Интервју со Сања Цинцева, фолк пејачка: Прекарот „струмичката Барбика“ ми остана заштитен знак

Фото: Приватна архива

Фолк пејачката Сања Цинцева неодамна ја промовира песната „Аман, аман“ за која сними и спот. Долги години е дел од музичката свена, но и денес вели дека песната „Министерка“ и прекарот „струмичката Барбика“, ѝ ја одбележаа нејзината кариера. Со Сања Барби Цинцева, разговараме во интервјуто за „Слободен печат“.

Неодамна ја промовираше новата песна „Аман, аман“ за која сними и спот? Каде се снимаше спотот и дали си задоволна од тоа како песната поминува кај публиката?

– Спотот се снимаше неколку дена во Охрид, еден од поубавите градови во нашата држава. Задоволна сум од секоја моја песна во мојата кариера, па исто така и од новата „Аман аман“. Она што е карактеристично за мене, е што секогаш се трудам да бидам поразлична од другите колеги, никогаш не сакам да сум по ист терк со сите, сакам тоа што го правам да биде поинакво, несекојдневно и навистина се трудам секоја моја песна да биде поразлична од другите песни.

Кои се најчестите коментари, што велат пријателите, особено дали доби поддршка од колегите?

– Најчестите коментари се баш позитивни и токму тоа дека сум поразлична од останатите. Досега не слушнав нешто лошо, освен дека им се допаѓа тоа што го работам. Секако дека добивам поддршка од пријатели, од колеги и секако, за мене најважната и најголемата поддршка е од семејството.

Фото: Приватна архива

Од кого ја наследи љубовта кон музиката и како почна твојата музичка кариера? Тешко ли беше на почетоците да се наметнеш на сцената?

– Љубовта кон музиката ја наследив од татко ми, и тој исто беше музичар и пејач. Искрена да бидам, не ми беше воопшто тешко на почетоците, туку напротив, лесно успеав да се наметнам на сцената. Памтам кога за првпат се појавив на сцената на еден фестивал, веќе следниот ден се видов на насловни страници во повеќе тогашни весници, на кои пишуваше „струмичката Барбика“, и оттогаш го добив прекарот Барби.

Како ја одржуваш убавината и колку ги поддржуваш естетските корекции како начин да се задржи и убавината и младешкиот изглед подолго?

– Убавината не се задржува со естетски корекции и јас сум против тоа. Убавината или ја имаш или ја немаш. Јас мојата убавина ја негувам со насмевка, среќа и позитивна енергија! Мислам дека тоа е идеална комбинација, кога и душата ти е убава.

Фото: Приватна архива

Дали си од оние жени коишто сакаат да готват и колку време поминуваш во кујната? Имаш ли некој омилен рецепт?

– Сакам да готвам, уживам во тоа. Понекогаш знам за кратко време да направам нешто, а има денови кога сум подолго време во кујната, зависи од рецептот што го готвам. Немам некој посебен рецеп, меѓутоа, љубител сум на зеленчук и риба.

Која песна ја сметаш за твоја лична карта, поради која ти тргна и кариерата по нагорна линија?

– За лична карта и посебна песна во мојата кариера ја сметам „Министерка“ којашто ја сработивме заедно со Борче Нечовски и Дејан Момировски. Токму оваа песна стана и мој знак за распознавање и со неа се наметнав на музичката сцена. Кога ќе размислам и ако се вратам наназад, ништо не би променила во мојата кариера.

Фото: Приватна архива

Прекарот Барби е твој заштитен знак, од каде и како дојде до ова?

– Прекарот Барби го добив од Зоки Фаци и сум му благодарна, тој ме нарече така, уште многу одамна, кога првпат ме објави на насловната страница во еден дневен весник, со наслов „струмичката Барбика“.

Се дружиш ли со колешките од естрадата и дали постои ривалство?

– Се дружиме, да, и секако по фестивали, на некои манифестации, но приватно не многу. Ривалство имало отсекогаш и секогаш ќе има, но тоа е дел од естрадата и животот на јавните личности. Но, како велам, само да сме живи и здрави, а сè друго поминува.

Имаш ли време за љубов и што те прави среќна?

– Среќна сум кога сум вљубена. Љубовта ме прави среќна и секогаш ѝ давам шанса на љубовта. Среќна сум и што имам фамилија која ме поддржува и ми е најголема мотив во сѐ ова што го работам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот