Интервју со Игор Петрески: Сонот да освојам Оскар е моја цел, а победата на леукемијата најголем успех

Фото: Приватна архива

Петрески ни ги открива тајните на филмската шминка и маска, но и животните предизвици со кои се соочува, особено борбата со леукемијата и победата на болеста.

Игор Петрески е професионален шминкер, вработен во „Театарот за деца и младинци“. Во интервјуто за „Слободен печат“ ни ги открива тајните на филмската шминка и маска, талентот да ги трансформира јавните личности пред камерата, но и за животните предизвици со кои се соочува, особено борбата со леукемијата и победата на оваа болест што го смета за свој најголем успех.

Да се работи филмска шминка и филмска маска, верувам дека е голем предизвик. Од каде љубовта кон ова и како откри дека имаш талент?

– Секако дека е голем предизвик, филмската шминка/маска е, всушност, најтешката категорија во шминката, каде што треба да имате познавање и од областа на вајарството. Јас токму поради тоа посетував часови по вајарство, кога бев на почетокот од мојата кариера. А, што се однесува до талентот, тој сам по себе не вреди многу доколку не работите посветено и со љубов. Талентот може да биде 10 отсто, а останатите 90 отсто се напорна работа.

Фото: Приватна архива

Како изгледа филмската шминка, а особено филмската маска? Што сѐ е потребно за да се постигне оригинален ефект?

– Процесот на изработка е комплексен, има неколку фази при изработката. Најпрво се зема отпечаток од лицето или делот од телото за каде е наменета маската, или ефектот како, на пример, да се долови рана, исеченица и слично. Потоа се ваја „новото лице“, се става силикон или друг материјал во калапот и дури потоа, како готов производ, се аплицира на актерот/актерката.

Особено ме интересира филмската маска, сите оние крвави сцени, каде гледачите се вџашени од изгледот на актерите, а зад нив, всушност, стоиш ти и успеваш да го доловиш сето тоа да изгледа верно?

– Секогаш кога има такви сцени, потребно е да се биде внимателен, јас кога ќе го прочитам сценариото и кога ќе видам за каква рана станува збор, секогаш прво истражувам, сѐ со цел тој ефект да биде реален. На пример, ако имаме исеченица на врат или место каде што има вени, тука секогаш мора да има повеќе крв, доколку е исеченица на коска или на некое слично место, тука нема логика да има многу крв. Истото важи и за другите ефекти. Но, на крајот, секогаш заедно со режисерот одлучуваме до кој степен ќе биде „крвава“ сцената.

Фото: Приватна архива

Како изгледа еден ден зад камерата додека се работи на филм?

– Не е лесно ниту зад камерите. Секогаш треба да се биде внимателен и мора да се следи секој кадар, да се запази континуитетот, односно да внимаваме во која сцена што сме работеле, доколку се повтори таа сцена, што можеби се снимала во изминатиот ден, сето тоа треба да изгледа идентично, односно исто како што било и претходниот ден, да биде и следниот ден.

Фото: Приватна архива

Вработен си во „Театарот за деца и младинци“, колкав е предизвикот да се биде дел од оваа екипа?

– Театарот е посебен медиум, во театар треба силна шминка и создавање карактери. Во некои претстави често се прават и промени во текот на претставата, каде што еден актер/актерка има повеќе улоги и тоа подразбира и брза промена на шминката.
Инаку во мојот матичен театар „Театарот за деца и младинци“ работам со одлични и веќе докажани актери и актерки, и во тој контекст лесно е да се работи со вистински професионалци, кои инаку се докажани и на филмското платно! Тука секако ќе ги спомнам сите вработени во театарот, коишто се врвни и докажани професионалци, секој во својот сектор. Цело е кога има сѐ!

Фото: Приватна архива

Што ти ја одбележа година, имаш ли нешто што посебно те направи среќен?

– Најсреќен бев кога пред неколку месеци, докторот ми кажа дека моите бели крвни зрнца сега се во ред, односно дека во мојата крв, повеќе нема знаци на леукемија, состојба што ми беше дијагностицирана пред четири години.

Фото: Приватна архива

Тешко ли беше овие четири години да се носиш со состојбата, особено кога ти соопштија за леукемијата?

– Не можам да го опишам чувството кога ми соопштија со што треба се соочам, знам дека докторката продолжи да ми зборува, но јас веќе не ја слушав, бев „исклучен“. Овие четири години бев под голем психички притисок! Само неколку луѓе знаеја низ што поминувам, дури ниту моите родители не дознаа за мојата состојба, затоа што сакав да ги заштитам од големи стресови и нервози, татко ми лани почина, а мајка ми и ден-денес не знае низ што поминав. Инаку, за среќа, за мојот тип леукемија има високоефективен лек и не е животозагрозувачка состојба, што не било случај пред 20 години кога не бил измислен овој лек, во тоа време оваа состојба била фатална.

Фото: Приватна архива

Кои се следните ангажмани и дали размислуваш за работа на филм надвор од нашата земја?

– Имам некоја почетна понуда за работа надвор од Македонија. Во Србија веќе работев на два филма и една серија. Пред неколку денови завршив со снимање еден филм тука во Скопје и сега повторно имам најави да работам на друг филм, значи продолжуваме понатаму, сѐ до освојување Оскар!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот