Интервју со Моника Црнокрак, манекенка: Со Виктор љубовта почна на одбојка, тој е мојата најголема поддршка

Фото: Приватна архива

Иако со манекенството се занимава од хоби, таа е асистент по маркетинг. Веќе четири години е во љубовна врска со Виктор Петров, кој ѝ е најголемата поддршка….

Моника Црнокрак (25), ќерката на македонските модели Светлана и Мики Црнокрак, сѐ повеќе го привлекува вниманието на јавноста. Лани ја освои титулата Мис фотогеничност на изборот за Мис на Европа што се одржа во Либан, а сега е сѐ повеќе актуелна како дел од екипата на „Голден карпет“, каде што за првпат работи како водителка на емисијата. Иако со манекенството се занимава од хоби, таа е асистент по маркетинг. Веќе четири години е во љубовна врска со Виктор Петров, кој ѝ е најголемата поддршка….

Се подготвуваш ли за летување? Што е за тебе идеален одмор и кое патување ти оставило најголем впечаток?

– Богами на овие пеколни температури, паметот ми е само на море. Прва дестинација за летово ми е Египет, подоцна имам и некои други испланирани патувања.
Секое патување си има свои убавини и тешко можам да се одлучам помеѓу релаксирачки одмор и патување со многу шетање и запознавање нови работи. Секако, доколку ми е потребен вистински одмор, идеален е оној со по цел ден лежење на плажа и мозокот пуштен на „пасење“. Меѓу патувањата со најголем впечаток, досега ми е дефинитивно Јужна Кореја.

Фото: Приватна архива

Во изминатиов период сѐ повеќе си актуелна како водителка на ТВ-шоуто „Голден карпет“. Како излезе оваа работа и со оглед на тоа дека е прво ТВ-искуство, како се снајде?

– Сосема случајно, по разговор и желба на Миро. За мене беше изненадувачки предизвик и со задоволство пристапив кон тоа. Сѐ се учи, се стекнува навика и искуство, но се трудам секој пат да сум подобра и да ги подобрувам моите водителски вештини.

Фото: Приватна архива

Асистент по маркетинг и дел од изборите за убавина во светот. Како ги усогласуваш двете работи и каде повеќе се наоѓаш себеси?

– Покрај примарната работа, манекенството и модата ми се хоби. Сѐ се може ако се сака, па секогаш правам баланс со сите обврски и ангажмани што ги имам. Во секој случај, не оставам работата да трпи.

Колкава поддршка добиваш од Виктор и како почна вашата љубов? Дали некогаш е љубоморен, со оглед на тоа дека си јавна личност и се занимаваш со манекенство?

– Со Виктор се запознавме сосема случајно, на рекреативна одбојка. Тој ми е најголема поддршка и секогаш стои зад моите одлуки, а ме бодри и во моменти кога навистина ми е потребно некој да ме подбутне. Нормално е да постои љубомора, но сѐ во свои граници.

Фото: Приватна архива

Како е да се биде дел од модно семејството и со кого повеќе се консултираше за изборот на облека, и воопшто за изгледот пред излегување. Со Мики или со Светлана?

– Секако дека уживам во своето модно семејство, а родителите ми се најголемиот советник и поддршка во животот. Кога станува збор за мода и мојот изглед, нормално по женска линија се консултирам со мајка ми, а татко ми е тој што секогаш потврдно кимнува со главата.

Фото: Приватна архива

Како го минуваш слободното време и што најчесто правиш, а што те прави среќна?

– Уживам постојано во присуство на моето куче Даша, која секогаш знае без проблем да ми предизвика среќа и насмевка на лицето со својата неизмерна љубов. Покрај семејството и Виктор, слободното време го поминувам со своите другарки. Партија јамб и пикадо ми е секогаш добредојдена за добро расположение.

Фото: Приватна архива

Како ја одржуваш линијата и тешко ли е постојано да си во топ-форма?

– Линијата ја одржувам со вежбање, здрава исхрана и фастинг. Секако дека не е лесно да си постојано во топ-форма, во последно време малку „забушавам“, па тешко ми е да се вратам во онаа состојба во која сум била, но со желба, волја и посветеност верувам дека ќе си ја остварам својата цел за брзо време.

Фото: Приватна архива

Со сестра ти Нина сте 13 години разлика, колку сте блиски и како функционирате двете заедно?

– Со Нина имаме посебна поврзаност, буквално сум ѝ како втора мајка. Таа веќе станува голема девојка и е вистинска убавица. Се радувам на нејзини години колку зрело размислува и како се однесува, а секако јас сум секогаш тука за неа, за совет, за симпатија, споделување тајна, па и рамо за плачење и секако најголема поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот