Искрено со Емра Куртишова: По свадбата почина татко ми, загубата ме исфрли од колосек

Фото: Приватна архива

Актерката Емра Куртишова неодамна се омажи со својот колега од Театарот за деца и младинци, Петар Стојанов. Двојката се венчаше по три години врска, а свадбата беше во Гевгелија, од каде што потекнува Петар. Брачниот живот им годи и не кријат дека се среќни, а тоа што заедно работат, уште повеќе ги зближува, вели Емра, која публиката ја засака како Исаура во „Преспав“. За жал, се уште закрепнува од смртта на својот татко, кој починал кратко по свадбата. На професионален план, пак, сè се одвива како што треба. Емра ја доби улогата на мајката на Џеј Рамадановски во српскиот филм што се снима за познатиот пејач, кој почина во 2020 година, а во најава е и седмата сезона на „Преспав“.

Фото: Приватна архива

Како се навикнуваш на брачниот живот?

– Мислам дека не станува збор за навикнување. Секој брак си носи свои предизвици, па затоа треба да се најде начин да се надмине она што ти пречи или ти недостасува. Треба да се разговара отворено, искрено, да не се премолчуваат работите, затоа што тогаш веќе бракот преминува во навика, а, тоа знае да направи огромен дисбаланс. Турбуленции имало и ќе има, ние засега добро се справуваме со нив.

Петар и јас живееме заедно една година, но за една година се случија и убави и неубави работи што ни ги донесе животот. Кратко по нашата свадба почина татко ми, тоа ме исфрли од колосек… не постои полошо од смрт на родител, кој истовремено ти бил и најдобар другар.
Најважно е дека ова не го преживувам сама, од Петар имам разбирање и поддршка онолку колку што е потребно за да се „надмине“ еден ваков болен период. За мене тоа е суштината на бракот, поддршка и разбирање во која била ситуација.

Фото: Приватна архива

Колку те промени бракот?

– Слободно можам да кажам дека пред бракот бев разгалено второ дете на мама и тато, но работите се сменија. Промена има, станувам поодговорна за сè она што треба, веќе не им придавам значење на нешта што знаеја да ме пореметат во главата.

Дали планирате да го проширувате семејството?

– Да, покрај моите шест деца – кучиња и мачиња, во Гевгелија ни се родија уште четири деца -мачиња (хахаха). На тераса ни дојде гулабот Кристијан, си се вдоми внатре и со нас живееше четири дена, толку му требаше за да научи да јаде и да се снаоѓа сам.
Сега-засега Петар и јас се покажавме како многу добри родители (хахаха). Многу ми е ќеф дека и тој полека си „легнува на брашното“ кога станува збор за мојата посветеност кон животните.

Како ви е заедно на работа, какво е чувството да се работи заедно со сопружник?

– Супер, како и претходно, тука нема промени.

Фото: Приватна архива

Бевте ли на меден месец по венчавката?

– За жал, поради смртта на мојот татко не успеавме да се организираме, но секако имаме во план. Не би сакале тоа да е исфорсирано затоа што „така треба да биде“, едноставно ќе му дозволиме на времето да ни каже кога ќе е време.

5. Кои се твоите нови ангажмани?

– На моја огромна радост, наскоро почнуваме со снимањето на следната, седма сезона на „Преспав“. Во неа ќе има доста неочекувани пресврти, па не се сомневам дека и оваа сезона ќе донесе задоволство кај публиката.

6. Како дојде до тоа да добиеш улога во снимањето на филмот и серијата за покојниот пејач Џеј Рамадановски?

– Во Србија добив ангажман за снимање филм и серија посветени за животот на пејачот Џеј Рамадановски. Ја добив улогата на мајката на Џеј. Тоа беше голем предизвик, бидејќи требаше да играм млада, а потоа остарена мајка, велам предизвик, бидејќи требаше да се направи голема трансформација и во однос на физичкиот изглед и во однос на ликот.
За соработката во Србија и нивниот начин на работа на филм, имам само пофални зборови. Имав чест да застанам пред камера рамо до рамо со врвни актери, кои се „оперирани“ од суета и високо мислење за себе. Режисерите беа достапни за секакви консултации во врска со улогата, односот кон некој што е дојденец и не го познаваат, им беше повеќе од човечки, за што сум им навистина благодарна.

Премиерата на филмот треба да се случи некаде пред новата година.

Емра Куртишова во „Преспав“/ Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот