Интервју со „Буч Кесиди“: Македонските фанови се прекрасни и едвај чекаме да настапиме во Скопје

Фото: Софија Модошанов и Ивана Тешиќ/Марко Ристиќ

Ако љубовта ја нема во ноќните клубови, како што гласи една од нивните најпознати песни, тогаш сигурно ќе ја почувствувате на стадионот на АРМ во Скопје, каде што на 5 јули ќе се одржи големиот солистички концерт на српската музичка група „Буч Кесиди“.

Лука Рачиќ и Зоран Зарубица го сочинуваат ова алтернативно дуо, кое во последните 10 години ги освои срцата на љубителите на добрата инди-рок музика. Нивните песни се своевидна хроника на љубовниот живот на младите, поради што многумина лесно се пронаоѓаат во нивните текстови.

Ексклузивно за „Слободен печат“, тие ни открија што им подготвуваат на македонските обожаватели на големиот концерт во Скопје, но и поразговаравме за тоа каде ја црпат инспирацијата за создавање нова музика и кои се идните планови на „Буч Кесиди“.

Фото: Лука Трајковиќ

„Буч Кесиди“ ѝ е една од омилените алтернативни групи на македонската публика, која со нетрпение го очекува вашиот солистички концерт на 5 јули во Скопје. Какво е чувството пред повторната средба со македонските фанови?

– Секогаш се радуваме кога треба повторно да настапиме пред македонската публика. Долго не сме се виделе и едвај чекаме уште еднаш да засвириме за нашите фанови во Македонија, кои се навистина прекрасни и секогаш нè пречекуваат како да е првпат.

Покрај одличната енергија и добриот звук, што е она што можеме да го очекуваме од концертот во Скопје? Дали можеби ни подготвувате некакво изненадување?

– Не сакаме да ги уништуваме изненадувањата, но можеме да ви откриеме дека, меѓу другото, ќе можете да чуете некои наши песни што немате можност да си ги пуштите дома.

Фото: Промо

Што е она што прво ќе го направите кога ќе пристигнете во Скопје? Дали можеби ќе одвоите време да вкусите по некој специјалитет од македонската кујна?

– Сигурно ќе посветиме време за истражување на македонската кујна, кое досега секогаш се покажало како одлична идеја. Слободно пишете ни препораки на нашиот инстаграм-профил.

Што мислите за македонската алтернативна сцена и дали можеби посакувате да направите соработка со некоја македонска група во иднина?

– Македонската алтернативна сцена цвета! Има многу квалитетни музичари чија работа ја следиме и чија музика ја слушаме. На пример, такви се Дина Јашари, Драги Иванов, групата „21 век“, а и групата „Дупер“ има добри песни. Секако, неминовно е да ги спомнеме и „Фанк шуи“, со кои долго време се дружиме и приватно, а понекогаш и свириме заедно по настапите. Планираме да соработуваме со доста од овие изведувачи, но и да испиеме по некое утринско кафе со нив откако ќе стигнеме во Скопје.

Фото: Владимир Ниќифоровиќ

Во вашите песни многу често се проникнува темата за младешка љубов, емоционална ранливост и носење погрешни одлуки во романтичните односи. Каде ја црпите инспирацијата за создавање нова музика?

– Инспирацијата често ни доаѓа од ситуации што веќе се случиле и реченици што веќе се изговориле. Се трудиме да ги правиме песните засновани на такви елементи бидејќи, на тој начин, се поинтересни отколку да бидат измислени. Што се однесува до музиката, има многу музика што ја слушаме и сакаме, а никогаш не сме инкорпорирале таков звук и сензибилитет во нашите песни. Секогаш ни паѓа на ум некое ново влијание, кое би се вклопило.

Со песните „Цуримо по асфалту“, „Скупи снагу“ и „Требаш ми“ го најавивте вашиот трет студиски албум. Како оди подготовката на ова музичко парче и дали и новите песни ќе го имаат вашиот препознатлив авторски печат?

– Работата на албумот напредува одлично, поголемиот дел од годинава го посветивме на завршување на албумот и голем дел од него веќе е снимен. Песните сигурно ќе бидат препознатливи по она што досега го правевме, но со секоја нова песна се обидовме да одиме и чекор напред, во тематика и звукови што не сме ги имале досега.

Фото: Владимир Ниќифоровиќ

Милионските преслушувања на вашите песни и полните концертни сали ширум регионот се непобитен доказ за вашиот успех. Кои се вашите идни планови и што посакувате да постигнете во иднина?

– Секогаш правиме планови како да го унапредиме секој дел од нашата работа – како во студио со новите песни, така и со звучниот и визуелниот израз на настапите и новите спотови. Сакаме да ѝ создадеме на нашата публика искуство што ќе ѝ остане во сеќавање.
Се надеваме дека тие амбиции ќе се одразат на растот на концертите, но и на прифаќањето од страна на публиката која можеби сè уште не запаметила кои се „Буч Кесиди“.

За крај, која е вашата порака до вашите обожаватели пред скопскиот концерт?

– Едвај чекаме да ве видиме и да пееме заедно во Скопје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот