Интервју со Ѓоко Танески: Среќен сум што се најдовме, но и тажен што 40 години бевме одделени со мојата сестра

Фото: Приватна архива

По 30 години музичка кариера, Ѓоко Танески на 20 јули ќе има концерт во Античкиот театар во Охрид. Вели дека сè е подготвено за неговиот настап, иако чувствува и трема затоа што ќе пее пред својата публика.

Во разговор за „Слободен печат“ ни открива за почетоците во музиката, за интернатот во Кавадарци, за средбата со својата сестра, за бракот, децата, за Охрид…

По 30 години, конечно солистички концерт во Охрид. Зошто чекаше толку време за да го оствариш својот сон?

– Одамна планирав да направам концерт во Античкиот театар во Охрид, но работата се одолговлекуваше, и еве, конечно решив, токму оваа година тоа да го истуркам до крај, со повод, па по 30 години кариера, времее и за концерт.

Имаш ли трема и колкава е возбудата?

– Да, имам трема и тоа голема, затоа што настапувам пред моја публика. Не дека не сум настапувал досега, во живо и пред поголем дел од тие луѓе што ќе дојдат, но овој пат фокусот е исклучиво на моите песни, а и одговорноста е голема. Сепак, верувам дека до сабота ќе ја надминам тремата и дека ќе имам прекрасен концерт за мојата публика.

Што конкретно ти ја одбележа кариерата, која песна е твоја лична карта и дали е тешко да се опстане на музичката сцена толку долго?

– Да бидам искрен, многу е тешко да се опстане на македонската сцена, но низ целата моја кариера, за која и не мислам дека е многу успешна, барем можам да кажам дека е константна. Се трудам постојано да вадам нови песни, на две-три години по една. За жал, нашата сцена е многу слаба и не знам дали трудот се исплати. Но, моето одржување на сцената е затоа што ја сакам музиката, ги сакам настапите во живо и сакам да ја почестам публиката со по една нова песна.

Фото: Приватна архива

Кога откри дека имаш талент за пеење и како, всушност, почна твојата музичка приказна?

– Искрено, многу доцна открив дека имам талент за пеење и тоа во средното шумарско училиште. Учев во Кавадарци, живеев во интернат и таму секогаш имаше седенки, свирки, дружења, па еден мој колега откри дека знам да пеам. Оттаму ми почна и желбата за пеење и кариерата, од Кавадарци, 92/93 година. Тој град и денес ми е при срце, таму почнав да пеам и таму почнав да работам, па и денес кога и да одам таму, се чувствувам прекрасно.

Охриѓанец… кога е за тебе Охрид најубав и што најмногу сакаш во твојот град?

– Охрид за мене е убав во кое било време, но најубав е во зима кога ќе падне снег. Го сакам Охрид затоа што е мирен, нема многу метеж и сообраќај и затоа што е град на културата и никогаш нема да го напуштам Охрид.

За тебе е врзана и приказната за твојата сестра Елена, со која се најдовте по долги години потрага.

– Да, по неколку години трагање по мојата сестра, ја најдов и ние сме во одлични односи, се слушаме многу често, тие доаѓаат кај нас, ние кај нив, таа живее во Богданци. И внуците исто така доаѓаат често, едното внуче работи во Охрид, па често се гледаме. Многу сум среќен поради тоа, но и тажен истовремено, затоа што 40 години поминавме одделени. Но, како и да е, сега се имаме еден со друг и сум пресреќен.

Фото: Приватна архива

Колку години имаат ќерките, Анастасија и Михаела, дали си строг татко? Ти ги кажуваат ли проблемите и дали си близок со нив?

– Анастасија е постара и има 16 и пол, помалата Михаела има 12 и пол години… мислам дека сум грижлив татко, но не сум строг. Блиски сме, можам да речам сега сме пријатели и се надевам и мислам дека ми кажуваат сè што е во границите на нормалното, во еден нормален однос на татко со ќерки.

Колку сопругата Розе е твоја поддршка и како таа се справува со твојата популарност низ годините?

– Мојата сопруга Розе е доста толерантна, иако можеби на почетокот од нашиот брак имаше некои работи што не ѝ се допаѓаа, па и прашања: „Зошто остануваш по два дена кога пееш“… Но, сега е сè супер, и таа се навикна и ми дава поддршка. Розе е грижлива мајка, се грижи за нашите ќерки, ме разбира и музички и приватно и секако.

Кога не пееш, приватно што најмногу сакаш да правиш и што те прави среќен?

– Кога не сум на настапи, сакам да уживам дома, пред сè, да слушам музика, да гледам филмови, доста слободно време трошам и на играње тенис, пинг-понг. Физички колку што можам сум активен, но, пред сè, кога сум слободен, приоритет ми е фамилијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот