Итна заштита на Охридско Езеро и Студенчишко Блато бараат 17 граѓански здруженија

Охридско Езеро
Охридско Езеро / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во текот на вчерашниот ден 17 организации испратија барање до премиерот Мицковски и министерот Меџити итно и во консултации со експертската јавност и граѓанските здруженија да се спроведе ревизијата на студиите за валоризација на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато и да се финализира процесот на прогласување на заштитените подрачја.

Граѓанските организации го поздравија повлекувањето на Предлог законите за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Студенчишко Блато за парк на природата од собраниска процедура, но истакнаа дека се додека не се финализира процесот не се спроведени меѓународните договори, Уставот и Законот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

„Итното спроведување на препораките на Бернската конвенција и одлуките на Комитетот за светско наследство не е само неопходен предуслов за воспоставување на ефективна и ефикасна правна заштита на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато кои подолго време се во алармантно лоша состојба, туку и неодвоив дел од стратегиската цел на Владата за владеење на правото и воспоставување на правна држава. Ставот на организациите е дека доколку Владата и надлежното Министерство не ги спроведуваат доследно Уставот и законите, правната држава не е ни на повидок“, се вели во соопштението на Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“.

Барањето го потпишаа Фронт 21/42, Центар за правни истражувања и анализи, Македонско здружение на млади правници, Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ, Институт за комуникациски студии, О2 Иницијатива, Центар за истражување и креирање политики, Еко-живот, Движење на екологисти на Македонија, Новинари за човекови права, Балканска водна мрежа, Еко логик, ЕЗ Здрава Котлина – Струмица, Национален ромски Центар Куманово, Институт за демократија, Здружение за социјални иновации и одржлив развој Радар и Го Сакам Водно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот