Интервју со Никола Џуричко пред настапот со неговото „Џони миднајт трио“ во Скопје

Бендот „Џони миднајт трио“ е составен во Лос Анџелес

Американскиот бенд „Џони миднајт трио“ на познатиот актер Никола Џуричко на 3 јули ќе одржи концерт на терасата на „Паблик рум“ во Скопје. На концертот ќе биде отсвирен албумот „По сеќавање“, а скопската публика ќе слушне и досега необјавени песни на бендот.

Никола Ѓуричко важи за еден од најдобрите балкански актери со холивудска кариера, успешен регионален стендап-комичар, а глобално се прослави со повеќе улоги во мегапопуларни ТВ-серии и педесетина улоги на филмското платно. Во некои од нив имаше блиска соработка со актери од А-листата, вклучувајќи ги Џефри Раш, Анџелина Џоли, Бред Пит, Шон Бин, Лили Колинс, Лукас Хас, Арманд Асанте и многу други.

Во неговата домашна филмска кариера успеа да оформи фантастични ликови во легендарни остварувања, како филмовите „До коска“, „Муње“, „Кога ќе пораснам ќе бидам Кенгур“, „Зона Замфирова“, а има и над 50 улоги на театарската сцена. Во последно време забележителен е неговиот ангажман и во областа на рок-музиката.

Со „Џони миднајт трио“ доаѓате во Скопје. Каков репертоар подготвивте за концертот во Скопје?

– Ќе ги свириме сите песни од албумот „По сеќавање“, ќе имаме неколку песни од новиот албум, кој е во фаза на подготовка, и уште неколку песни кои од различни причини не влегоа на албумот.

Каде се наоѓа базата на бендот „Џони миднајт трио“, како е основан бендот и кои се другите членови на групата?

– Ние сме бенд од Лос Анџелес, така што нашата база (читај фамилија, Н.Џ.) е во Калифорнија. Почнавме заедно да свириме на 29 ноември 2021 година. Ете, баш така се случи, на 29 ноември (најголем државен празник во поранешната СФРЈ, н.з.). Членови на бендот сме Мексико (Саша Паниќ) кој свири бас-гитара, Срки (Срѓан Миленковиќ) кој удира на тапани и јас свирам на гитара и пеам.

Кој е Џони во бендот?

– Јас само стојам напред и технички сум водач на бендот, но без другите двајца сум „труба“.

Најпознат сте како актер, настапувате како стендап-комичар, а во исто време сте и музичар. Какво влијание има музиката во Вашиот живот?

– Музиката е пред секоја филозофија, но признавам дека на прво место сум актер. За мене сите тие се елементи преку кои можам да бидам со креативни луѓе, да создаваме и да фантазираме. Мислам дека е природно актерот да биде човек кој свири, пее, а уште и е духовит.

Претходниот пат, кога бевте во Скопје, настапивте со својот стендап-перформанс. Што лично Ви значи доаѓањето во Скопје?

– Скопје е еден од поважните топоними во мојот живот. Уште како дете, во 1984 година, настапив на детскиот фестивал „Златно славејче“ баш во Скопје. Уште ја чувам статуетката со славејче како прва награда што сум ја добил во мојот живот. Според легендите, мојата баба скокала во Вардар за да не ја тепаат, бидејќи сакала да биде глумица, и на крајот, сепак, станала глумица. Минатата година, поради огромен интерес, имав два стендап-настапи еден по друг во Скопје, што не било случај во ниту еден друг град. Така што одвреме-навреме Скопје ми се појавува во животот.

Никола Џуричко во улогата од филмот „Илузија“

Поминаа точно 20 години од филмот „Илузија“ (Mirage) на режисерот Светозар Ристовски. Мислам дека оттогаш не сте учествувале во друг македонски филм. Во какви сеќавања Ви остана таа улога?

– Во прекрасни сеќавања ми е тој филм. За разлика од многу други помлади колеги, јас можам да се пофалам дека сум глумел на македонски јазик. Самото чувство дека екс-Југославија и понатаму е единствен културен простор за мене е многу важно. Тогаш снимавме во Скопје и во Велес. Ја прославив мојата „момачка вечер“ во Велес, пиевме „жолта“. Низ „жолта“ маглина се сеќавам на таа вечер. Утрото, со помош на пријателите, без една чорапа, тргнав за Белград на мојата венчавка.

Каков живот Ви овозможува Лос Анџелес, во однос на филмот, стендапот и музиката?

– Лос Анџелес е мегалополис со бескрајна понуда на содржини. Живеам веќе пет години таму и имам впечаток дека сѐ уште го запознавам. Во Лос Анџелес се одржуваат филмските премиери, има клубови за комедија, од таму почнуваат концертните турнеи, светските изложби и многу друго. Има сѐ што ве интересира, само треба да се распрашате, да следите и да возите до настанот и назад. Понекогаш најдраго ми е нешто многу едноставно, како сонцето, океанот и семејството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот