Интервју со Марко Маринковиќ – Слаткар: Алкохолот ми беше начин на живот, сѐ е подобро откако престанав да пијам

Фото: Приватна архива

Марко Маринковиќ – Слаткар долго време е дел од музичката сцена. Песната „Да полетам“ ја напишал за тешката финансиска состојба во која се наоѓало неговото семејство и за неа вели дека и денес таа е негова лична карта. Десет години е во брак е со поранешната водителка и манекенка Сања Николиќ, која му е најголемата поддршка, а заедно го имаат синот Моша.

За татковството, борбата со алкохолот, љубовта, музиката… зборува во интервјуто за „Слободен печат“.

Неодамна прославивте 10 години брак со Сања. Што е првото што ти текнува кога првпат ја виде?

– Па сега кога ќе си го вртам филмот, години наназад, првото нешто што сум го кажал кога сум ја видел е: Ууу… ама е убава. Тоа е првото што ми текнува, кога ќе се сетам на Сања.

Колку низ сите овие години таа ти е поддршка, колку сте слични, а колку различни?

– И двајцата сме лавови во хороскоп, односно, машки лав и женска лавица, тоа се два различни поими, но тоа е сигурно една од работите што прави да сме слични, иако во многу нешта и размислувања се разликуваме. А, дека ми е поддршка низ сите овие години, во сè што работам, тоа се подразбира и сум среќен што е навистина така.

Те промени ли татковството и дали си строг татко?

– Па искрено не сум строг, но мислам дека Моша сè уште не е на возраст на која јас треба да сум строг. Некогаш знае да ме излуди и да се развикам, но искрено, тој сè уште е мал за да му поставувам граници. Иако, како единец, знае да се „пекмези“, но тоа е како и секое дете. За разлика од Сања, јас сум построг. Но, тоа е класика, буквално мајките се тие што оставаат децата да им се качат на глава. Неодамна имаше еден момент, кога шкрташе по дома и јас велам „аман што правиш“, а Сања, ми вели, „ама остави го детето да се изрази“.

Фото: Приватна архива

Моша има мошне ретко и убаво име, кое е значењето и зошто го одбравте тоа име?

– Моша е навистина убаво и ретко име, и единствениот Моша што ние го познаваме е Моша Пијаде. Па, сега, добар дел од луѓето и не знаат дали Моша Пијаде бил женско или машко. Па кога се роди Моша, искрено, јас добив и неколку пораки од типот „да е жива и здрава“. Но, ете, Сања е Еврејка по мајка и сакаше некое еврејско име. Јас и не знам како ми излезе ова име, но Моша е исто така еврејско име и не е толку популарно. Така и се решивме за тоа, а и не се покајавме.

Неодамна направи концерт со кој славеше 15 години од твојот прв албум „Слаткаристика будало“. Да те вратам на времето на почетоците и дали беше тешко се наметнеш на домашната сцена?

– Искрено, кога почнав да се занимавам со музика, јас немав идеја да се наметнувам некаде или некому. Јас тоа го правев, пред сè, за да си помогнам сам на себе, но кога почнав да пеам, брзо сфатив дека на луѓето им се допаѓа тоа што го правам. Не можеш да измислиш топла вода, но, пластично кажано, сакав да го донесам Ем-ти-ви во Македонија, да го донесам тој западен начин на работа на претставување и настапување овде.

„Да полетам“ секогаш ќе биде приказна на твоето семејство. Која е пораката на оваа песна и дали на некој начин тоа ќе остане твоја лична карта?

– Па да, и некако тоа навистина се наметнува така, затоа што тоа е веројатно прва песна каде што некој толку отворено кажува за себе и си ја отвора душата. Првпат некое дете пее за својата ситуација во која се наоѓа и некако како најмногу да ме отсликува мене. Знам дека кога ја напишав таа песна во која зборувам за мојата тешка ситуација, татко ми велеше: „Ајде сине, немој, па зарем не ти е срам“. Мене не ми беше срам да го кажам тоа што ме мачело, би ми било срам само доколку крадам или лажам. Тоа е првпат кога и се отворив пред луѓето и речиси се „соблеков гол“ пред јавноста.

Фото: Приватна архива

Во една од твоите песни споменуваш дека си „раскрстил со алкохолот“. Каков е животот без „капка алкохол“?

– Па, сега, знам да се напијам по две-три пијачки, но ретко ми се случува да се напијам како порано, кога алкохолот ми беше начин на живеење. Види, човек секогаш може да си најде причина зошто треба да се напие. Дали се прослави, излегувања, неважно. Но, ние како народ сме такви, секогаш имаме причина за славење и пиење. Па јас не знам кој има повеќе празници од нас во светот. Ние сме толку „нафурани“ дека треба да славиме, а кога ќе погледнеш, немаме за славење буквално ништо. Така што, кога видов дека претерувам, решив да сменам нешто, да намалам и со славење и со пиење.

Што правиш кога не се занимаваш со музика, што е она што те исполнува и има ли нешто интересно што не го знаеме за тебе?

– Искрено, јас не знам момент кога не пеам. Музиката е дел од мене и да можам, 365 дена во годината ќе ги поминам со песна.

Кои се идните планови и предизвици?

– Спремам многу нова музика, има и уште неколку нови песни коишто треба да ги снимам, а за наредната година подготвувам нов албум. По 12 години, време е за нов албум и многу нова музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот