Исчезнале паричникот, личната карта и парите на пациент што починал на Клиниката за урологија на Клинички

Клиника за урологија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во редакцијата на „Слободен печат“ се обрати син на 61-годишен пациент кој пред 10 дена починал на Клиниката за урологија во скопскиот Клинички центар. Тој е вознемирен и алармира дека личната карта, паричникот и личните предмети на неговиот покоен татко исчезнале. Ова му создало проблеми со организирањето на погребот.

– Татко ми почина во саботата пред две недели. Во петокот го донесовме на Ургентен. Го прегледа доктор и го качија на Урологија каде што се пресоблече, со сите лични работи, паричник и гардероба. Потоа му е направена операција и сместен беше на КАРИЛ после операцијата. Но соблечен беше на Урологија и таму останаа личните работи.

Кога починал работите му се фрлени. Паричник имаше со лична карта, картички и пари, панталони и блуза. Работите не се на КАРИЛ, туку на Урологија. На Урологија немаат никакви списоци за личните работи како што имаат на другите оддели, не знам зошто. Мислам дека треба да имаат некаква евиденција.

Среќа што имавме фотокопија од личната карта, инаку ќе имавме тешки проблеми за регулирање на работите околу погребот, бидејќи без лична карта не може да се завршат тие работи. Не беа баш средени работите во Бутел, така што со фотокопијата завршивме работа. Да немавме фотокопија ќе имавме тешки проблеми – изјави за „Слободен печат“ Гоце Ѓоргиевски, син на починатиот пациент.

Тој не го пријавил настанот во полиција поради преголема зафатеност, шок и жал околу тоа што се случило, но смета дека Клиниката треба да се погрижи да има евиденција и да не дозволува личните предмети на пациентите да исчезнуваат.

„Не сум пријавил во полиција. Запознаени се сите на Урологија, од директорот до главната сестра. Тие ми кажаа дека ќе истражат и дека за неколку дена ќе ми се јават, но тоа не го направија и не сакаат да откријат за што се работи, дали е кражба, дали по грешка се фрлени работите.

Со други сестри што разговарав, ми кажаа дека гардеробата му била ставена во жолта ќеса. Најверојатно таа жолта ќеса означува медицински отпад. Зошто е ставена така гардеробата со личните работи и дали е така, не можам да знам“, додаде Ѓоргиевски.

Се обративме на Клиниката за урологија со прашања дали се пронајдени личните работи на покојниот пациент, дали е спроведена интерна постапка за да се утврди каде се личните работи на пациентот и колку често се случува да се загубат/украдат/исчезнат лични работи на пациент на Клиниката за урологија, но одговори не добивме.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот