната изборна единица. Гласовите од 650 изборни единици ќе ги определат идните пратеници во Горниот дом на британскиот парламент. Системот е мнозински, кандидатот со најголем број гласови е победникот.

Ако им се верува на анкетите, земјата е на прагот од најголемата изборна победа на опозициските лабуристи под водството на Сер Киер Стармер. Некои дури отидоа и до таму што предвидуваат победа на лабуристите без преседан, дека ќе имаат таканаречено супер-мнозинство од 200 плус пратеници и дека ториевците ќе доживеат катастрофален пораз. Дури 16 министри во сегашната влада на Риши Сунак, вклучувајќи го и него, нема да бидат избрани ниту како пратеници.

Агенцијата „Мор ин Комон“ вели дека лабуристите ќе освојат 430 пратенички места, конзервативците 126, либералдемократите 52 и Шкотската национална партија 16.
„Фокалдата“, пак, објави анкета со уште полош исход за конзервативците, со само 108 места, давајќи им на лабуристите 444, на либералдемократиите 57 и на СНП -15.

Конечната анкета објавена од „ЈуГов“ е најлошата за Ториевците. Според оваа агенција, конзервативците ќе освојат само 102 гласа. Партијата на Риши Сунак ќе биде стисната од двете страни, велат тука, меѓу либералдемократите и Реформа. Едните со 72, а другите со освоени три пратенички места. Агенцијата предвидува и лоша ноќ за националистите во Шкотска, каде што се најавува значително враќање на лабуристите.

На тековната влада, сега на чело со Риши Сунак, ѝ се забележува дека во своите 14 години од власт, ја довела земјата во тешка состојба. Со петмина премиери, од Дејвид Камерон и неговите несреќни решенија, меѓу кои и најнесреќното – брегзит, па Тереза Меј и нејзиното мачно „испорачување на брегзитот“, па недоветниот Борис Џонсон со неговите забави за време на пандемијата и неограниченото количество лаги, Лиз Трас која успеа за 48 дена да направи економски хаос во земјата и сега Риши Сунак, технократ без харизма и оставен сам да се справува со наследството на партијата која нема со што да се пофали. Владеењето на конзервативците беше обележано со скандали за непотизам, за корупција, за наместени тендери за неупотреблива медицинска опрема, за занемарување на омиленото јавно здравство, за самоволие и негрижа за обичните луѓе, кои беа натоварени со високи сметки за ниски услуги и слаб квалитет.

Гласачките места за затвораат во 22:00. Веќе околу полноќ ќе има првични резултати, а до утринските часови ќе се знае кој ќе ја води земјата во следните 5 години.

Според традицијата, изборните комитети, оние 150.000 луѓе кои се инволвирани во обезбедувањето законско гласање, ќе се натпреваруваат меѓу себе кој прв ќе ги преброи и објави гласовите. Ќе гледаме трка со кутии, празнење на кутиите на големи маси, пребројување… вистинска натпревар. Па во текот на ноќта графикони и анализи, додека доаѓаат резултати од сите делови на земјата.

Вечерта ќе биде динамична, возбудлива и најверојатно – историска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот