Интервју со Викторија Илиоска, нутриционист: Место со млеко, спанаќот јадете го со салата од пиперки

Фото: Приватна архива

Со Викторија Илиоска, дипломиран нутриционист, разговараме за правилниот начин на исхрана, идеалните комбинации за намалување на килограмите, потребата од вежбање, проблемите со кои се соочуваат жените во менопаузата и уште многу теми врзани со правилниот начин на исхрана…

Кои се најлошите комбинации во исхраната што ги практикуваат Македонците и што значајно влијаат врз таложењето на килограмите?

– Пред сè, комбинацијата на бел леб или маркетиншки промовиран „интегрален“ леб преполн со адитиви комбиниран заедно со речиси секој оброк. Би ја додала тука и навиката на јадење десерт веднаш по главниот оброк. Овие комбинации долгорочно влијаат лошо врз нашето здравје, преку нарушување на нашата дигестија и микробиом, а секако и врз таложење на килограмите.

Кога е во прашање изборот на храна, која е идеална комбинација за здрав организам, но и за одржување на линијата и намалување на килограмите?

– Најкорисно е кога во исхраната се комбинираат намирници што ја зголемуваат биодостапноста на нутриентите, а во исто време да се избегнуваат намирници што ја спречуваат нивната апсорпција во организмот. Практично кажано, ако јадеме спанаќ, добро е да се комбинира со салата од пиперки засладена со цеден лимон, кои содржат витамин Ц и ќе го помогнат искористувањето на железото од спанаќот. Од друга страна, ако спанаќот го комбинираме со млеко, калциумот од млекото може да ја спречи целосната апсорпција на железото од спанаќот. Вакви правилни и неправилни комбинации има многу. Кога не ги знаеме, ние користиме само дел од придобивките на храната, а често и залудно воведуваме промени и немаме резултати.

Освен исхраната, колку влијае вежбањето?

– Многу. Миксот правилна исхрана и вежбање може да врати во нормала состојби како дијабетес, висок крвен притисок, анксиозност и многу други. При губење телесна тежина, пак, овој пакет е незаменлив. Исхраната помага при вежбањето побрзо да се намали масното ткиво и да се постигне посакуваната мускулна маса, а вежбањето помага исхраната да биде искористена од телото на правилен начин. Затоа, јас како дипломиран нутриционист, преферирам соработки со професионални тренери од различни спортови. Оваа година со Рита Конзулова од „FameFit“ славиме петгодишна успешна соработка.

Фото: Приватна архива

Кој е советот за оние што сакаат да изгубат повеќе килограми?

– Оние што сакаат да изгубат повеќе килограми, не треба да се фокусираат на брзи и краткотрајни решенија. Имаме милион примери на психички и физички исцрпени клиенти, кои губењето килограми го поврзуваат само со елиминациски и рестриктивни диети, и на кои во 99 отсто од случаите ваквите диети им го нарушиле правилниот однос со исхраната и, пред сè, правилната работа на нивниот дигестивен систем, хормони и метаболизам.

Досега сте им помогнале на повеќе луѓе значително да ги намалат килограмите и да направат телесна трансформација. Со кои клиенти Ви е најтешко да ги постигнете посакуваните резултати, а со кои најлесно?

– Најтешко успеваат клиентите со желба за промена поттикната само поради конкретен настан на одреден датум, нетрпеливост и недоверба во процесот. За таа разлика, секогаш успеваат клиенти што немаат фиксни бројки во глава, туку едноставно сакаат засекогаш да го променат својот животен стил и начинот на кој ја перципираат храната. Така што, трајни и вистински промени се достигнуваат кога не гледаме во часовникот, календарот или на вагата.

Жените и менопаузата. Може ли малку повеќе за ова, со оглед на тоа дека често слушаме муабети дека во тој период најтешко се губат килограмите? Кои се Вашите совети?

– Хормоналните промени во менопаузата, особено опаѓањето на естрогенот, кој учествува во распределба на масното ткиво во организмот, знаат да го отежнат процесот на слабеење. Менопаузата може да ја зголеми резистентноста на инсулинот, па тоа значи дека намалување на благото и процесираната храна ќе помогнат помалку да се таложи масно ткиво околу абдоменот и сите неактивни делови од телото. Фокус на здрави протеински извори што ќе овозможат стабилен апетит и растителни влакна што ќе ја одржуваат дигестијата балансирана. Исто така, намалувањето на мускулната маса со годините, предизвикува и бавен метаболизам. Токму во овој период е клучно жените повеќе да вежбаат за одржување на мускулната маса и намалување на стресот, кој инаку го зголемува лачењето на кортизол што знае да придонесе во складирањето на маснотии.

Фото: Приватна архива

Што е со скриените калории?

– Намирници, без разлика дали здрави или не, за кои често не се обрнува внимание колку многу се калорични и прекумерно се користат се: јаткасти путери, суво овошје, маслиново масло, крем-сирење, мајонез, гранола, засладени млека, пржена храна, пекарски производи, сувомеснати производи. Полни балансирани чинии на друга храна, знаат да се помалку калорични отколку една лажичка или еден грст од овие намирници. Кога ќе се обрне внимание на тоа, можеме многу лесно да избегнеме вишок непотребни калории.

Кога почнавте да се занимавате со нутриционизам и колку Вие го практикувате она што го советувате?

– Непрофесионално почнав да внимавам на исхраната во средно училиште, кога ми беа дијагностицирани полицистични јајчници и кои потоа целосно ги излекував на природен начин. Во мојот случај тоа беше безбедно и успешно. Потоа се запишав на факултетот за нутриционизам, со што уште повеќе навлегов во науката за исхраната. Следуваа многу обуки и конгреси каде што веќе и почна мојата интеракција со интернационални стручни лица во оваа област и ми отвори многу нови гледишта. Во 2019 година го основав центарот за нутриционистички услуги – nutriVI club.

Како нутриционист, кој е Вашиот најчест совет што им го препорачувате на сите што сакаат и да ослабат и да се хранат правилно?

– Фокус на исхрана што придонесува до правилна дигестија. За сите што сакаат да бидат здрави и да ја постигнат посакуваната телесна тежина, предлагам да заборават на броењето калории и елиминациските диети и да се стави фокус на исхрана што води до балансирана дигестија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот