Избори во Обединетото кралство: Гласање за промени

жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

Ако се остварат анкетите, опозициските лабуристи, како што велат тука, ќе го „избришат подот“ со конзервативците и ќе ја остварат најголемата победа во земјата.

Еден ден пред изборите во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, анкетите се немилосрдни. Ако се остварат, опозициските лабуристи, како што велат тука, ќе го „избришат подот“ со конзервативците и ќе ја остварат најголемата победа во земјата. Поголема, сметаат, од времето на Тони Блер, кој оствари драматична промена во 1997 година и им донесе десет години власт на лабуристите.

Не е прашање дали конзервативците ќе ги загубат изборите, прашање е со колкава разлика, вели професорот Сер Џон Кертис, најпознатиот изборен аналитичар во земјата кој досега нема погрешено во ниту една анализа и проценка. Разликата од 25% меѓу двете партии може малку да се намали, ама е неверојатно да промени нешто сериозно, смета тој.

Кампањата на конзервативците главно беше сведена на настапите на премиерот Риши Сунак, кој предупредуваше дека животот ќе станел поопасен и поскап ако лабуристите дојдат на власт. Интересно што малкумина од неговите соработници беа активни и убедливи во кампањата. Работите изгледа стигнаа до критична точка, кога денес, еден ден пред изборите, се појави за прв пат и поранешниот премиер Борис Џонсон, кој во говор во негов стил и пред група обожувачи кои го дочекаа со овации, рече дека оние кои ја сакаат татковината, треба да гласаат за ториевците. Самокритика за неговото владеење, извинување за грешките и објаснување зошто не се појавил порано, немаше.

Во меѓувреме, лабуристите на Сер Киер Стармер ја продолжуваат кампањата во која велат дека не ветуваат нешта што нема да можат да ги остварат и главно потсетуваат и го критикуваат она што го нарекуваат катастрофално владеење на конзервативците, кое ги направи најголемиот број Британци посиромашни и понесреќни.

Во еден од последните обиди да се намали предноста на лабуристите, Риши Сунак рано утрово го започна маратонскиот ден на кампања, посетувајќи дистрибутивен центар, а од неговиот штаб велат дека ќе работи до доцна во ноќта. Ова е како контраст на изјавата на лидерот на лабуристите, Стармер, дека и кога ќе стане премиер, ќе се обиде да ја задржи практиката секој петок по 18:00 часот, без оглед на сѐ, да го минува времето со сопругата и децата. Но ова предизвика реакции, посебно зашто водачите на кампањата на Сунак требеше да знаат (а можеби и знаеја) дека сопругата на Стармер е Еврејка и дека петокот вечер е важен ден за некои религии и вери. Се разбира дека ако биде потребно, ќе работам и во петоците, рече Стармер, но важно ми е да се посветам и да не го запоставам семејството.

Последниот ден пред изборите кампањата се вжештува во оние изборни места каде што се смета дека разликата е „тесна“ и каде што другите политички партии, како либерал-демократите и зелените би можеле да направат пробиви, како на пример во Гилфорд, каде што кандидатите на ториевците и ЛибДем се рамо до рамо. Во Шкотска лабуристите се во трка со СНП, Шкотската национална партија, која по заминувањето на харизматичната лидерка Никола Стрџен, се обидува да се врати на политичката сцена. Во Северна Ирска, двете најголеми партии немаат некакви шанси, тука ќе се натпреваруваат главно Шин Фејн и Унионистите од ДУП.

Што се однесува до Најџел Фараж, лидерот на Реформа (реформската партија), тој деновиве гостуваше на повеќе медиуми, но изгледа дека остана без кандидати, зашто тие еден по еден беа суспендирани од неговата партија и под притисок на јавноста поради расистички, хомофобни и ултра десничарски ставови. Уште се свежи сеќавањата на „реформистот“ на брегот кај Ла Манш, односно Англискиот канал, кој изјави дека решавањето на проблемот со имигрантите е млади регрути со машинки да стрелаат кон оние кои ќе се обидат да дојдат.

Избирачките места се отвораат утре во 7 часот, а Британците ќе можат да гласаат до десет часот навечер. Ќе се бираат 650 пратеници на Горниот дом на британскиот парламент, кои ќе ги претставуваат нивните изборни области. Тие ќе определат која партија ќе ја формира идната влада на Велика Британија. Регистрираните гласачи ќе мора со себе да носат препознатлива форма за идентификација, што е новост и прв пат беше применето на изборите за градоначалник на Лондон. Тоа се пасош, возачка дозвола, изборна картичка, членска книшка од библиотека, слободна карта за превоз… секаде каде што има препознатлива фотографија на гласачот. Гласачите треба да го стават знакот „Х“ во коцката до името на гласачкото ливче. Исто така, може да се гласа по пошта, десетици илјади веќе го сторија тоа. Гласачите можат и да овластат некого да гласа во нивно име, со посебен документ со кој ќе покажат дека не се во можност да одат на гласачкото место, а сакаат да го дадат својот глас.

По 14 години власт на конзервативците, изгледа дека земјата се движи кон промени. Прашањето кое многумина го поставуваат не е дали лабуристите ќе победат, туку со колкава разлика.

(Авторката е новинарка)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот