Интервју со Бобан Милошески, првиот човек на „Авалон продукција“: Грејс Џонс очигледно е доволно перверзна штом сака да пее во Македонија

Фото: Приватна архива

Една од најголемите музички ѕвезди во светот, безвременската Грејс Џонс, доаѓа во Скопје и ќе одржи концерт на 6 јули на стадионот на АРМ. Џонс останува три дена во Македонија, со сите свои интересни желби и барања на Рајдер списокот, како школки во бекстејџ, кристал шампањ и што ли уште не.

Легендарниот Лени Кравиц, пак, ќе има концерт на 4 август во Охрид, кој и покрај светската турнеја, прифатил милион компромиси и одлучи по третпат да дојде во Македонија.

Со Бобан Милошески од „Авалон продукција“, најстрасниот навивач на кошаркарскиот клуб Партизан, разговараме во интервју за „Слободен печат“.

Бобан Милошевски / Фото: Приватна архива

Грејс Џонс има концерт на 6 јули во Скопје. Колку е ова на некој начин и лична сатисфакција што успеавте во земјава да организирате концерт на ѕвезда од калибарот на Џонс?

– Суштината на мојата работа во „Авалон“ 90 отсто се состоела од исполнување мои лични хирови. На почетокот на септември се возевме во едно „морничаво“ добро возило „тесла“ на Ибица во раните утрински часови, и додека се враќавме од еден настап, свиреше радио и започна „Nightclubbing“ од Грејс Џонс. Јас во тој момент сфатив дека Грејс Џонс е многу повеќе од сите можни артисти и диџеи во 21 век и си поставив лична цел дека морам да направам сè да се обидам да ми дојде дома, во мојата напатена земја Македонија.

Нејзиниот настап е централен на „Скопје колинг“, какви се твоите очекувања?

– Немам никакви очекувања – очекувам да се преброиме колку нè има што знаеме која е, што е и зошто е Грејс Џонс. Искрено, јас одамна престанав да имам очекувања во мојот бизнис.

Фото: Продукција „Авалон“

Колку е тешко да се организира концерт, како овој на Грејс Џонс, и со оглед на тоа што таа првпат доаѓа во Македонија, останува три дена тука. И какви беа првичните реакции по поканата?

– Една од поголемите животни желби ми е да можам да го видам лицето на артистот кога менаџментот му ја презентира поканата од земја каква што е Македонија, ако ништо друго, со својата местоположба и како им објаснува каде треба да одат.
Без лажна скромност, тука голема улога игра сивито и тоа кој сè бил во Македонија во наша организација. Некој од артистите вели – сакам, некои велат – не сакам. Грејс Џонс е очигледно доволно перверзна за да сака.

Каква е нејзината Рајдер листа, има ли некои посебни барања?

– Има многу и тоа интересни, секогаш Рајдер листите кореспондираат со карактерот на артистот. На интернет кружат доста работи околу тоа, разноразни школки, готвачи што треба да ги отвораат школките на самото место во бекстејџ, шампањ „Кристал“… но за некој што тоа го консумирал и во Студио 54 во 80-тите, не е ништо невообичаено за Скопје во 2024-та.

Летово е и концертот на Лени Кравиц во Охрид… Ова е третпат тој да дојде во Македонија. До толку му е убаво кај нас?

– Морам да признаам дека како никогаш досега се искористени некои мои приватни корелации за да се случи ова, затоа што не знам колку тоа сите во моментов го перципираат, но Лени е ова лето сигурно една од 10-те најголеми ѕвезди на глобално ниво, кои се на турнеја. Има луѓе што паметат и луѓе што не паметат – Лени е од тие што паметат. Му беше презентирано каде треба да свири и човекот прифати милион компромиси тоа да се случи, што значи дека е очигледно дека навистина му се допаѓа Охрид.

Што да очекуваме годинава од „Охрид колинг“?

– „Охрид колинг“ секоја година е сè поголем и поголем бренд, со сè поинтересни и поинтересни артисти. „Охрид колинг“ е фестивал чија главна задача му е да создава спомени кај генерациите што растат со него и ние апсолутно ќе продолжиме во тој контекст да го правиме секоја година сè подобар и подобар.

Фото: Продукција „Авалон“

Ајде малку приватно… Како верен навивач на Партизан, какво е чувството постојано да сте на трибините, односно во ложата? Зошто токму Партизан и што за тебе значи овој кошаркарски клуб?

– Морам да дадам исправка на ова прашање – јас можам да бидам во ложа, се разбира, бидејќи натпреварите се играат во салата во која ние сме направиле повеќе од 10 концерти, но јас сум на сите натпревари намерно на трибина со другите најверни навивачи на Партизан. Мене „Партизан“ ми значи сè во животот, тој е мојата најголема болест, мојата најголема страст и ,„патња“ и јас сум прво навивач на Партизан, па потоа што било друго (освен татко, се разбира).

Инаку, станува збор за „традиционе ди фамилија“ која доаѓа од дедо ми, татко ми, кои тоа ни го пренесоа на мене и на брат ми Данче. Мојата страст на трибините е повеќе од нормална за да го надополнам неприсуството на Данче физички на нив.

Фото: Приватна архива

За крај, благодарение на „Авалон“, во Македонија дојдоа најпознатите светски ѕвезди, која е тајната на овој успех?

– Немам чувство дека сум успешен човек, освен ако под успех не се подразбираат следниве два сегменти – едниот е подигањето на цивилизациските вредности во Македонија во последниве 30 години, а вториот е тоа што живеам од тоа, што со големо задоволство би ми претставувало хоби кога би знаел да работам и нешто друго.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот