Интервју со Емра Куртишова: Споменот на баба Лена се овековечи со тоа што ќерката го носи нејзиното име

Фото: Приватна архива

Актерката Емра Куртишова, која публиката ја засака како Исаура од хит-серијата „Преспав“, пред седум месеци стана мајка на малата Лена. Вели дека сега ужива во најубавата улога во животот и дека како мајка одлично се снаоѓа со новите предизвици.

Со сопругот Петар Стојановски, кој е исто така актер, неодамна прославија една година брак. И двајцата вработени во Театарот за деца и младинци, одлично функционираат заедно, и на сцената и во приватниот живот.

Викендов славевте една година брак. Како ја прославивте годишнината и колку те промени брачниот живот?

– Поради работните обврски немавме многу опции за прослава, но секако овој викенд ќе одиме во Грција, па таму ќе си ја прославиме годишнината. Инаку, брачниот живот ме промени во однос на моите пребрзи одлуки, сега сум потрпелива, едноставно научив да му дадам време на времето.

Всушност, колку сте различни, а колку слични со Петар, кој попушта, а кој повеќе се лути?

– Чудно звучи, но мислам дека колку сме различни, толку сме и исти, и токму поради таа причина постои компромис што ги балансира работите.

Фото: Приватна архива

Како изгледа животот на двајца колеги, актери и сопружници? Како е кога сте заедно на сцена?

– Искрено, не би можела да замислам како би било кога би работеле различни професии. Една од нишките што нѐ спои, секако е професијата и во тоа е убавината. Немаме различни фокуси и поради тоа е уште поинтересно. Во моментов работиме на нова претстава и за првпат ќе бидеме директни партнери, ќе имаме заедничка сцена. Засега процесот тече одлично, сè уште имаме само читачки проби, но иако е така, веќе се наѕира интересен однос помеѓу ликовите.

Лена – убаво име избравте за ќерката. Чија идеја беше и има ли некаква приказна врзана за името?

– Во списокот што со месеци го правев беше и името Лена, не знаејќи дека бабата на Петар се викала така. Приказната за тоа е дека Петар бил многу поврзан со неа, а таа починала мошне млада, па така одлучивме споменот на баба Лена да се овековечи со тоа што Лена ќе го носи нејзиното име.

Фото: Приватна архива

Како се снајде на почетокот кога се роди Лена, те фаќаше ли страв како и сите мајки? Имаше ли помош и дали се навикна на новата улога во животот?

– Страв почувствував неколку недели пред да се породам, мислев дека ќе биде тешко, дека нема да се снајдам. Интересен е фактот дека работите ги правиш по интуиција, како некој или нешто да те води и ти кажува како треба. Мајчинскиот инстинкт секако си доаѓа.
Лена веќе има седум месеци, сега почнува најинтересниот период. Полека се претвора во мало човече кое секој ден ни го прави посебен, така што оваа улога на родители ни е вистински предизвик и уживање.

Дали мајчинство те промени, повеќе грижа, страв?

– Да, постои повеќе грижа и страв, но дозирано. Не сум од оние „фрикови“ што за сенешто се „притресуваат“. Лена е бебе, пред неа е цел живот, а животот е суров и токму поради тоа не сакам и нема да ја чувам во стаклено ѕвоно.

Фото: Приватна архива

Успеа ли да се вратиш во топ форма и, секако, на работните обврски?

– Пред да забременам, имав само 48 кг, бев премногу слаба, изгледав нездраво. Сега имам 56 кг и сметам дека токму тие неколку килограми ми недостасуваа за да изгледам нормално и здраво.
На работните обврски им се вратив три месеци по породувањето, телото и умот ми бараа активност. Оваа професија не дозволува стагнација, треба и мора да си активен. Договорот беше да ги играм претставите на репертоарот, два до три пати неделно, така што моето отсуство од дома траеше само три-четири часа, што и не беше така страшно, бидејќи Лена беше мирно бебе.

Како ќе ги усогласиш театарот и мајчинството, особено што и ти и Петар сте актери?

– Како што спомнав претходно, во моментов работиме заедно на нова претстава, и во оваа пригода еве вака јавно ќе им се заблагодарам на мојата мајка и на родителите на Петар што навистина премногу ни помагаат за да можеме да ги завршиме работните обврски. Во спротивно, сè би било претешко и невозможно… затоа едно огромно благодарам!

Фото: Приватна архива

По успехот со филмот „Недеља“, какви импресии носиш од снимањето на филмот?

– Беше убаво искуство да се види како тоа го прават Србите. Целата таа организација, начинот на работа, однос со колегите за време на снимањето и зад камерите… непроценливо искуство во секоја смисла.

Што да очекуваме следно во однос на професијата?

– Нови работни обврски очекувам од септември натаму. По премиерата во театар што се очекува да биде до 12 јули, ќе му се препуштиме на летото и ќе полниме батерии за следните професионални обврски.

Искрено со Емра Куртишова: По свадбата почина татко ми, загубата ме исфрли од колосек

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот