Интервју со Владимир Стојчевски од „Културно уметнички работници“: Црпиме инспирација од екс-ЈУ времето

Фото: Зденко Петровски

„Културно уметнички работници“ годинава слават четврт век постоење, па цела година некако им е јубилејна. Сепак, круната на тие 25 години е настапот (1 октомври) на престижниот фестивал „Док енд ритам“ (Dok’n’ ritam) во Белград, каде што ќе бидат дел од придружната програма.

Оформени на 25 мај во 1999 година, во Младинскиот културен центар во Скопје пред крајот на истата година го имаа својот прв концерт, на првото издание на фестивалот „Таксират“.

Годинава, во чест на јубилејот, „К.У.Р.“ го промовираа своето прво винилно издание, на кое е втисната снимка од еден настап во живо.

За тековниот јубилеј, но и за предизвиците повторно да настапат во Белград, пред одбрана публика, и со добар повод, зборуваше Владимир Стојчевски, бас-гитаристот во бендот.

– Пред нашиот концерт во Белград ќе биде промовирана книгата за филмот „Како пропадна рокенролот“, па во таа чест сме замолени да ја отсвириме песната „Тресе, лупа, удара“, која беше една од носечките во филмот. Ние сме растени на музиката од поранешна Југославија. Од „Пакет аранжман“ и целиот тој нов бран, до она што се свиреше во Србија, Босна, Хрватска, Словенија и во Македонија, секако, бидејќи нашата сцена многу си ја почитуваме. Ние црпиме инспирација од тоа време, внесувајќо и некои свои елементи.

Љубовта меѓу „Док енд ритам“ и „Културно уметнички работници“ трае со години. Во 2017-та на фестивалот беше прикажан филмот за нивната работа, насловен според песната „Денот да е радосен“, кога и имаа свирка во Студентскиот центар. Во меѓувреме пораснаа, а актуелниот концерт е во престижниот „Дорќол плац“. Бидејќи на промоцијата на книгата за филмот „Како пропадна рокенролот“ е повикана целата екипа која го реализираше филмот, несомнено е дека нашите музичари ќе бидат во добро друштво.

Во јубилејната година „К.У.Р.“ посебно го истакнуваат концертот во Демир Хисар. Стојчевски на шега вели дека прво што направиле, се сликале пред психијатриската болница. До крајот на годината имаат уште една „луда“ идеја – турнеја по Скопје, поточно по некои места каде што во градот се прават добри свирки.

– Од средина на ноември до крајот на годината одиме на „Скопска турнеја“. Концерти по скопски кафулиња, бидејќи секое кафуле има своја публика. Тоа како предизвик ќе биде финалето на годината на нашиот јубилеј.

Оваа шестчлена екипа, која некогаш броеше осум, па дури и девет члена, годинава го оствари својот сон, да објави лонгплеј плоча.

– Станува збор за концертен албум што ги содржи најголемите хитови од целата кариера. Дури, можеби не е некојa си „бест оф“ колекција, ама сигурно е најдоброто според нашиот избор.

Материјалот за новиот албум на „К.У.Р.“ е веќе подготвен, па во периодот што следува, ќе се посветат на снимањето на песните. Според планот, нивната нова објава треба да ја здогледа светлината на денот веќе следната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот