Интервју со Елена Стојановска-Јанковска: Се вљубив во маж ми на транс-журка, за среќа и тој во мене

Фото: Бојан Стоилковски/ Приватна архива

Од 16 години е пред ТВ-камерите и вљубена е во својата професија, иако како помлада сонувала дека ќе стане писателка. Елена Стојановска-Јанковска приватно е вљубена во својот сопруг Огнен и ќерката Илина. Ретко кој би помислил дека има 42 години, младешкиот изглед и позитивниот дух се само дел од особините поради кои ја сакаат гледачите на ТВ Сител, а и нејзините блиски и пријателите. Без оглед дали е изморена или не ѝ денот, Елена е речиси секое утро на нозе од 5 часот, насмеана, и своето убаво расположение им го пренесува на гледачите на Утринската програма „Ја сакам Македонија“. Луѓе често ѝ приоѓаат да ја поздрават, а кога ќе ја видат во неформално издание, велат дека поинаку ја доживуваат, а таа за секого има по некој убав збор. Елена за „Слободен печат“ ја раскажува љубовната приказна со сопругот, раскажува за тоа каква мајка е и кои нешта го прават нејзиниот живот убав и исполнет.

Фото: Приватна архива

Станувањето многу рано за да стасаш на време на Утринска програма е долго дел од твоето секојдневие. Има ли денови кога си изморена, немаш енергија и би сакала да одмориш уште некој час плус? Што правиш кога не ти е денот, а треба да си насмеана пред камерите?

– Секако дека има денови кога воопшто не ми се станува во 5 наутро, кога сакам да го исклучам телефонот, да се свртам настрана и пак да си потонам во сладок сон. Но, сметам дека имам одговорна професија, од многу малечка сум во етерот и многу ја почитувам публиката, а и медиумите во кои сум работела. Е, кога не ми е денот, пијам кафе, гледам да се расположам со колегите и на крај сѐ добро завршува.

Го паметиш ли твоето најпрво појавување на ТВ, во која емисија беше и на која возраст, на кој начин како почетник се избори со тремата?

– Го паметам како вчера да беше. Угро требаше да најави дека отсега па натаму музичката емисија 100% на А1 телевизија (а две музички емисии имаше само во тоа време) ќе ја води девојка. Тогаш само што наполнив 18 години и имав само двегодишно радиско искуство, па така зад камерите чекав да ме повикаат и да почнам. Пред да застанам на сцената, имав некое чудно чувство дека ќе ме снема, но штом стапнав таму со првиот изговорен збор, јас сфатив дека мене ми е преубаво и дека уживам под рефлекторите. Оттогаш па наваму, јас никогаш не сум почувствувала трема или нервоза, можеби само некоја убава возбуда, адреналин кој веќе со годините не го препознавам, но сигурно постои во мене. До ден-денес го спомнувам чичко Лазе Паковски и не знам како не му беше страв да ми довери во тоа време толку голем проект. Му благодарам што веруваше во мене.

Фото: Бојан Стоилковски

Што си инаку по професија, дали си по вокација новинар и имаш ли нешто друго работено, освен во медиумите?

– Иако од 16 години работам во медиуми, мислев дека ќе бидам писателка. Моја омилена книга беше „Љубовникот“ од Маргарет Дирас во тоа време, па мислев дека ќе пишувам љубовни романи и така се запишав на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Поминаа факултетските денови, но јас останав во медиумите и досега немам објавено роман, но кој да знае (хахахаха).
Магистрирав менаџмент на човечки ресурси, па знаењето го вметнувам во мојата работа кога има потреба. Постојано доаѓаат нови кадри, млади луѓе, ги обучуваме и така сум многу среќна што образованието ми помага во кариерата.

Неодамна, на наше заедничко патување во Турција, ти пријде една госпоѓа која сакаше да те поздрави, но на почетокот не те препозна дека си Елена од „Сител“. Дали и други луѓе поинаку те доживуваат кога ќе те видат во неформално издание?

– Многу често луѓето се изненадени кога ќе ме видат во живо затоа што ме замислуваат многу покрупна. Веројатно камерата си го прави своето и мене ми се многу симпатични тие забелешки од типот – колку изгледаш голема на телевизија, а колку си всушност малечка… Разни варијанти има, но јас сум среќна што луѓето ни ја гледаат емисијата, што нѐ следат и сакам да си разменам со нив по некој збор на тие средби.

Каква личност си инаку приватно, која особина ја сметаш за твоја најголема мана, а што ти е најголема доблест и квалитет?

– Не сум едноставна (хахахаха), ќе почнам оттаму. Се сметам за праведна, не сакам да ги повредувам луѓето. Вага сум во хороскоп и навистина некогаш знам да се премислувам, но кога ќе се одлучам за нешто, тоа останува така до крај. Негативна особина ми е што сакам да ги контролирам работите, сакам сѐ да е подредено, сите да се среќни и никако да научам дека тоа не оди така. Дома моите се жалат и дека премногу се оптоварувам со чистење, средување и вистина понекогаш сум напорна.

Ќерката Илина има 11 години, веќе полека влегува во тинејџерските години. Дали си строга мајка, има ли правила во вашиот дом, како се сложувате вие двете со оглед на чувствителните години во кои е Илина?

– Не сум строга мајка, многу сум попустлива. Точно е Милица, Илина е во некоја претпубертетска фаза и сега сме како најверни другарки, кои за многу нешта не се сложуваат, но бараме компромис. Мојата најголема желба е ако се случи нешто што знае дека не е умно и не е добро, дека нема да се грижи како да го скрие од мене, туку прво мене ќе ми се јави и ќе ми побара совет или помош. Важно ми е да ги почитува сите луѓе, да не ги дели според националност, професија, туку според тоа како се однесуваат кон неа. Не можам да ја заштитам од сѐ, но секогаш сакам да знае дека со татко ѝ ќе сме нејзина безрезервна поддршка.

Елена со ќерката Илина/Фото: Приватна архива

Ретко зборуваш за сопругот Огнен кој ти е голема поддршка. Како се запознавте, која е накратко вашата љубовна приказна?

– Смешно е. Работев во МС телевизија, го гледав одвреме-навреме и мислев дека доаѓа на гости. Го сретнав на журка на Таламаска, транс-музика чинам беше и на излегување го видов… Се поздравивме, му кажав дека го знам од телевизија, но тој не ми кажа дека ми е колега. Следниот понеделник ми кажаа колегите на работа, но веќе беше доцна, јас бев вљубена. За среќа, и тој.

Во кои нешта сте слични, а во кои различни, каде најмногу се дополнувате и кои се неговите најдобри особини?

– Во ништо не сме слични. Ние веројатно сме од оние парови кај кои спротивностите се привлекуваат. Јас сум плашлива од сѐ, тој е авантурист. Јас сум во облаци, тој е стабилен. Тој има многу убави особини, но јас ја обожавам неговата сигурност во себе и тоа што нема никаква потреба да се докажува никому. Најубавата особина, пак, му е таа што е многу грижлив и посветен кон мене и Илина.

Знаеш да објавиш фотографии од твојата сестра со која си личите. Назад во твоето детство, како се согласувавте, која беше подоминантна и какво дете беше ти?

– Јас сум поголемата сестра, иако разликата меѓу нас е мала, година и половина. Јас сум бринета, таа е светла, но сепак многу луѓе препознаваат дека сме сестри според цртите. Многу се чувавме една со друга, таа е повисочка од мене и секогаш заштитнички се однесува. Имавме скромно и безгрижно детство, си игравме, се каравме, имаше и мали тепачки (хахахаха). Отсекогаш се надополнувавме, многу сме блиски. Таа е единствениот човек на кој можам да му се доверам за сѐ, а и таа мене. Единствено поради мојот однос со сестра ми, жалам што Илина нема брат или сестра.

Елена со сестра си Катерина/ Фото: Приватна архива

Имаш ли некоја интересна приказна од тинејџерските денови, некоја лудост која си ја направила, а денес со насмевка се сеќаваш?

– За жал, не правев лудости. Бев „скроз“ одлична, неколку години бев претседател на класот, многу учев и бев здодевна. Но, потоа дојдоа гимназијалските денови, почнавме многу да излегуваме со другарките, да се забавуваме и така и на моите родители почнаа да им се појавуваат бели влакна.

Знам дека сакаш да излегуваш навечер, да се дружиш со блиските, имаш ли друг издувен вентил, нешто што најмногу те релаксира и те прави среќна во некое време кое е само за тебе?

– Сакам убава храна, сакам да патувам, сакам да читам книги и да уживам со луѓето што најмногу ги сакам!

Елена со сестра ѝ Катерина и со мајка им Стојна кога биле помали во Охрид/ Фото: Приватна
архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот