Интервју со Жарко Кујунџиски, главен уредник на „Антолог“: Работата во издаваштвото е алхемичарски потфат

Жарко Кујунџиски, главен уредник на „Антолог“

Книжевниот центар „Антолог“ бележи 25 години од основањето, а во периодот од 30 септември до 3 октомври ќе се одржи јубилејното 10. издание на фестивалот на европска литература „Букстар“ под слоганот „Метаморфози“ во „Лабораториум“.

Двојниот јубилеј на „Антолог“ е силен мотив и обврска да се создаде репрезентативна годишна издавачка програма и да се понуди интензивна и богата агенда на фестивалот „Букстар“. За предизвиците да се биде дел од издавачката дејност и за креативниот поттик што го носи организацијата на фестивалот на европска литература разговаравме со Жарко Кујунџиски, главен уредник на „Антолог“.

Книжевниот центар „Антолог“ годинава наполни 25 години, го подготвувате 10-тото издание на „Букстар“ и во финален круг влезе конкурсот за наградата „Драги“. Каков ангажман е потребен да се завршат обврските на сите „фронтови“ во овој период?

– Откако во октомври 2015 година ја почнавме приказната на Фестивалот за европска литература „Букстар“, временската делница од средината на летото до почетокот на есента секоја година за нас е најбурниот период. Од сегашен аспект погледнато, сигурно сме биле многу луди кога сме си поставиле цел секој октомври во Скопје да ги донесеме најзначајните писатели на денешнината и во спој со македонските автори да создадеме настан што ќе понуди исклучително искуство за публиката. Тоа го почнавме во месец во кој, барем тогаш, пред десетина години, освен по некоја книжевна промоција, во Скопје немаше позначајно книжевно случување.

Овој дел од годината се доживуваше како период во кој луѓето се во летаргија, бидејќи завршува одморската сезона и доаѓаат првите постудени денови, период кога почнува училишната година и кога градот мириса на печени пиперки и есен. И ние сега се појавуваме со план да создадеме препознатлива и реномирана книжевна манифестација која скопјани ќе ја сакаат и посетуваат. Ниту една фаза од развојот не беше лесна, но во оваа деценија „Букстар“ доживеа своевидна метаморфоза. Детето од слама се издигна во момче на промени и ако нешто нè прави искрено задоволни, тоа не е толку нашиот успех како колектив, туку фактот што буквално ја разбудивме и ја придвиживме целата сцена и сега септември и октомври се најбурните книжевни месеци во нашиот главен град.

И кога ваков настан ќе се поклопи со 25-годишен јубилеј на организаторот на фестивалот, издавачката куќа „Антолог“, стануваме свесни за вашата констатација дека е потребен вонсериски ангажман. Мислам дека тоа лудило што го спомнав на почетокот, во спој со креативниот ентузијазам, ја прави работата во издаваштвото алхемичарски потфат во кој треба пречките да ги претворите во предности.

Силен акцент во јубилејната година „Антолог“ стави на објавата на класични дела

Јубилејот на книжевниот центар го реализирате со мото „25 години Антолог е класика“. Со каква цел акцентот го ставивте на класичните книжевни дела и автори?

– Класиката има посебно и исклучително место во литературата, иако таа не се третира како засебен жанр. Бидејќи имаме класика, не само во белетристиката, туку и во фантастиката, во хоророт, во криминалистичкиот жанр, во литературата со љубовна содржина. Под класика обично се подразбира онаа книга што постојано се преобјавува и одново се препрочитува поради своите вредности, иновација, оригиналност и бесмртност. Токму поради тоа, класиката ја сфаќам и во една поширока димензија, како отпор, борба, бегство, или како „ескејп“ копче од просечноста и од брзината која не ни дозволува да уживаме во нештата околу нас.

Ако се погледне наназад, ќе забележите дека „Антолог“ секогаш во овие изминати две и пол децении доминантно ја третирал квалитетната литература, што опфаќало класици, современи класици, наградувани автори, светски препознатливи имиња, итн. Нашите први преводни изданија беа книги од Итало Калвино, Труман Капоти, Хулио Кортасар, Франц Кафка, Вилијам Фокнер… За нас не е новост да се занимаваме со овој тип литература, но годинава настапивме со организирана иницијатива која содржи и квантитативен и квалитативен аспект. Прво, да не помине ниту еден месец во 2024 година без да објавиме барем едно класично дело, и второ, како и секогаш во минатото, да ги преведуваме овие дела од изворниот јазик и со искусни преведувачи.

„Антолог“ секогаш во овие изминати две и пол децении доминантно ја третирал квалитетната литература, што опфаќало класици, современи класици и наградувани автори

Колку и какви дела содржи јубилејниот циклус?

– Нашиот план на самиот почеток беше да објавиме 12-15 наслови, но се чини дека ќе се доближиме до бројка од неверојатни триесет класици во текот на 2024 година. Тоа е речиси половина од нашата севкупна годишна продукција. Веќе ја објавивме целосната Босанска трилогија на Иво Андриќ – „Мостот на Дрина“, „Травничка хроника“ и „Госпоѓицата“. Исто така, продолживме со кампањата да го приопштиме целокупното творештво на Меша Селимовиќ, и годинава за првпат на македонски излезе „Магла и месечевина“. Кога сме кај српската литература, ќе го спомнам и првото издание на култниот поет Александар Ристовиќ.

Во март ја објавивме и „Автопортет со седум прсти“ на Ацо Шопов, што предизвика голем интерес поради тоа што дел од содржините што беа таму поместени по многу децении се појавуваа одново пред нашата јавност во ново светло. Нема да го заборавиме ниту омилениот Франц Кафка, бидејќи до крајот на годината треба да излезе антологиско, збирно издание на неговата целокупната куса книжевна оставина (раскази и кратки прози).

Со години веќе работиме да се објави и целата серија на Артур Конан Дојл, а нема да ја одминеме и руската класика со дела од Гогољ, Чехов, Достоевски, Толстој… На крајот од денот, нема да бидеме вистински антологџии ако не направиме баланс и не ги изненадиме нашите читатели со новите дела на современите бардови од рангот на Николо Аманити, Изабел Аљенде, Олга Токарчук или Алесандро Барико.

Од друга страна, дел од новите автори и дела ќе бидат застапени во програмата на јубилејното издание на „Букстар“. Со каков концепт го замисливте фестивалот?

– За годинашното издание на „Букстар“ можеме долго да прикажуваме, бидејќи нуди интензивна и богата агенда. Сметам дека достоинствено ќе го обележиме јубилејот кој нè обврзуваше да создадеме репрезентативна програма. Да почнам со тоа дека Македонија ќе ја посетат десетина исклучителни автори од најразлични катчиња на европскиот континент.

Јон Калман Стефансон од Исланд е годинашниот лауреат на наградата „BookStar“ и доаѓа како сјајна ѕвезда на светската литература. Кристијан Новак од Хрватска е веројатно најталентираниот и најбараниот автор од регионот, со кого веќе неколку години наназад бевме во преговори да го посети Скопје и неговото присуство е своевиден раритет. Од Португалија ни пристигнува Жозе Луиш Пејшото, најмладиот добитник на наградата „Жозе Луиш Сарамаго“ во историјата, а од Македонија ја имаме дефинитивно нашата најактуелна писателка во моментов – Румена Бужаровска.

Конечно, учесник во фестивалот ќе биде и најзвучното име на италијанската и европската литература – Алесандро Барико! Тој веќе подолго време одбегнува да патува во странство, но за публиката на фестивалот ќе приредиме ексклузивен онлајн разговор со него како прв добитник на наградата „BookStar“ Х10, која ќе се доделува секоја десетта година на автори со исклучителни достигнувања во литературата.

Покрај тоа, ги најавувам и специјалните настани – Марјан Георгиевски ќе изведе уникатен книжевен стендап, а на втори октомври во „Лабораториум“ ќе имаме настап на „Чалгија саунд систем“. Концертот го нарековме „10/25“, бидејќи со него симболично ќе ги обележиме двата јубилеја – десет години „Букстар“ – дваесет и пет години „Антолог“.

„Метаморфози“ е наслов или мото на фестивалот?

– Секоја година „BookStar“ има слоган што е своевидна апотеоза на Фестивалот или е во релација со некоја актуелност. Речиси и да нема година кога слоганот не предизвикал реакции меѓу публиката што нè следи. Се сеќавате на „Читај бе, братучед, читај!“, „Taboo or not taboo“, „Bookstar 20 vs. Covid-19“, „Please do disturb“, сè до годинашните „Метаморфози“ т.е. „Преобразби“, а во чест на стогодишнината од смртта на еден од најголемите и најенигматични автори на XX век, Франц Кафка.

„Антолог“ како издавач на целокупното негово творештво реши да се вклучи во светското одбележување по овој повод и во таа чест ќе биде организирана панел-дискусија во која ќе земат учество писатели, универзитетски професори, преведувачи и вљубеници во неговото творештво. Истовремено, со овој слоган повикуваме и на колективна и на лична промена, бидејќи ни е навистина на сите нас потребно итно придвижување напред. А, дека таа промена секогаш прво сме ја барале од себе, докажавме и со „Букстар“, кога ги имавме првите книжевни настани со превод на знаковен јазик, а годинава во склоп на Фестивалот, меѓу другото, ќе извршиме и продукција и донација на книги со Брајово писмо.

Дел од фестивалската програма ќе биде и втората фелоушип конвенција за издавачи. Каков придонес за издавачката продукција имаат конвенциите од овој вид?

– На краток рок преку вакви средби претставниците на издавачкиот сектор од различни држави се запознаваат и разменуваат контакти и искуства. Но, на долг рок, тие средби придвижуваат едно огромно тркало во издаваштвото, но и пошироко. Најпрво, преку споделување на знаењата и практиките, придонесуваме за издавачкиот сектор во сите држави од каде што имаме претставници, но пред сè во државата домаќин. Потоа, се создаваат можности за превод и промоција на македонската литература на меѓународно рамниште, за гостување на нашите писатели на фестивали, до релации од кои ќе се создадат проекти од регионален или европски ранг. Сè на сè, преку овој вид средби географски и политички далечните нации стануваат блиски, а малите јазици добиваат на вредност.

Финалисти за наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик

Вашиот изразен афинитет кон квалитетниот превод го потврдува и конкурсот за наградата за најдобар превод „Драги“. Што за Вас, но и за преведувачката дејност значи конкурсот?

– Јас честопати велам дека наградата „Драги“ е основана во чест на преведувачот, писателот, професорот, но пред сè – на човекот Драги Михајловски, кој зрачеше како Личност. Токму затоа таа не е именувана со неговото целосно име и презиме туку само со името, за да остане како отпор против заборавот, како сеќавање на тоа што тој беше. Сето ова се надополнува со богатата активност на „Антолог“ на полето на преводот.

Веќе спомнавме за тенденцијата да преведуваме од оригинал, сме навеле и дека бевме првата издавачка куќа што почна редовно да го става името на преведувачите на кориците на книгите и дека сме едни од најагилните на полето да обучиме и ангажираме преведувачи од сите можни „мали“ и „големи“ јазици. Со конкурсот за наградата за најдобар превод сето ова доби уште подлабока смисла.

Сметам дека „Драги“ ќе го подигне уредувачкото ниво на преводите и дека ќе го направи повидливо местото на преведувачите во заедницата, бидејќи тие, слободно кажано, се близнаци или партнер-автори на вистинските автори. Наградата „Драги“ се доделува и во категоријата за најзначаен превод на дело од македонската литература, каде очекуваме интересот за нашата книжевност да добие нова димензија.

Во финалниот круг за наградата „Драги“ влегоа пет дела преведени на македонски јазик

Колку личниот пример и ангажман што го правите со „Антолог“ може да го промени пристапот на читателите и на општеството кон книгите и книжевноста, воопшто?

– Личниот пример на секој од нас е единствениот начин да придвижиме нешто, како во животот, така и во литературата или општеството. „Антолог“ сигурно не е меѓу најголемите издавачки куќи ако мериме според некој материјален параметар. За нас, сè уште, секој ден е предизвик и нова борба, но дефинитивно се доживуваме како лидери според тоа зад колку непрофитни креативни проекти сме застанале досега, со цел да придонесеме кон развојот на читателската публика и на издаваштвото.

Без оглед што ќе наведеме: електронското списание за литература и култура „Репер“, кое лани обележа 15 години од основањето, фестивалот „Букстар“, првиот книжевен поткаст „Гол ручек“, првиот клуб на читатели, книжарницата на тркала „Зборче“ која патува низ цела држава со цел да ја доближи литературата до сите наши сограѓани, поддршката што ја даваме на македонските писатели, програмата за одговорно однесување кон природата и заедницата „Се грижиме за планетата“, наградата за најдобар превод „Драги“, инклузивните настани и активности, или платформата writers.mk, која наскоро треба да стартува како порта(л) на македонската литература кон странските пазари.

Сето ова се проекти во кои сме целосно вложени како тим и кои на секаков начин исцрпуваат, но истовремено и мотивираат. Тоа е така, бидејќи она што отсекогаш нè инспирирало е токму преку личен пример да направиме промена напред за заедницата, без оглед на влогот што треба да се даде. Само така мислам дека може и да се случи промената или the metamorphosis.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 249, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.09.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот